!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Граѓаните не видоа бенефит од задолжувањето од 100 милиони евра, велат од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 9 август, 2017 - 15:23 (META) 

СДС, откако е на власт, за два месеци, само врз основа на аукции на државни хартии од вредност, ја задолжи државата за повеќе од 100 милиони евра, од кои граѓаните не видоа никаков бенефит, изјави на прес-конференција Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека со тие пари не се почнала изградба на нови училишта, ниту се почнала изградба на нови градинки, канализации, водоводи или слично.

– Напротив, со ребалансот тие дури и предвидоа кратење на овие проекти. Оттука, отворено се прашуваме за што новата влада на СДС ги потроши овие пари? Дали овие 100 милиони евра се за партиски вработувања, договорни услуги и за вдомување на шарени револуционери, твитер-ликови и комедијанти за дебели хонорари? – изјави Делев.


ВМРО-ДПМНЕ бара Владата да каже на што ќе ги троши парите од задолжувањата


Скопје, 20 јули, 2017 - 10:39 (META) 

Без трошка срам, владата на СДС има испланирано до крајот на годината, освен тековните задолжувања, да го зголемат долгот за дополнителни 150 милиони евра, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во соопштение утрово.

Во соопштението се додава дека досега владата на СДСМ само врз основа на аукции се задолжила околу 70 милиони евра.

„Последната аукција изнесуваше 10,6 милиони евра од која само 227.000 евра ќе се вратат како отплата на доспеан долг, а остатокот е чист долг на грбот на граѓаните. Владата на СДС молчи, не кажа ниту за што ќе се искористат овие пари, дали со нив ќе се прави некој пат, некоја канализација, некое училиште, градинка или болница. Напротив, средствата за ваквите проекти во ребалансот тие безмилосно ги кратат“, се додава во соопштението.


СДСМ: Ќе има ревизија на сите трошења на пари на граѓаните од Груевски и од соработниците


Скопје, 17 мај, 2017 - 16:43 (META) 

„Граѓаните набргу ќе ја добијат новата реформска влада, која детално ќе ги преиспита сите задолжувања што беа направени на крајно нетранспарентен начин изминативе години, а исто така ќе направи и детална ревизија на сите нетранспарентни трошења на парите од буџетот“, се вели во реакцијата на СДСМ на текстот „СДСМ наследува полн буџет од 180 милиони евра кеш за трошење, во 2006-та ВМРО-ДПМНЕ наследи само 1 милион евра и блокирана сметка“, објавен на порталот „Курир“.

Во реакцијата се вели дека досегашната власт на Никола Груевски го издигна јавниот долг на историски највисоко ниво, во висина од најмалку 4,7 милијарди евра.

„Пред 11 години, во 2006 година, јавниот долг изнесуваше само 1,8 милијарди евра. Новата реформска влада транспаретно и отчетно ќе раководи со јавните финансии и граѓаните ќе ги добијат сите потребни информации за нетранспарентните задолжувања и трошења направени изминативе години“, се додава во реакцијата на СДСМ.


Наумов: Државата да се откаже од сите задолжувања


Скопје, 13 септември, 2016 - 14:05 (META) 

Денешното соопштение од Министерството за финансии дека, наводно, се откажале од ново задолжување, е срамен и неуспешен обид да се прикаже наводна грижа за стопанството. Вистината е дека денешната аукција на државни хартии не е откажана, туку во наредниот период од седум дена до наредната предвидена аукција не доспеваат долгови за враќање кон домашните кредитори“, се вели во реакцијата на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Во соопштението од кабинетот на Наумов се додава дека во септември врз основа на домашно задолжување долгови за враќање доспеваат на 7, 21 и на 29 септември, а предвидени се уште аукции за задолжување на 20 и на 27 септември.

„Долгот што доспеваше на 7 септември во месецот се врати со средствата од аукцијата одржана еден ден претходно, со која дополнително јавниот долг се зголеми за нови пет милиони евра. Повторно се прави обид за манипулација со наводно намалување на домашно задолжување кон нула. Во согласност со официјалните податоци, домашното задолжување заклучно со месец август изнесува повеќе од 79 милијарди денари,“ се вели во соопштението на Наумов.

Од кабинетот на дополнителниот заменик-министер за финанасии, исто така, велат дека „вистински потег и грижа за стопанството и за економијата е да не се одржат аукциите предвидени во календарот заклучно со 31 октомври.

„На тој начин долгот кон домашните кредитори ќе се намали за 114 милиони евра, средства што вистински ќе можат да се искористат за придвижување на македонската економија и за подобрување на нејзината ликвидност,“ се додава во соопштението.


СДСМ: Со новиот предлог-ребаланс на буџетот за владата барокот е пред граѓаните


Скопје, 20 август, 2016 - 14:54 (META) 

Наместо владата експресно да им излезе во пресрет на граѓаните обезбедувајќи ги потребните 33 милиони евра преку стопирање на крајно непотребната изградба на панорамското тркало и „Рајската градина“, како и пренамена на средствата во висина од 20 милиони евра веќе обезбедени од четвртата еврообврзница издадена кон крајот на 2015 година, таа скроила план за нови криминали тешки 232 милиони евра, се вели во соопштението на СДСМ.

Од опозициската партија бараат веднаш, без одложување да се прекине изградбата на овие, како што велат, смешни проекти и да се пренаменат средствата на граѓаните кои втора недела се оставени сами на себе.

– Со ребалансот, ставката депозити не само што не предвидува на крајот на годината да останат 167 милиони евра, туку предвидува во 2016 да бидат дополнително искористени уште 65 милиони евра. Владата глумејќи помош, наместо да вложи максимални напори да им помогне на настраданите граѓани, се обидува да си обезбеди 232 милиони евра за предизборни манипулации – се додава во соопштението на СДСМ.

 


СДСМ: Нов долг од 12,6 милиони евра на товар на граѓаните


Скопје, 6 јули, 2016 - 16:30 (META) 

Министерството за финансии денеска реализираше ново задолжување на товар на граѓаните во висина од 12,6 милиони евра, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека иако првично Министерството за финансии побаруваше 5,4 милиони евра на домашниот пазар на капитал, сепак новото задолжување што го реализира е поголемо за 2,3 пати од првично планираното.

– Денешното ново задолжување има цел да го дополни раздолжувањето утре, но и да натовари дополнителни 7,2 милиони евра нов долг. Денеска изостана исплатата на пензиите, па се поставува прашање за министерот за финансии, Кирил Миноски, дали e буџетот толку исцеден што и редовната исплата на пензии е загрозена, па се чека ново задолжување за да можат да им се исплатат пензиите на пензионерите во предвидениот рок? – се додава во соопштението на опозициската партија.


СДСМ: На аукцијата на државни записи мал одзив од банките


Скопје, 21 јуни, 2016 - 16:13 (META) 

„Министерството за финансии, на чело со новиот министер Кирил Миноски и со согласност од гувернерот Димитар Богов, го спроведе денешното задолжување на домашниот пазар, без да одговори со чиј потпис се задолжени граѓаните. Според информациите, постои резервираност на банките на денешната аукција на државни хартии од вредност“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека Министерството за финансии ги задолжило граѓаните, но помалку од што сакала власта, бидејки на аукцијата немало доволен одзив од банките.

– Кријат со чиј потпис е нарачано новото задолжување, со оглед дека проспектите за аукцијата беа објавени кога Ставрески веќе имаше депонирано оставка, а неговиот наследник сè уште не беше избран од Собранието. Дали гувернерот Богов и НБРМ се соучесници во незаконско задолжување? И тие не одговорија врз основа на чиј потпис ја извршија функцијата агент на новото задолжување на домашниот пазар – се додава во соопштението на опозициската партија.


ВМРО-ДПМНЕ: Нема ништо незаконско во издавањето државни хартии од вредност


Скопје, 7 јуни, 2016 - 18:41 (META) 

Наместо да лаже и да манипулира, СДСМ треба на граѓаните да им објасни што е незаконско во издавањето државни хартии од вредност од страна на Министерството за финансии кога тие се предвидени со буџетот и гласани во Собранието, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на опозициската партија во врска со новото задолжување од 15,1 милиони евра.

„Според манипулациите од фабриките за афери на СДСМ, сите влади во светот на сите развиени економии го кршат законот со тоа што издаваат државни хартии од вредност. Според измислиците на фабриките за афери на СДСМ, токму СДСМ се првите кои го прекршиле законот бидејќи тие први почнаа да издаваат државни хартии од вредност во 2004 година. Дотолку повеќе што каматната стапка на државните записи во време на СДСМ беше дури пет пати поголема од денеска“, стои во реакцијата на владејачката партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека додека СДСМ ги повторува „излитените измислици“, Македонија е меѓу најниско задолжените земји во Европа.


СДСМ: Ставрески незаконски ги задолжи граѓаните за нови 15,1 милиони еврa


Скопје, 7 јуни, 2016 - 16:09 (META) 

Министерството за финансии на денешната аукција ги задолжи граѓаните за нови 15,1 милиони евра и покрај тоа што до следната аукција не доспеваат долгови за враќање, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него, исто така, се додава дека министерот за финансии Зоран Ставрески незаконски секоја недела го зголемува нелегитимниот долг на домашниот пазар на капитал.

– Од неодамна и тајно испитува пулс кај странските инвеститори за издавање петта еврообврзница, која ќе значи стотици милиони евра долг за граѓаните и нови милиони евра криминално истурени пари во џебот на „фамилијата“ – се вели во соопштението на СДСМ.


СДСМ: Продолжуваат задолжувањата на товар на граѓаните


Скопје, 2 јуни, 2016 - 13:01 (META) 

Министерот за финансии, Зоран Ставрески, без никакво објаснување, за следната недела побарува 11,5 милиони евра на три посебни аукции, иако нема планирано раздолжување потоа, се вели во соопштението што СДСМ денеска го испрати д медиумите.

Во него се додава дека и Европскиот совет во својот последен извештај забележува дека забрзаното темпо на задолжување и нетранспарентноста на буџетските трошења се меѓу главните проблеми во економијата во земјава.

– Сите аукции што ги спроведе Ставрески на домашниот пазар се нелегални и не смеат да паднат на грбот на граѓаните. Нетранспарентите трошења и ваквите неосновани задолжувања го доведоа буџетот пред колапс – велат од СДСМ.