Нова урбана акција на „Зачекори напред!“: Идентитетот и манипулациите со него


Скопје, 26 септември, 2018 - 14:56 (META) 

Во рамките на граѓанската кампања „Зачекори напред! Изборот е твој!“ има нова урбано-уметничка акција во Скопје посветена на идентитетот и манипулациите со него.

Акцијата се состои од oколу 20 постери, со различни пораки, поставени во јавниот простор на улица Македонија и скопскиот плоштад.

„Идентитетот (lat.: identitas – еднаквост, истост) претставува внатрешна слика која поединецот или колективот ја создаваат сами за себе, наспроти промените кои се случуваат во околината и општеството. Идентитетот е образец кој поединецот или колективот го манифестираат во своето комуницирање, однесување, само-претставување, и на тој начин го заокружуваат својот систем на вредности, верувања, убедувања и осознавања. Националниот идентитет е само дел од лепезата идентитети кои не формираат како личност. Врз целосното формирање на идентитетот влијаат мноштво особености: јазик, географски одлики, вера, обичаи, кујна, фолклор, традиција, како и ред други одлики: раса, пол, возраст, политички убедувања, лични афинитети и се што ни овозможува да ја создадеме сликата за себеси. Ниту еден договор или каква било промена од „виша сила“, не може да дефинира или промени нечиј идентитет бидејќи тој претставува лична слика за тоа како се гледаме себеси и каде припаѓаме“, се вели во соопштението на „Зачекори напред! Изборот е твој!“.


Урбана уметничко-активистичка акција „Идното македонско евро“


Скопје, 13 септември, 2018 - 13:56 (META) 

Секоја земја членка на Европската Унија, по прифаќањето на еврото како валута, има право на монетите да ги аплицира своите национални симболи, порачаа активистите преку урбана акција која е дел од граѓанската кампања „Зачекори напред! Изборот е твој!“ (zacekorinapred.mk).

„Се надеваме дека набргу ќе дојде денот кога шарпланинецот, рисот, охридската пастрмка и другите нашите симболи, ќе заблескаат на монетите на еврото. Поттикнати од оваа европска практика, решивме на граѓаните, практично, на улица, да им доловиме како таа би можела, во иднина, да се примени и кај нас. Со оваа акција, ние како група урбани уметници – активисти, решивме на свој начин, онака како што најдобро знаемe, да го освежиме сувопарниот пред-референдумски пејсаж, но и да ги поддржиме напорите за приближување на Македонија и нејзините граѓани кон ЕУ“, велат активистите.