Ѕанакопулос: Нам не ни се брза, чекаме Заев да ни се јави ако ги прифаќа условите


Атина, 4 јуни, 2018 - 11:51 (META) 

Во 13 часот денеска, грчкиот премиер Алексис Ципрас во Атина има средба со Вартоломеј. Во светлина на последните настани со писмата на македонскиот премиер Зоран Заев и на Светиот синод до Вселенската патријаршија, оваа, инаку протоколарна средба добива ново значење.

Во врска со преговорите околу името од Атина велат дека „тие чекаат Заев да се јави“, како и дека „тој треба да ги прифати или не условите, а дека ним не им се брза“.

– Грчката страна чека на Зев да го направи решавачкиот чекор за да дојдеме до договор. Топката е на нивен терен – рече владиниот портпарол Димитрис Ѕанакопулос, а пренесуваат грчките медиуми.

Тој не ја исклучува можноста до тој телефонски разговор да дојде уште денеска но, како што рече,  „прашањето е дали Заев е подготвен да потпише“.


Западен Балкан бара начин за решавање на тешката материјална положба на Ромите


Бар, 31 мај, 2018 - 15:42 (META) 

Од 83 до 94 отсто од загрозените Роми што живеат во регионот на Западен Балкан не можат да си дозволат основни материјални работи за нормален живот, а многу домаќинства се уште немаат пристап до вода од чешма и до јавен канализациски систем, ниту пак нивниот отпад некој го собира и го складира.

Ова се дел од прелиминарните податоци на Регионалното истражување за Ромите на УНДП и на Светска банка, што денеска ги презентираше Орхан Усеин, координатор на акциониот тим на Проектот Интеграција на Ромите 2020, на Регионалниот совет за соработка (РСС), зборувајќи на дводневната меѓународна конференција за Ромите што се одржува во Бар, Црна Гора.

Конференцијата, на која присуствуваат преку 80 претставници на земјите од Западен Балкан и од Турција, има за цел министерствата од овие земји што се задолжени за интеграција на Ромите, да се запознаат со начините за најдобро решавање на проблемот со подобрување на станбеното прашање на Ромите. Како што соопшти РСС, посебен фокус на Конференцијата е ставен врз легализација на дивите ромски населби и на социјалните станови, како и заземање на целосен и одржлив пристап за создавање на трајни услови за живот.

„За да се реши прашањето за станбено згрижување на Ромите на најадекватен начин, сите земји од регионот треба бараат начини за одржливо финансирање на станбени фондови, не само преку нови модели на финасирање, туку и преку користење на празни станбени згради и намалување на долгорочните трошоци на станбеното згрижување“, подвлече Усеин.

Проектот „Интеграција на Ромите 2020 од 2016 година“ е поддржан и од Фондацијата Отворено Општество и од Европската Унија, која прашањето на интеграцијата го наведе како еден од условите за пристапниот процес на земјите кандидати за членство.


Градежниците ќе одговорат на офанзивната градба на патишта, ако се знаат условите


Скопје, 30 март, 2018 - 14:08 (META) 

Градежните компании ќе може да ја следат динамиката на офанзивата за изградба на патишта во државата, ако има добар план и организација, одговори на новинарско прашање претседателот на  Градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Ивица Јаќимовски.

– Компаниите имаа капацитет да го спроведат овој план ако има добра организација, основен проект и континуитет во извршувањето. Потребно е да биде обезбедена динамика на реализација, редовно сервисирање на обврските и плаќања, поставување на рокови. Но, релизацијата на изградбата на патната инфраструктура ќе зависи и од временските услови – рече Јаќимовски.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, рече дека планот за изградба на патната инфраструктура е јасен и не гледа проблеми во изведбата, бидејќи средствата се обезбедени.

– На тендерите на Јавното претпријатие за државни патишта може да се јават сите заинтересирани домашни компании, бидејќи постапките ќе бидат транспарентни. Најголем дел од компаниите кои ги градат автопатиштата се домашни, а тие се и главни подизведувачи. Така што нашите градежни фирми се максимално вклучени во изградбата на инфраструктурата-  рече Сугарески.

Денеска во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) компaниите разговараа со Сугарески за можностите за стимулирање и развој на секторот, актуелната состојба, законската регулатива, како и за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење.

Согласно најавениот буџет и инвестиции, Градежната комора на Македонија очекува стабилизирање и подобрување на состојбата во градежништвото .

Јаќимовски апелираше до властите да се носат поквалитетни детални урбанистички планови, затоа што за непланското градење, вината не ја гледа во инвеститорите, туку во локалната самоуправа.

 


Автопатот Кичево – Охрид во сериозни проблеми, Кинезите поставуваат услови


Скопје, 12 март, 2018 - 15:05 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев вели дека зголемувањето на бруто-домашниот производ од 3,2 проценти за оваа година може да се постигне со поттикнување на градежништвото, но не во проекти како „Скопје 2014“, туку преку изградба на инфраструктурата.

Тој додаде дека градежништвото стагнира или е во минус, бидејќи се наследени проекти кои се штетни.

– Можеме да земеме кредит од 500 милиони евра за „Битола 2022“, но што сме постигнале со тоа? Нашата определба е да ги ставиме инфраструктурните проекти во функција. Изградбата на автопатот Кичево – Охрид има сериозни проблеми, бидејќи кинеската компанија „Синохидро“ бара нови средства и поставува непријатни услови кон македонските компании. Имаме две опции или да го раскинеме договорот со нив или да го продолжиме и да издвојуваме нови средства – рече Анѓушев.

На денешната средба со компаниите членки на Сојузот на стопански комори ССК, тој им порача дека може да ги користат средствата предвидени во третиот столб од Програмата за економски пораст, а кои се даваат преку Фондот за иновации.

 


Јункер: Ниту една земја од Западен Балкан не ги исполнува условите за влез во ЕУ


Софија, 1 март, 2018 - 16:45 (META) 

Претседателот на Европска комисија, Жан Клод-Јункер по посетата на Софија истакна дека ниту една од земјите од Западен Балкан не ги исполнува условите за влез во ЕУ.

-Тие што сакаат да и се приклучат на ЕУ, треба да ги исполнат сите критериуми и услови за влез, но во овој момент ниту една од овие држави не ги исполнува и покрај тоа што има огромен напредок кај сите – рече Јункер.

Тој порача дека земјите прво мора да ги решат граничните спорови за да ги исполнат условите за влез во ЕУ.

На средбата во Софија учествуваа претседателите и премиерите на Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово. Од Унијата покрај Јункер беа и високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.


Европската десница ја поздрави Стратегијата на ЕК за Западен Балкан


Брисел, 6 февруари, 2018 - 16:27 (META) 

Претседателот на европската десница Жозеф Дол денеска ја поздрави „долгоочекуваната“ Стратегија за Западен Балкан и порача дека Европската народна партија (ЕПП) останува посветена на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, но истовремено очекува од нејзините партнери да ги исполнат реформите што ги презеле за доброто на својот народ и регионот во целина.

Сепак, тој во изјавата додава, дека „за жал многу од актуелните лидери во регионот заземаат сосема поинаква насока од онаа што ја бара ЕУ”.

„Земјите од Западен Балкан се наши најблиски партнери и географски се веќе внатре во границите на ЕУ. ЕПП останува подготвена и посветена да ја поддржи нивната интеграција во ЕУ и да им помогне во нивниот реформски пат. Но, останува уште многу работа“, вели Дол.

Дол нагласува дека имплементацијата на неопходните реформи и решавањето на отворените билатерални спорови останува јасен предуслов за членство во ЕУ.

„Змејите од Западен Балкан мора, исто така, да продолжат со борбата против корупцијата, почитувањето на владеењето на правото и воспоставување на независен правосуден систем. Само тогаш нивните економии ќе се стаблизираат, привлекувајќи нови инвестиции, создавајќи нови работни места и просперитет за нивните граѓани, особено младите“, вели претседателот на ЕПП.


ЗНМ: Лани биле нападнати 18 новинари, никој не е повикан на одговорност


Скопје, 22 јануари, 2018 - 14:17 (META) 

Минатата година во Македонија вкупно се регистрирани 18 напади на новинари, од кои 13 физички и вербални напади, додека останатите се навреди, попречување во работа и уништување на имотот, се вели во Извештајот за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија за 2017 година кој денеска го презентираше Здружението на новинари.

– Минатата година во Македонија новинарите беа уценувани, прогонувани, тепани, добиваа смртни закани, се прогласуваа за предавници. Насилниците физички и вербално ги напаѓаат новинарите затоа што сакаат да ги заплашат и замолкнат со цел јавноста да не дознае за злоупотребите на власта – рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Тој изрази загриженост што Обвинителството досега не покренало ниту едно обвинение пред судовите за насилство против новинарите и говор на омраза.

Селмани посочува дека најбрутален физички напад врз новинарите беше извршен за време на насилствата во Собранието на 27 април.

– Овие насилници физички ги нападнаа новинарите и снимателите и ги спречија да известуваат од Собранието. Притоа им ги одземаа и им ги оштетија камерите и мобилните телефони. Освен тоа, некои од нив, под закана и со оружје, беа со часови држени како заложници, а притоа полицијата не им пружи никаква заштита – вели Селмани.

Како извор на насилствата во 2017, Селмани посочува дека во 95 отсто од нападите се извршени или мотивирани од претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Според него загрижува што и по промената на власта обвинителство не покажува поголем интерес за процесуирање на овие напади.

Во периодичниот извештај на експертот Прибе од септември 2017 година на оваа тема се вели дека „Иако има извештаи за малтретирања, закани и насилства врз новинарите, се тврди дека надлежните не истражуваат, обвинуваат или ги казнуваат извршителите со што се остава впечаток на неказнивост. Заштитата на новинарите од неказнивоста на извршителите треба да биде приоритет, бидејќи нападите против новинарите кои се ја вршат работата се во суштина напад врз основните вредности на демократската држава“.

Во извештајот на ЗНМ се констатира дека покрај недостигот на безбедност во работата, новинарите во Македонија работат под исклучително лоши економски услови. Тие имаат мали и нередовни плати, а немаат ниту договори за трајно вработување кое негативно влијае на нивната професионална независност.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


ЕК: Македонија и натаму ги исполнува условите за визна либерализација


Брисел, 21 декември, 2017 - 19:20 (META) 

Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија и натаму ги исполнуваат условите за визна либерализација, но потребни се акции во одредени специфични области за зачувување на нивната одржлива имплементација, се вели во соопштението на Европската комисија за нејзиниот последен извештај за спроведувањето на обврските од визната либерализација за земјите од Западен Балкан и Источното партнерство.

– Ние сме целосно посветени на заштита на визната либерализација за граѓаните на земјите од Западен Балкан и од Источното партнерство. Обезбедувањето на оваа либерализација доаѓа со обврски, како за граѓаните така и за властите. Ние ги признаваме напорите на земјите за обезбедување на остварениот напредок и дека реформите даваат конкретни резултати, но сепак е потребно натамошна работа. Очекуваме сите држави да ги интензивираат напорите за справување со нерегуланата миграција и спречување на организираниот криминал и корупцијата – изјави еврокомесарот за миграција, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос.

Инаку, ова е прв извештај на ЕК според новиот мониторинг систем за следење на петте земји од Западен Балкан и на трите држави од Источното партнерство – Грузија, Молдавија и Украина, кои ги завршија преговорите за визна либерализација со Европската Унија.

Според извештајот сите осум држави покажуваат силна посветеност на исполнување на потребните обврски и преземаат важни напори за спроведување на потребните реформи, а императив е овие реформи да бидат одржливи и државите да не назадуваат во она што го постигнале.

„Потребни се дополнителни напори, особено во областа на нерегуларната миграција и реадмисијата, борбата против корупцијата и перењето пари, како и јавниот ред и безбедноста. Мерките спроведени за справување со нерегуларната миграција покажуваат резултати и ефектот е значително намалување на бројот на баратели на азил во земјите-членки на ЕУ од овие земји“, се наведува во соопштението на ЕК за извештајот.

Следниот извештај на ЕК пред Европскиот парламент и Совет за исполнувањето на визната либерализација е во 2018 година.

Македонија има визна либерализација со ЕУ од декември 2009 година.


Заев – Гњатовскиј: Состојбите во затворите ќе се променат, според препораките на ЕУ


Скопје, 16 октомври, 2017 - 11:09 (META) 

Поради односот на претходната влада, во врска со условите во македонските затвори и односот на полицијата, Македонија во март годинава била соочена со можноста да добие т.н. јавна изјава, која на препорака на Комитетот за превенција од тортура ја испорачува Советот на Европа на земјите што континуирано одбиваат да ги имплеменираат препораките на ова тело, со што се ставаат во редот на земјите што не ги почитуваат човековите права.

Ова на средба со премиерот Зоран Заев го истакнал претседателот на Комитетот со седиште во Стразбур, Микола Гњатовскиј.

„Гледаме дека имате јасна претстава што ви претстои и што треба да се направи. За нас во комитетот во Стразбур е многу важно да воспоставиме и да го одржуваме отворениот дијалог и соработка за овие прашања, особено поради искуството со претходната владина гарнитура, која не исполни ниту едно од ветувањата и не имплементираше ништо од нашите препораки кои произлегоа од загрижувачките услови во затворските институции, како и во постапките на полицијата“, рекол Гњатовскиј, стои во владиното соопштение за средбата.

Заев, заедно со министрите за внатрешни работи и за правда, Оливер Спасовски и Билен Саљији, како и со заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, и со директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ, ги запознал претставниците на Комитетот за превенција со сите активности што ги презеде новата влада за реформи во сите одделни сегменти на системот за спроведување истраги, на мерката притвор, како и на судските процеси и во делот на извршување на затворските санкции, во кои досега се констатирани забелешки за тортура.

Премиерот ги информирал членовите на Комитетот дека неговата неодамнешна посета на најголемата казнено-поправна установа во земјата, затворот „Идризово“, била поттикната од „желбата лично и на самото место да се запознае со сите сериозни забелешки за условите и за третманот на затворениците што ги констатираа и на кои предупредуваат со години наназад домашните и меѓународните организации“.

– Ние ќе ги промениме овие состојби и ќе ги спроведеме препораките на Комитетот. Со тоа ќе им дадеме причина на делегатите во Советот на Европа дека Република Македонија не заслужува таква слика за неа. Нам ни се исклучително важни стандардите на Советот на Европа во однос на човековите права и оваа Влада нема да направи ништо за да ги наруши. Но, нам исто толку ни се важни овие реформи заради нас, заради нашите граѓани“, истакнал Заев на средбата со Гњатовскиј.


На Клиниката за гинекологија, од почетокот на годината починале 127 новороденчиња


Скопје, 10 октомври, 2017 - 12:32 (META) 

Од почетокот на годината до 30 септември на Клиниката за гинекологија и акушерство во Клиничкиот центар во Скопје починале дури 127 новороденчиња, соопшти директорката на Клиниката, Викторија Јовановска.

На заедничка прес-конференција со директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова, Јовановска укажа на низа сериозни проблеми со кои се соочува клиниката. Таа посочи дека системот за одржување на температурата не функционира, системот за вентилација е во многу лоша состојба, а клиниката има и премногу мал број вработени за потребите, иако е единствен центар кој згрижува новороденчиња родени со висок ризик.

Беше посочен и проблемот со покривот, од кој протекува поради што се создава влага од приземјето до подрумот, како и проблемот со недостиг од протечна вода во делот каде што се сместуваат новороденчињата и проблеми со стерилизаторите за пелени и за шишиња.

Како најсериозен проблем, сепак, директорката го посочи недостигот од кадар на одделот за неонатологија, каде медицинските сестри дежураат за 150 денари од ноќ, а секоја од нив мора да се грижи за 30 до 40 бебиња.