!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Убиени 37 затвореници во затвор во Венецуела


Каракас, 17 август, 2017 - 10:50 (META) 

За време на упадот на владините безбедносни сили во затворот во венецуелскиот град Пуерто Ордас се убиени 37 затвореници.

Активистите за човекови права веќе подолго време предупредуваат дека насилните банди вежбаат „одржување контрола“ на повеќето хаотични затвори во оваа земја, како и дека имаат пристап до автоматско оружје и рачни гранати.

Владата се обидува повторно да воспостави контрола над затворите со мал број на вработени, испраќајќи специјални единици од време на време, но конфронтациите со смртоносен исход се чести.


САД ќе ја искористат својата моќ за да ја вратат демократијата во Венецуела, порача Пенс


Вашингтон, 14 август, 2017 - 20:23 (META) 

Американскиот потпретседател Мајк Пенс порача дека САД ќе ја искористат својата економска и демократска моќ за да дојде до обновување на демократијата во Венецуела.

– Претседателот (Доналд) Трамп многу јасно стави до знаење дека нема да стоиме настрана додека Венецуела тоне во диктатура. Состојбата во Венецуела е лоша и се заканува да ја загрози безбедноста и просперитетот на целокупната хемисфера и на народот на САД – рече Пенс.

Тој истакна дека САД имаат многу опции за Венецуела, но оти претседателот Трамп останува уверен дека соработувајќи со нивните сојузници ширум Латинска Америка може да се постигне мирно решение.

Трамп во петокот се закани со воена интервенција во Венецуела, што предизвика осуда ирум Латинска Америка.


Синот на Мадуро се закани дека со пушки ќе ја заземе Белата куќа


Каракас, 14 август, 2017 - 16:17 (META) 

Гуерa Мадуро, синот на претседателот на Венецуела Никола Мадуро, се закани дека ќе ја заземе Белата куќа со оружје доколку претседателот на САД, Доналд Трамп испрати војска во неговата земја.

Белата куќа го осуди режимот во Венецуела поради кршењето на човековите права, а минатата недела Трамп рече дека не ја исклучува можноста за воена интервенција во оваа земја.

Синот на Мадуро му одговори на Трамп, но погрешно ја одредил локацијата на седиштето на американскиот претседател, па наместо Вашингтон, го споменува Њујорк, пренесува „Си-ен-ен“.

– Ако се оствари тој неверојатен чин на напад на нашата татковина, пушките ќе стигнат во Њујорк. Господине Трамп, ние ќе дојдеме да ја заземеме Белата куќа – изјави Гуерa Мадуро.


Трамп не ја исклучува можноста за воена акција во Венецуела


Вашингтон, 12 август, 2017 - 10:41 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази загриженост поради хуманитарната криза во Венецуела, додавајќи дека не ја отфрла можноста за воена акција како одговор на политичката ситуација во оваа земја, јавуваат светските агенции.

Трамп изјавил дека сите опции се на маса поради антидемократските случувања во Венецуела, вклучувајќи и воена интервенција.

Министерот за одбрана на Венецуела, Владимир Падрино, пак изјавил дека заканите на Трамп се „акт на лудост и краен екстремизам“.

Белата куќа соопшти дека Трамп ќе разговара со претседателот на Венецуела, Николас Мадуро тогаш кога во земјата повторно ќе биде воспоставена демократија.


САД воведоа санкции против осум државјани на Венецуела


Вашингтон, 10 август, 2017 - 10:27 (META) 

САД денеска воведоа санкции против осум лица од Венецуела, вклучувајќи го и братот на покојниот претседател Хуго Чавез, поради поткопување на демократијата во земјата.

Американското Министерство за финансии соопшти дека лицата кон кои се воведени санкциите се сегашни или поранешни владини претставници кои Вашингтон ги обвинува за основање на Уставотворното собрание.

Телото, кое има задача да го измени Уставот, денеска се самопрогласи за претпоставено над сите други државни институции, вклучувајќи го и парламентот.

САД претходно воведоа санкции за претседателот Николас Мадуро.


Напад на шпанската амбасада во Каракас


Каракас, 4 август, 2017 - 11:12 (META) 

Шпанската амбасада во Каракас е погодена со повеќе рачно изработени експлозивни направи, соопштија венецуелските власти.

Обвинителството наведе дека две лица на мотор вчера кон амбасадата фрлиле повеќе молотови коктели. Нема информации за повредени или материјална штета, а полицијата и обвинителството го истражуваат случајот.

Венецуела се соочува со повеќемесечни протести и со политичка нестабилност поради желбата на претседателот Николас Мадуро да го измени уставот.

Денеска се очекува да се одржи конститутивната седница на Уставотворното собрание, избрано во неделата.


Главната обвинителка на Венецуела поведе истрага за изборна измама


Каракас, 3 август, 2017 - 16:53 (META) 

Главната државна обвинителка на Венецуела, Луиза Ортега, отвори истрага за наводната измама за време на контроверзните избори одржани во неделата.

Изборите за уставотворно собрани, според опозицијата, се „проект на претседателот Никола Мадуро“.

Ортега, која е жестока критичарка на претседателот Мадуро, повика да се спроведе независна ревизија на изборите.
Овој потег доаѓа само неколку часа откако британската компанија што го креирала системот за гласање, „Смартматик“, наведе дека бројката за излезност на гласачите е „напумпана“.

Претседателот Мадуро ги отфрли ваквите тврдења.

Опозицијата, која ги бојкотираше изборите, смета дека социјалистичкиот претседател со планот за измена на Уставот планира да го заобиколи Конгресот, во кој опозицијата има мнозинство и да ги избегне претседателските избори што треба да се одржат кон крајот на 2018 година.


САД најавија брзи и одлучни мерки против Венецуела


Вашингтон, 31 јули, 2017 - 10:37 (META) 

Американските власти остро ги осудија изборите за членови на Уставотворното собрание во Венецуела и најавија „брзи и одлучни мерки“ против владата на социјалистичкиот претседател Николас Мадуро.

„САД ги осудуваат изборите што го загрозуваат правото на народот на самоопределување“, наведе американското министерство за надворешни работи и додаде дека САД ќе преземат „брзи и одлучни“ против Венецуела.

САД и претходно се заканија со санкции.

Повеќе од осум милиони гласачи, или 41,53 отсто, гласаа вчера за членови на Уставотворно собрание на Венецуела, кога почнаа насилствата во кои загинаа десет лица.

Опозицијата, која ги оспори изборите, смета дека Мадуро планира со измени на уставот за да го заобиколи избраниот Конгрес, каде опозицијата има мнозинство, но и за да ги избегне претседателските избори кои треба да се одржат кон крајот на 2018 година.


Десет загинати во хаосот на улиците во Венецуела откако Мадуро прогласи победа


Каракас, 31 јули, 2017 - 9:55 (META) 

Претседателот на Венецуела, Никола Мадуро, прогласи победа на изборите за Уставотворно собрание. Повеќе од осум милиони гласачи, или 41,53 отсто вчера гласаа за членови на Уставотворното собрание на Венецуела, а изборниот процес го обележа насилство во кое загинаа десет лица, соопштија властите на земјата.

– Имаме Уставотворно собрание – рече Мадуро, обраќајќи се пред стотина приврзаници во Каракас, откако изборната комисија соопшти дека излезноста на граѓаните изнесува 41,5 отсто.

Опозицијата, сепак, наведува дек изленоста била околу 12 отсто, додавајќи дека власта е подготвена да соопшти дека на изборите гласале 8,5 милиони гласачи.

– Тоа е најголемата победа што револуцијата ја оствари во својата 18-годишна историја – рече Мадуро.
За време на гласањето, демонстрантите се судрија со безбедносните сили, додека голем број Венецуелци го бојкотираа гласањето за Уставотворно собрание, за кое левичарскиот претседател Мадуро вети дека ќе почне „нова ера на борба“ во земјата која е погодена од криза.

Според наводите на властите, при судирите 10 лица загинаа, поради што вчерашниот ден е најсмртоносен откако во април почнаа протестите во земјата.

Мадуро, кој меѓу мнозинството Венецуелци е непопуларен поради економскиот колапс за време на четиригодишното претседателствување, инсистираше на вчерашното гласање да се оформи собрание кое ќе има широки овластувања, и покрај заканите од САД за санкции и повеќемесечните протести на опозицијата.

Критичарите предупредуваат дека собранието би му овозможило на Мадуро да го распушти Конгресот со кој раководи опозицијата, да ги одложи идните избори и да ги измени изборните правила за да го спречи тргањето на социјалистите од власт во оваа своевремено просперитетна земја членка на ОПЕК.


Малолетник убиен на протестите во Венецуела


Каракас, 27 јули, 2017 - 11:51 (META) 

Шеснаесетгодишно момче е убиено за време на демонстрациите против претседателот на Венеција, Николас Мадуро, соопшти обвинителството. Тоа е втора жртва во новиот бран протести.

Обвинителството не го објави името на настраданото момче ниту, пак, детали за околностите под кои го загубило животот.

Претходно беше убиен 30-годишен маж, за време на протестот во Ехида, на западот на земјата.

Со ова вкупниот број на жртвите од почетокот на демонстрациите против Мадуро пред четири месеци достигна 105 лица.
Во земјата во моментов се одвива дводневен национален штрајк по повод планот на власта за одржување гласање за основање уставотворно собрание.

Опозицијата одбива да учествува на таквото гласање и смета дека Мадуро со измените на уставот сака да ја зацврсти својата власт.

САД воведоа санкции против 13 високи претставници на Венецуела, вклучувајќи и мерки за замрзнување на имот и забрана за работење со нив.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела најави воведување на поостри економски санкции доколку Мадуро го одржи гласањето, закажано за 30 јули.