!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Државата денеска се задолжи 71,6 милиони евра, утре треба да враќа 66,9 милиони


Скопје, 31 октомври, 2017 - 17:32 (META) 

Министерството за финансии денеска издало државни обврзници во вкупна вредност од 71,58 милиони евра, а најголемиот дел од вака добиените пари ќе ги потроши утре за враќање на 66,88 милиони евра земени преку претходно издадени државни хартии од вредност.

Како што соопшти Министерството, издадени биле едногодишни денарски обврзници, во вредност од речиси 49 милиони евра, со камата од 1,85 отсто, потоа двегодишни денарски обврзници во вкупна вредност од 5,14 милиони евра и камата од 2,1 отсто и тригодишни денарски обврзници во вредност од 8,72 милиони евра и камата од 2,35 отсто, како и 15-годишни девизни обврзници во вредност од 8,61 милиони евра со камата од 3,8 отсто.


Владата си овозможи поголемо задолжување на домашниот пазар


Скопје, 10 октомври, 2017 - 21:06 (META) 

Владата на денешната седница го усвои предлогот на Министерство за финансии за изменување на одлуката за утврдување на максималниот износ на ново задолжување преку издавање државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар за 2017 година, соопшти владината прес-служба.

„Одлуката за задолжување на домашниот пазар е донесена поради тековните поволни услови во споредба со условите на меѓународниот пазар и поради интересот кај инвеститорите во домашни хартии од вредност“, стои во соопштението.


Јовановиќ: Со ребалансот пративме порака, ќе кратиме на „чоколадо“ а ќе трошиме за „леб“


Скопје, 17 август, 2017 - 10:42 (META) 

„Министерот за задолжување“, Драган Тевдовски за 70 дена успеа да стопи цели 126 милиони евра пари на граѓаните од девизните резерви, се вели во утринското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

До сега, откако ВМРО-ДПМНЕ се опозиција, најголем дел од утинските партиски соопштенија се однесуваат на обвинувања за задолжувањето на оваа влада.

Иако министерот за финансии, Драган Тевдовски неколку пати кажа дека владата до сега повеќе се раздолжила отколку што се задолжила, со став на фејсбук-профилот излезе и советникот на Тевдовски, економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

„Откако ние влеговме во Министерството за финансии, се задолживме седум пати на домашниот пазар, во вкупен износ од околу 145 милиони евра. Истовремено, се раздолживме околу 95 милиони евра на домашниот пазар и 75 милиони евра во странство, кредитот од „Дојче банк“,“ вели Јовановиќ.

Според него, еднакво важно како движењето на долгот е и неговата цена, односно каматната стапка, а стапките по кои тие се задолжуваат се многу пониски од стапките на долгот кој го враќаат.

„Така, просечната стапка по која ние се задолжувавме е околу 2,5 проценти, додека каматната стапка на долгот кон „Дојче банк“ кој го вративме беше 6,5 проценти. Најважно од сè, сепак, е на што ќе се трошат овие пари, а тука ја направивме и најголемата промена. Со ребалансот на буџетот пративме јасна порака дека ќе кратиме на „чоколадо“, а ќе трошиме за „леб“. Скративме трошоци за „Скопје 2014“, за репрезентација, за патувања, за коли, а предвидовме средства за зголемување на минималната плата, за решавање на проблемот на стечајците, за подобро здравство, за вработување на младите“, додаде Јовановиќ.

Според него, законите за минималната плата и за стечајците до денеска беа заглавени во Собранието, заради блокадата, но се надева дека по повлекување на опозицијата од расправата за јавниот обвинител, конечно ќе може да се донесат.


Делев: Тевдовски ја задолжи државата за 43,9 милиони евра за да покрие буџетски дупки


Скопје, 15 август, 2017 - 16:54 (META) 

Владата на СДСМ за овој период ниту еднаш не се обиде да го намали јавниот долг како што ветуваше туку напротив, се повеќе долгот се продлабочува, обвини Христијан Делев на партиска прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

–  Владата на СДС и Тевдовски денес се задолжија за нови неверојатни 2,7 милијарди денари односно 43,9 милиони евра.  Заедно со денешната аукција за овие три месеци министерот Тевдовски има издадено државни хартии во вкупна вредност од 145 милиони евра. Средствата се собираат директно од македонските банки, кои наместо да се користат за кредитирање на македонското стопанство,  се користат за покривање на буџетската дупка – рече Делев.

Тој рече дека владата на СДСМ го покажала вистинското лице со ребалансот на буџетот, којшто предвидува дополнително задолжување од 150 милиони евра, а згора на тоа, почнале да ги намалуваат и девизните резерви.

– Владата на Заев мора да запре со неконтролираното задолжување и да одговори на македонската јавност каде парите ќе бидат искористени – порача Делев.


ВМРО-ДПМНЕ: Секоја минута задолжувањето изнесува 1.050 евра


Скопје, 14 август, 2017 - 9:36 (META) 

Секој ден нашата држава по основ на државни хартии од вредност се задолжува за 1,5 милиони евра, се вели во утринското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „за секој поминат час државата се задолжува за 62.500 евра додека секоја одмината минута задолжувањето изнесува 1.050 евра.“

„За 70 дена „министерот за задолжување“ Драган Тевдовски, успеа да го задолжи секој македонски граѓанин за нешто над 3.100 денари, односно 50 евра. Лицемерието е уште повидливо откако „министерот за задолжување“ успеа да стопи 126 милиони евра од девизните резерви“, се додава во соопштението.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата стопи 126 милиони евра од девизните резерви


Скопје, 11 август, 2017 - 14:53 (META) 

Во рок од два месеци, владата на СДС стопи 126 милиони евра од девизните резерви и се задолжи повеќе од 100 милиони евра само на основа на државни хартии од вредност, изјави на прес-конференција Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додаде дека со ребалансот на буџетот ќе се зголеми долгот за дополнителни 150 милиони евра.

– Со расипничкото и неодговорно работење, владата на СДС дневно ја задолжува државата за повеќе од 1,5 милиони евра, а притоа нема никаков ефект, нема проекти, нема почнување или довршување на канализации, водоводи, училишта, градинки, патишта… Ниту министерот за задолжување, Тевдовски, ниту Зоран Заев не даваат логично објаснување која е целта на повлекувањето на 126 милиони евра од девизните резерви или зошто се издаваат повеќе од 100 милиони евра државни хартии, многу повисоки износи од износите доспеани за исплата – изјави Кузмановска.


Утре е последен ден за пленарна седница и за изгласување на ребалансот на буџетот


Скопје, 5 август, 2017 - 18:10 (META) 

Пратениците ја завршија денешната расправа за ребалансот на буџетот, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, продолжението на седницата го закажа за утре, со почеток во 11 часот.

Утре е последен ден за пленарна расправа и се очекува пратениците да го изгласаат ребалансот на буџетот за 2017 година.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека вака како што е проектиран, ребалансот на буџетот нема да овозможи никаков пораст на економијата и тешко ќе бидат остварени 2,2 проценти пораст на домашниот бруто-производ. Тие предвидуваат дека до крајот на годината ќе има уште еден ребаланс.

Најмногу забележуваат за кратењето на капиталните инвестиции и на вложувањата во образованието, здравството и во руралниот развој.

Пратениците од власта, пак, сметаат дека ребалансот на буџетот е реален, ќе се скрати од непродуктивни трошоци и парите ќе се насочат кон граѓаните и општеството. Исто така нагласија дека ќе мора да се враќаат и стари долгови, бидејќи претходната влада се задолжувала со кредити со високи каматни стапки.


Пратениците и денеска ќе расправаат за ребалансот на буџетот


Скопје, 5 август, 2017 - 10:32 (META) 

Пратениците денеска на пленарна седница во Собранието, која ќе почне во 11 часот, четврти ден ќе расправаат за ребалансот на буџетот.

На досегашните расправи, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта дека со овој буџет ќе има ново задолжување, нема да се заврши ниту еден проект и дека ќе се зголеми буџетскиот дефицит.

Тие исто така сметаат дека со ребалансот нема да има поголеми плати, пензии, субвенции и нема поголем стандард на граѓаните, а на сметка на тоа има изградба на кампови за мигранти.

Власта смета дека со ребалансот на буџетот, парите се кратат од непродуктивни трошоци и се насочуваат кон граѓаните и компаниите.

Во однос на задолжувањето, министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека оваа влада повеќе се раздолжила отколку што ги задолжила граѓаните, а капиталните инвестиции се проектирани многу повеќе од она што во изминатите неколку години е реализирано.

Пленарната расправа за ребалансот на буџетот треба да трае пет дена.


Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со транспаренти додека Тевдовски говереше за буџетот


Скопје, 1 август, 2017 - 13:05 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на првата пленарна седница за ребалансот на буџетот пред пратениците во Собранието ја образложи целта на ребалансот.

Додека траеше експозето на Тевдовски, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кренаа транспаренти на кои главната порака беше дека „се крати од Македонија“ и беа наведени сумите што е предвидено да се скратат со ребалансот на буџетот. На транспарентите имаше и хаштаг „Пројде живот“.

Тевдовски рече дека основната цел на ребалансот на буџетот е да се зголеми животниот стандард на граѓаните и да се поддржат домашните претпријатија.

– Со ребаланост на буџетот предвидено е обезбедување на средства за реализација на владините мерки на краток рок, како што се зголемување на минималната плата на 12.000 денари, решенија за стечајците, поддршка за претпријатијата, земјоделците, укинување на радиодифузната такса – рече Тевдовски.

Тој додаде дека при правењето на ребалансот имале одредени ограничувања, како што се склучување договори за тековни или идни проекти кои ако се раскинат, државата ќе плаќа пенали. Затоа, скратиле на непродуктивни трошења, службени патувања, репрезентации и сл.

Вкупните расходи со ребалансот на буџетот се проектирани на 203.312.000 денари, приходите на 184.745.000 денари, а дефицитот 18.567.000 денари.

Во однос на задолжувањето, Тевдовски рече дека тоа ќе биде од домашниот пазар на хартии од вредност, но и ќе се следат каматите на меѓународниот пазар на капитал за да се обезбедат поволни кредити.

Тевдовски информираше дека економскиот пораст во првиот квартал од годината изнесувал нула проценти, а за целата година се предвидува 2,2 проценти пораст на домашниот бруто-производ.

Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Лилјана Кузмановска, која е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека нејзината партија и граѓаните се увериле дека овој буџет не е реформски.

– Се кратат капиталните инвестиции кои значат економски пораст и развој, а на сметка на тоа се зголемуваат платите и се отвораат позиции за да се вдомат партиски лица – истакна Кузмановска.


СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ ја загрози и исплатата на плати на припадниците на АРМ


Скопје, 25 јули, 2017 - 11:57 (META) 

Расипничкото владеење на ВМРО-ДПМНЕ ја загрози и исплатата на плати во АРМ, но Владата обезбеди сигурни плати и ја намалува стапката на задолженост, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во неа се додадва дека ниту едно „празно соопштение“ на ВМРО-ДПМНЕ не може да го сокрие нивното 11-годишно „тајно и расипничко задолжување за луксузирање и за криминално богатење на Никола Груевски и неговите соработници на сметка на осиромашените граѓани.“

„Расипничкиот однос кон парите на граѓаните од страна на ВМРО-ДПМНЕ ја загрози и исплатата на плати на припадниците на АРМ, како и одржувањето на мировните мисии во странство. Поради неодговорниот однос на претходната влада, во Министерството за одбрана недостигаа околу 100 милиони денари за плати, осигурувања и за дополнителен ангажман. Преку ребалансот на буџетот и со рационализацијата на трошоците, обезбедени се парите за целосна и навремена исплата на обврвските кон припадниците на АРМ“, се вели во соопштението на СДСМ.