Австрија ќе ги штити границите, по договорот за мигрантите во германската влада


Виена, 3 јули, 2018 - 10:03 (META) 

Австриската влада соопшти дека е подготвена да преземе мерки за заштита на границите, по договорот во германската влада со кој се предвидува рестрикција за влез на мигранти во Германија.

„Доколку германската влада го потврди договорот, ќе бидеме приморани да преземеме мерки за да ги спречиме непријатностите на граѓаните во Австрија“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека Австрија е подготвена да ги штити границите, посебно на југот, со Италија и Словенија.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој е во судир со канцеларката Ангела Меркел околу мигрантската политика, изјави дека постигнал договор со неа околу ова прашање.

Постигнатиот компромис предвидува дека во иднина, оние кои бараат азил, а доаѓаат во Германија ќе бидат испратени во транзитни центри на границите, а не по центрите ширум земјата.

Откако барањата ќе бидат разгледани, мигрантите ќе бидат префрлени во други земји на ЕУ каде што најпрво стигнале. Тој трансфер ќе биде организиран во рамките на договорите со тие земји.


Најмалку 14 лица се убиени, а осум се ранети во напад во Мексико


Мексико Сити, 27 септември, 2017 - 11:09 (META) 

Најмалку 14 лица се убиени, а осум се ранети во напад на вооружена група на центар за рехабилитација на северот на Мексико, соопшти полицијата.

Вооружената група синоќа упаднала во центарот за лекување наркозависници „Обединети семејства“ и почнала да пука на луѓето, каде што во тој момент биле 25 лица.

Во последната деценија, најмалку шест напади се извршени врз рехабилитациски центри, а за најголем дел од нив се одговорни членовите на банди кои сакаат да се пресметаат со нивните ривали што се кријат во тие центри.


Сиромаштијата во руралните подрачја е сериозен проблем за државата, покажуваат истражувањата


Скопје, 18 јули, 2017 - 16:12 (META) 

Околу 87 проценти од територијата на Македонија e рурално подрачје, а во него живее 45 отсто од вкупното население. Сиромаштија во руралните подрачја е сериозен проблем за државата.

Ова го покажува извештајот „Повеќедимензионална анализа за сиромаштија во РМ“, изработен од Федерацијата на фармерите на Македонија во партнерство со Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје и во консултација со Македонската платформа против сиромаштија.

– Руралните подрачја трпат опустошување, депопулација, поради внатрешната миграција која изнесува околу 34 отсто. Тоа значи дека 34 проценти од руралното население се преселило во урбаните центри. Ако се додаде и надворешната миграција, тоа е веќе сериозен голем проблем не само за руралните средини, туку и за државата воопшто – истакна Емељ Туна, еден од авторите на анализата.

Истражувањето покажува дека 63 проценти од руралните жени се неактивни, немаат пристап до едукација, многу малку се вработени, а ако се вработени, добиваат половина од платата што би ја зел маж.

Во анализата стои дека Македонија е една од најсиромашните земји во Европа. Од вкупните миграции, на внатрешни, од село во град, отпаѓаат 42,4 отсто во Североисточниот Регион и 61 процент во Полошко.


Подметнати пожари во неколку центри за азиланти во Шведска


Стокхолм, 17 мај, 2017 - 17:57 (META) 

Повеќе од 300 баратели на азил на југот на Шведска, биле евакуирани од центрите за згрижување поради избувнување на пожар, соопшти полицијата.

Полицијата во градот Векше соопшти дека околу 200 баратели на азил се евакуирани откако пожар ја уништил општинската зграда во близина на центарот. Сè уште нема информации за повредени лица.

Во Молила и во Барби исто така биле евакуирани повеќе од 100 баратели на азил, а шестмина биле повредени. Полицијата се сомнева дека пожарите се подметнати.

Повеќе од 160.000 лица побарале азил во Шведска од 2015 година. Голем број центри за азиланти се запалени во подметнати пожари во последните неколку години.


Бегалците од Идомени се преселија на автопатот околу Евзони


Солун, 28 мај, 2016 - 11:45 (META) 

Бегалците од кампот на македонско-грчката граница кои одбија да заминат во организираните бегалски центри најдоа засолниште на празните простори околу автопатот кон Солун.

Илјадници луѓе сега со своите шатори се сместени на просторот на напуштени бензински пумпи околу Идомени, пред граничниот премин Евзони, во две напуштени згради на еден хотел и стара царинска зграда, како и на паркингот на хотелот „Хара“ кај Евзони.

Според официјалните бројки на грчката влада на просторот на бензинската „BP“ кај Евзони има 1.433 бегалци, а во делот кај хотелот „Хара“ 1.426 бегалци. На бензинската пумпа во близина на Поликастро каде бегалците најпрво чекаа привремено да бидат пренесени до Идомени со месеци е веќе камп каде има околу 1.900 бегалци.

Нема бројка за тоа колку луѓе се во напуштените згради и на уште едната бензинска пумпа која е во непосредна близина на Идомени.

Кинескиот уметник Ај Вејвеј на својот профил на „Инстаграм“ објави слики од бегалците сместени со своите шатори во една од напуштените згради, луѓе кои одлучиле да не заминат во грчките официјални бегалски центри.

Грчката влада најави дека следната акција ќе биде релокација на бегалците кои се на бензинските пумпи околу Идомени. Ова го најави и министерот за цивилна заштита Никос Тоскас во четвртокот, веднаш по завршување на полициската акција на Идомени, а го потврди и координаторот за справување со бегалската криза Јоргос Кирицис за весникот „Катимерини“.

– И луѓето кои се во другите неформални кампови ќе се преместат во организираните центри – истакна Тоскас во таа прилика.

УНХЦР вчера изрази загриженост за условите за живот во новите бегалски центри на грчката влада и побара што побрзо да се најдат алтернативни места за сместување. Оваа реакција предизвика контрареакција од грчката влада.

Од координативното тело за справување со бегалската криза истакнаа дека признаваат дека има недостатоци во центрите, но наместо критика очекуваат УНХЦР и практично да помогне за да се подобрат условите.

За потсетување, во тридневната акција на грчките власти од Идомени беа официјално релоцирани 3.700 бегалци, а пред почетокот на акцијата во кампот имаше околу 8.400 бегалци, што го покрена прашањето каде се останатите бегалци.

 


Курц: Грција мора да ги сопре мигрантите


Атина, 3 март, 2016 - 12:14 (META) 

Австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, апелираше до Грција да ги спречи мигрантите и бегалците да го продолжат патот кон Северна Европа, изјавувајќи дека Атина треба да ги задржи новопристигнатите во центрите за регистрација.

– Треба да заврши политиката на Грција со која на мигрантите им е дозволен патот на север. На тие што успеале да дојдат до Грција, не смее да им се дозволи да го продолжат патот – изјави Курц во интервју за весникот „Зидојче цајтунг“.

Тој изјави дека со помош на Европската Унија ќе се формираат центри за регистрација за преземање на грижата за тие луѓе.

– Во центрите мигрантите ќе се регистрираат и ќе се утврдува дали имаат право на азил во ЕУ или ќе бидат депортирани – изјави Курц.

Моментно, вакви центри се поставуваат во Грција и во Италија. По повеќемесечно одложување, Грција отвори четири од пет вакви центри на своите острови.


Шулц: Кога сите во Европа би ги примиле бегалците нема да има никаква криза


Брисел, 29 февруари, 2016 - 15:57 (META) 

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, изјави дека нема да има никаква бегалска криза во Европа кога сите земји би се согласиле да ги прифатат бегалците, затоа што на Стариот Континент, два милиони бегалци нема да се забележат.

– Европската Унија има 500 милиони жители во 28 земји. Ако ним им поделите два милиони бегалци, никој нема да ги забележи – изјавил Шулц за чешките медиуми.

Но, тој предупредил дека кога ист број бегалци стигнуваат само во неколку земји, ситуацијата изгледа поинаку.

– Нема смисла да се разговара за изградба на центри за регистрација во Грција и во Италија доколку не сме во состојба да ги распределиме бегалците. Центрите, инаку, би се претвориле во огромни бегалски логори – изјави Шулц.


Порака пред мини-самитот: Заеднички да се реши мигрантската криза


Брисел, 25 октомври, 2015 - 17:59 (META) 

Највиските функционери на Европската унија се согласија дека е потребен заеднички пристап во решавањето на мигрантската криза и подобра соработка со државите долж балканскиот бегалски пат.

– Денеска не можеме да правиме разлика меѓу членки и не-членки на ЕУ, бидејќи кризата го погодува целиот континент – изјави еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.

Тој истакна дека ниту една земја нема да стане паркиралиште за бегалците и дека треба да се изградат нови центри за прифаќање, каде стручни лица ќе ги регистрираат бегалците.

Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, изјави дека очекува конкретни оперативни мерки и кохерентен и заеднички пристап при решавање на проблемите.

Таа предупреди дека кризата нема да помине наскоро и истакна дека е неопходно да се отстранат причините за проблемите за покренување на дипломатски акции за завршување на војната во Сирија.

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, укажа на сè поголемиот проблем со ксенофобија и со национален егоизам во Европа и ги критикуваше тие што сметаат дека со бегалците треба да се пресметаат насила.

Според германската канцеларка Ангела Меркел, целта на самитот е подобро да се регулира прифаќањето на бегалците, за да им се олесни патот. Во таа насока, потребни се регистарски центри на границите.

Денешниот мини-самит почна попладнево, а ќе продолжи и вечерва кога треба да бидат усвоени заеднички заклучоци.


ЕК ги демантира плановите за градење бегалски центри во Србија


Виена, 12 август, 2015 - 10:13 (META) 

Европската комисија ги отфрли шпекулациите за наводни планови за воспоставување центар за бегалци во Србија и истакна дека Брисел само сака да им помогне на земјите од Балканот во совладувањето на бранот мигранти.

Портпаролот на Европската комисија, Хајнц Мико, за виенскиот весник „Пресе“ рекол дека не е планирано градење масовни прифатилишта ниту во Србија, ниту во други земји.

Сепак, тој укажа дека е можна финансиска поткрепа од средствата на ЕУ за „совладување на најитните хуманитарни потреби“, но и за изградба на прифатилишта.


Ќе се реконструираат седум центри за социјална работа


Скопје, 25 март, 2015 - 16:28 (META) 

Седум центри за социјална работа во наредните девет месеци целосно ќе бидат реновирани и реконструирани и ќе бидат опремени со нов мебел и опрема, најави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, при денешната посета на Центарот за социјална работа во Демир Хисар, каде е почната реконструкцијата.

– Почнуваме со реконструкција на центрите за социјална работа во Демир Хисар и во Крушево, а, исто така, ќе се завршат реконструкцијата и реновирањето и на центрите во Прилеп, Битола, Охрид, Штип и во Гевгелија. Со тоа ќе се финализира и втората фаза, за која се инвестираат 38 милиони денари – рече Спасов.

Тој посочои дека објектот во Демир Хисар е сопственост на Центарот за социјални работи од 1975 година и ова е прв зафат за негово целосно реновирање и реконструкција.

Спасов прецизира дека на објектот ќе се направи термофасада, ќе се сменат вратите и прозорците, ќе се постават нов под и санитарни јазли, нов мебел и опрема, со што, како што рече, ќе се добие нов објект и поквалитетни и современи услови не само за работа, туку и за прием на странките.

Министерот за труд и социјална политика денеска го посети и Центарот за социјална работа во Крушево и го означи почетокот на реконструкција на овој објект.

– Ќе продолжиме со трета фаза на реновирање на центрите за социјална работа преку ИПА-програмата на ЕУ. Очекуваме до средината на оваа година да биде потпишан договор за реновирање на дополнителни 19 центри за социјална работа и со тоа да го затвориме целиот пакет, осносно сите центри да бидат комплетно реновирани и значително модернизирани и подобрени условите за работа – рече Спасов.