!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Се зголемуваат заштедите на населението и депозитите, оцени Народна банка


Скопје, 15 февруари, 2017 - 15:59 (META) 

Вчера се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка, на која беа разгледани состојбите и показателите за домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари.

Од Народна банка соопштуваат дека има сигнали за стабилизација во економијата и тоа го гледаат преку штедењето на населението и склоноста за располагање со девизи.

Kаматната стапка на благајничките записи се намали за дополнителни 0,25 процентни поени и таа сега изнесува 3,25 проценти.

– Првичните јануарски податоци упатуваат на понатамошен раст на штедењето на населението во банкарскиот систем, со што тие се зголемуваат осум месеци последователно. На девизниот пазар, по високиот износ на откуп во изминатите шест месеци, во јануари позицијата на НБРМ беше неутрална. Девизните резерви и понатаму остануваат на адекватно ниво. Солидната динамика на зголемување на депозитите на годишна основа продолжи и во текот на јануари – се вели во соопштението на Народна банка.


Заштедите на граѓаните се зголемиле само 1 процент, најмалку од 2001 година


Скопје, 31 октомври, 2016 - 14:17 (META) 

Заштедите на граѓаните изнесуваат 3,4 милијарди евра заклучно со септември и во овој квартал од годината се зголемиле само 1,3 отсто.

Ова денеска беше истакнато во Стопанска комора, на одбележувањето на Светскиот ден на штедењето организирано од Здржението за банкарство.

– Кон крајот на третиот квартал, имавме скромен пораст на заштедите од 1,3 отсто, што е најниско зголемување од 2001 година. Враќањето на довербата кон банкарскиот систем кај граѓаните е многу важно, бидејќи една половина од функционирањето на банкарскиот систем е благодарение на заштедите на граѓаните во банките – изјави Милица Арнаудова-Стојановска од Народна банка.

Таа потсети на случувањата во април и во мај кога банките го издржаа тестот на значително одлевање на депозитите, поради повлекување на заштедите од населението.

Според претеседателот на Здружението за банкарство, Коста Митровски, штедењето во овој период бележи нагорен тренд.

– Во април и во мај поради шпекулациите за девалвација на денарот, заштедите од страна на граѓаните беа повлечени. До граѓаните порачувам дека банкарскиот систем е стабилен, а оттука и нивните штедни влогови се сигурни. Наредниот период банките ќе бидат подготвени да го кредитираат населението и претпријатијата во насока на поголем економски пораст – изјави Митровски.

Министерот за економија, Кирил Миноски, кој имаше обраќање пред банкарите, истакна дека причината поради која се случува малото зголемување на заштедите на граѓаните во банките е политичката криза, шпекулациите за девалвација на денарот, но и мигрантската криза.Тој истакна дека штедењето е клучен столб во стабилноста на финансискиот систем.

На одбележувањето на Светскиот ден на штедењето, на 42 шалтерски работници во банките им беа доделени плакети за успешна работа.


Италијанскиот гувернер најави државна помош за банките


Рим, 8 јули, 2016 - 20:26 (META) 

Гувернерот на Централната банка на Италија, Игнацио Виско, изјави дека не ја отфрла можноста за државна интервенција во случај на проблеми со одредени банки.

Во Италија постои се поголема загриженост дека банкарскиот сектор, кој е оптоварен со ненаплатени кредити во износ од 360 милијарди евра, може да предзвика банкарска криза.

Италијанскиот министер за финансии, Пјер Карло Падоан, изјави дека државата продолжува дa ги истражува сите можни начини за да дозволи државна интервенција во согласност со прописите за државни субвенции, а за заштита на заштедите.


Се намалуваат депозитите на компаниите и на граѓаните


Скопје, 22 февруари, 2016 - 12:16 (META) 

Вкупните депозити во јануари изнесувале 4,87 милијарди евра и се намалиле за околу 80 милиони евра во однос на претходниот месец, кога изнесувале 4,95 милијарди евра, покажуваат последните податоци на Народна банка.

Депозитите на компаниите во јануари се намалиле за 73 милиони евра, така што сега тие изнесуваат 1,09 милијарди евра.

Заштедите на граѓаните, исто така, доживеале пад во јануари и изнесуваат 3,5 милиони евра за првиот месец од годинава.


Депозитите достигнаа 4,7 милијарди евра


Скопје, 26 мај, 2015 - 12:08 (META) 

Според податоци на Народната банка на Македонија, на крајот на април, вкупните депозити достигнале 4,7 милијарди евра, од кои на заштеди на домаќинствата отпаѓаат 3,38 милијарди евра.

Во истиот период, во однос на лани, депозитите на фирмите пораснале за 13,6 милиони евра и достигнале околу една милијарда евра.