Од ЈУНП „Галичица“ потсетуваат на условите под кои може да се посети паркот

Поради зголемената посетеност на Охрид и регионот од страна на многубројни домашни и многу ретки странски туристи, и нивните реакции за наплатата за влез во Националниот парк Галичица, од Јавната установа Национален парк „Галичица“ излегоа со појаснување за начинот на наплата на влезниците, нивната висина, начинот на користење на овие генерирани средства и фактичката вистина.

„Согласно законските одредби и потребата од зголемување на финансирањето од туристички активности, наместо од директно користење на природните ресурси, ЈУНП „Галичица“ во соработка со другите Национални паркови и комптентните министерства подготви Ценовник врз основа на кој се дефинирани цените кои секој посетител е должен да ги плати за посета на Паркот. Посетата не ја наплаќаме заради искористување на ресурси, туку заради искористување на екосистемските услуги (во случајов прекрасните пределски вредности, високиот степен на биодиверзитет, природните карактеристики и места итн) во кои секој посетител ужива додека поминува преку Галичица или ја посетува. Ценовникот е усвоен и одобрен од страна на Владата на Република Северна Македонија“ потенцираат од ЈУНП „Галичица“

Согласно Ценовникот влез во НПГ се наплаќа за сите лица постари од 7 години – 30 денари, посебна наплата се врши за превозни средства автомобил или моторцикл – 50 денари, а надоместоците за наплата на влез во Националниот парк Галичица за посебни објекти и активности вклучуваат, меѓу другото и наплата за посета на Стара Галичица Врв Магаро движење по патека чинат 200 денари.

„Од прогласувањето, па се до денес, обезбедувањето на одржливо финансирање на зачувување на Паркот, во целост било одговорност на ЈУНПГ, а во минатото на други видови организации кои биле одговорни за управување со паркот, а се претходници на ЈУНПГ. Во минатото, во повеќе наврати правени се напори да се обезбеди финансирање од повеќе извори, но за жал, приходите од продажба на огревно дрво се покажувале како најстабилни. Учеството на овој извор на приход во вкупниот буџет на установата се движеше од 80 до 90 проценти, а сега истиот е драстично намален“ велат од ЈУНП „Галичица“.

Како што појаснуваат оттаму, ЈУНПГ се финансира и од: надоместок за влез и посета на Паркот, надоместок за паркирање во Паркот, надоместок за посета на посебни објекти во Паркот, надоместок за престој во Паркот и други извори (донации, грантови, кредити, подароци, легати и друго).

„Оваа убавина која не е само за оваа генерација и не е наша (на установата), туку припаѓа на целата јавност, мора да се заштитува и да се управува во услови кога ЈУНПГ изнаоѓа начини за самофинансирање“, се вели во дописот до медиумите.