fbpx

За компаниите до 15.000 евра грант средства од „Ковид4“, ако имаат вработувања и зголемени приходи

-

Фирмите од туризмот, угостителството, ивент-индустријата, приватните здравствени установи, трговци поединци и занаетчии, од новата бескаматна линија „Ковид4“ ќе можат да добијат од 600 евра до 15.000 евра грант средства.

Условот да аплицираат за средствата е да имаат нови вработувања за најмалку 5 отсто и да ги зголемат приходите годинава за најмалку 10 отсто, во споредба со 2020. Тоа се едни од условите на бескаматната линија од петтиот пакет мерки, за која ќе може да се аплицира по објавување на јавниот повик кон крајот на мај, за што информираа министерот за финансии, Фатмир Бесими, и директорот на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов, на прес-конференција.

За оваа мерка се издвоени 10 милиони евра од буџетот кои ќе се пласираат преку Развојната банка. Висината на поединечните кредити ќе изнесува од 3.000 до 30.000 евра и таа има за цел да ја поддржи ликвидноста во стопанството и да ја стимулира инвестициската активност на компаниите.

„Условите за оваа линија се направени така да ги наградуваат успешноста во работењето, инвестициите и проширувањето на капацитетите. „Ковид4“ линијата предвидува грантови за успешност во случај ако фирмите ги зголемат вкупните приходи во 2021 година за најмалку 10 отсто, споредено со 2020 година. Тогаш ќе имаат право за грант од 30 отсто од кредитот. Или доколку го зголемат бројот на вработени во 2021 година за најмалку 5 отсто, ќе можат да побараат грант од 20 отсто. Доколку се исполнат и првиот и вториот услов, кредитокорисникот може да оствари право на грант од 50 отсто. Вкупната сума може да биде од 600 евра, минимален износ, до 15.000 евра максимум. Фирмите ќе можат да поднесат барање за грант-средства до банката, во моментот кога ќе отплатат 40 отсто од кредитот“, објасни Бесими.

Наумов информираше дека ,,Ковид4” е наменета за микро, мали и средни трговски друштва до 250 вработени од дејностите туризам, угостителство, ивент индустрија и транспорт, приватните здравствени установи, трговците поединци и занаетчиите, кои можат да докажат пад на приходите од најмалку 30 отсто и кои имаат капитал и резерви во своите биланси не помалку од 33 отсто од износот на бараниот кредит.

Според Наумов, износот на кредитот ќе зависи од бројот на вработените во јануари, февруари или март годинава, а падот на приходите треба да е во 2020 година, во однос на 2019.

Корисниците на „Ковид4“ и на „Ковид3“ линијата, не можат истовремено да ја користат мерката финансиска поддршка за исплата на плати од петтиот пакет. Корисниците на „Ковид1“ и „Ковид2“, можат да бидат корисници на „Ковид4“, доколку ги измириле сите достасани обврски по основ на претходните кредити. Рокот на отплата е до 42 месеци со грејс период од 12 месеци, додека отплатата на кредитот ќе се врши квартално, по 10 отсто од главнината.

На прес-конференцијата беше информирано дека преку претходните три бескаматни линии „Ковид1“, „Ковид2“ и „Ковид3“, кои се во целост искористени, инјектирани се 44,1 милиони евра во стопанството, поддржани се 4.078 фирми, од кои најголем дел микро-претпријатија, 1.943. Во овие 4 илјади фирми се вработени се 36.802 лица.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...