Во железничка несреќа во Турција загинаа најмалку 24 лица


Истанбул, 9 јули, 2018 - 12:12 (META) 

Најмалку 24 лица загинаа во железничка несреќа кога воз излета од шините на западот на Турција, соопштија турските власти за новиот биланс на жртвите.

На местото на несреќата која се случи во неделата на границата со Грција, рано утринава беше продолжена операцијата за потрага и спасување.

Патничкиот воз со вкупно 368 лица излета кај селото Сарилар кај Истанбул, на границата со Грција.Околу стотина возила на Итна медицинска помош како и воени хеликоптери се упатиле за помош на повредените патници.

Локалните власти соопштија дека несреќата се случила поради обилните дождови во тој регион.


РСС: Само осум отсто од граѓаните во земјите во регионот учествувале на јавни протести лани


Виена, 11 јуни, 2018 - 11:31 (META) 

Учеството на јавноста во креирањето на политиките на земјите од Западен Балкан е тема на конференција која се одржува од денеска во Виена, на која учествуваат раководители на одели од министерствата за правда, министерствата за администрација и јавна управа и министерствата за европски интеграции на земјите од регионот.

Конференцијата ја организираат Регионалниот совет за соработка (РСС) заедно со Регионалната школа за јавна управа и Центарот за истржување на јавната управа од Австрија.

Целта на Конференцијата е да се подигне свеста кај властите во земјите од Западен Балкан (ЗБ) за зголемување на стандардите за вклучување на јавното мислење при креирањето на политиките што ги спроведуваат владите и нивните министерства. Притоа ќе биде дискуирано и околу неодамна усвоената Препорака за учество на јавноста во креирањето политики на ЗБ, донесена од министри на шесте земји од регионот.

На Конференцијата, како што соопшти РСС, ќе се претстави и дистрибуира цел сет на повеќејазични материјали за информирање на јавноста и подигање на свеста – леток со Препораката, видео материјал и брошура, со цел анимирање на јавноста околу оваа проблематика.

Според истражувањето на јавното мислење што го спроведува РСС секоја година – Балкански барометар 2017, само осум отсто од граѓаните во земјите во регионот учествувале на јавни протести, пет отсто јавно ги коментирале владините одлуки на социјалните мрежи, а само 3 отсто учествувале во јавни расправи.


Хуманитарна катастрофа во Доума, поради голем број на бегалци и недостаток на храна


Доума, 12 март, 2018 - 11:28 (META) 

Сирискиот град Доума се соочува со хуманитарна катастрофа, откако стана единствено прибежиште за илјадници луѓе кои бегаат од владините сили кои се во офанзива на Источна Гута, регион кој го контролира опозицијата.

Илјадници семејства бараат засолништа по улиците и парковите, имајќи предвид дека засолништата се преполни, а има и недостаток на храна.

Силите на сирискиот претседател Башар ал Асад напредуваат во офанзивата против енклавата недалеку од Дамаск, која ја држат опозициските сили.

Поради честите бомбардирања, стотиците загинати не можат достојно да бидат погребани.


Нивото на водата во Тексас се очекува да се зголеми, Хјустон парализиран


Хјустон, 29 август, 2017 - 11:20 (META) 

Нивото на водата би можело дополнително да се зголеми по силните дождови од ураганот Харви, кој го зафати Тексас и однесе осум човечки животи, соопштиле властите на оваа сојузна американска држава, јавуваат светските агенции.

Властите навеле дека се ангажирани илјадници војници, полицајци, спасувачки екипи и цивили, кои со помош на хеликоптери, чамци и на специјални камиони за движење низ длабока вода се обидуваат да ги спасат стотиците жители на Тексас кои и понатаму се заробени во поплавите.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој денеска треба да ги посети загрозените подрачја, вети дека федералната влада на САД ќе му помогне на Тексас во „долгиот и тежок пат на закрепнување“ од ураганот.

Училиштата и административните канцеларии во Хјустон се затворени, како и главниот аеродром, повеќе автопати, железничкиот сообраќај и болниците, од кои пациентите беа евакуирани во текот на викендот.

Се очекува невремето да продолжи во Тексас и во наредните неколку дена, а според најавите, поплавите би можеле да се прошират и во сојузната држава Луизијана.

Ураганот Харви, кој е најсилен ураган што ги погодил САД од 2005 година, го погоди брегот на САД кај Тексас, ноќта помеѓу петокот и саботата минатата недела, со брзина на ветрот од 205 километри на час, движејќи се долж брегот. Ураганот во саботата ослабе на ниво на тропска бура.


Протест во Барселона против масовниот туризам


Барселона, 12 август, 2017 - 17:02 (META) 

Стотина жители на Барселона денеска се собрале на градската плажа во знак на протест поради неконтролираниот пораст на масовниот туризам во оваа популарна туристичка дестинација во Шпанија, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Протестот била организиран од група локални жители под паролата „Плажата им припаѓа на сите“.

Тие тврдат дека неконтролираниот прилив на турсти ја зголемил цената за закуп на станови, а уште една работа која им пречи е проблематичното однесување на туристите.

Во Барселона и во други делови на Шпанија, пренесува сервисот, зголемени се тензиите меѓу властите и левичарските групи кои почнаа акција против масовниот туризам.

Шпанија, земја која брои околу 46 милиони жители, минатата година ја посетиле 75,3 милиони туристи, додека бројот на посетители во првата половина од оваа година е зголемен за 12 отсто.


Откажани повеќе летови во САД поради снежната бура на североистокот


Вашингтон, 14 март, 2017 - 10:33 (META) 

Снежната бура, која ја најавија метеоролошките служби на САД, го погоди денеска североисточниот дел на државата, поради што се откажани повеќе летови. Властите им препорачаа на луѓето да останат во своите домови.

Државните училишта во Њујорк, Бостон, Вирџинија и во Филаделфија се затворени.

Националната метеоролошка служба на САД издаде предупредување за снежна бура во региони во осум сојузни држави, вклучувајќи ги Њујорк, Пенсилванија, Њу Џерси и Конектикат.

Според прогнозите, до утре ќе се формира снежна покривка до 60 сантиметри.

Поради зимската бура, беше откажана и планираната посета на германската канцеларка Ангела Меркел на Вашингтон.


Во рудник за јаглен во Индија загинаа 16 лица


Бомбај, 31 декември, 2016 - 15:50 (META) 

Бројот на жртвите во несреќата што се случи во рудник за јаглен на истокот на Индија се зголеми на 16, а спасувачите трагаат по уште тела, пренесуваат светските медиуми.

Несреќата се случи кога земјен одрон го затрупа отворот низ кој рударите влегуваат во рудникот, кој се наоѓа во индиската покраина Јарканд.

Акцијата за спасување продолжува, бидејќи властите стравуваат дека има повеќе затрупани тела.

Јарканд е индиска област која е богата со минерали и во неа се наоѓаат 29 проценти од наоѓалиштата на јаглен.


Авион во Индија излетал од пистата, повредени 15 лица


Њу Делхи, 27 декември, 2016 - 10:11 (META) 

Авион на индиската авиокомпанија  „Џет ервејз“ се излизга од пистата на аеродромот во Гоа, на западот на Индија, а во инцидентот потешко се повредени 15 лица, соопштија индиските власти.

Сите патници биле евакуирани, јавуваат индиските медиуми.

Причината за несреќата сè уште не е позната, а во авионот кој во моментот на инцидентот се подготвувал да полета за Мумбај, се наоѓале 161 патник и членови на екипажот.

Авионот подоцна успешно полетал.

Гоа е позната по големите песочни плажи и секоја година за време на божиќните празници ја посетуваат неколку илјади туристи.


Тројца турски војници ќе бидат екстрадирани од Грција


Атина, 6 декември, 2016 - 15:14 (META) 

Тројца од осумте турски војници што бараа азил во Грција по обидот за воен удар против Ердоган ќе бидат екстрадирани назад во Турција. Грчкиот апелационен суд денеска одлучи тројца од војниците да бидат вратени во Турција бидејќи смета дека се виновни за обид за уривање на турската влада, опструкција на работата на собранието и за кражба на хеликоптер.

Одлуката предизвика големо изненадување бидејќи вчера истиот суд одлучи други тројца војници да не бидат екстрадирани како што бара турската влада и да бидат пуштени на слобода. Под знак прашалник останува судбината на уште двајца војници, за кои ќе се одлучува во следните денови.

Тројцата кои треба да бидат екстрадирани во Турција најверојатно ќе поднесат жалба до судот против одлуката.

Војниците пред судот се бранеа дека доколку бидат вратени во Турција, нема гаранција за нивниот живот и за добросостојбата на нивните семејства, како и дека најверојатно нема да имаат право на фер судење.

Осумтемина војници слетаа во Александруполи во јули годинава со турски хеликоптер веднаш по обидот за воен удар во Турција и побараа азил во Грција. Комисијата за азил ги одби барањата, но војниците се жалеа на суд и чекаат одлука од второстепената комисија за азил.

Случувањата со турските војници предизвикаа загриженост за нов инцидент меѓу Грција и Турција. Грчките власти, иако веднаш ја поддржаа турската влада, сепак беа растргнати меѓу турските притисоци и барања за екстрадиција од една страна и заканите на турскиот претседател и функционери дека пучистите може да се соочат со смртна казна ако бидат вратени назад во Турција.


Бројот на загинати во пожарот во Оукленд можно е да достигне 40 лица


Оукленд, 4 декември, 2016 - 13:14 (META) 

Властите во градот Оукленд, во американската сојузна држава Калифорнија, стравуваат дека бројот на загинати во пожарот што избувна во магацин од зграда за време на забава, би можел да изнесува неколку десетици лица, јавуваат светските медиуми.

Локалните власти веќе ја потврдија смртта на девет лица кои присуствувале на забавата, но оттаму посочиле дека бројот на загинати можно е да достигне 40 лица.

Пожарот избувнал вчера, триесетина минути пред полноќ според локално време, а од огнот се урнал покривот на магацинот, што дополнително ја компликува работата на спасувачките служби за извлекување на телата на настраданите.

Според агенциите, во моментот на избувнувањето на пожарот во магацинот, кој се користел како студио од страна на група музичари и уметници, имало од 50 до 100 луѓе.

Пожарникарите кои интервенирале утврдиле дека во зградата и во магацинот немало никаков противпожарен систем и дека целиот простор бил натрупан со инвентар, поради што единствениот излез бил преку дрвените скали.