ВМРО-ДПМНЕ: Оставки на Заев, Спасовски и Царовска за фер предвремени избори


Скопје, 4 октомври, 2018 - 10:09 (META) 

На вчерашната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ биле прифатени предлозите на претседателот на партијата Христијан Мицкоски за формирање Анкетна комисија во Собранието која би ги истражувала нерегуларностите и неправилностите на референдумот, како и барање за разрешување на Јавниот обвинител, Љубомир Јовески.

Како што информираше ноќеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, жа пратеничката група е единствена во ставот дека не треба да се поддржи Договорот со Грција.

– Извршниот комитет донесе заклучок со кој овој референдум го прогласи за неуспешен, имајќи во предвид дека на истиот излегоа само 36 проценти од гласачите што ја покажува јасната волја на народот против прифаќање на овој договор. Референдумот беше и со бројни нерегуларности. Констатиравме дека согласно анализата направена од нашиот тим преку 50 илјади ливчиња беа уфрлени во гласачките кутии, понатаму се заплашуваа граѓани, имаше обид за поткуп, влијание врз гласачи, кршење на молк и други нерегуларности со што бевме сведоци на едни целосно недемократски и криминален процес и затоа целата постапка на референдумскиот резултат ја прогласуваме за голем фалсификат и резултатот на референдумот не го признаваме – рече Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека е донесен заклучок дека треба да се смени Јавниот обвинител оти „не ја извршува својата задача согласно ингеренциите и должностите односно замижува пред очигледниот криминал и нерегуларности пред, на денот и после референдумот“.

Николоски нагласи дека во вакви услови мора да се почитува законот за избори и веднаш да се формира техничка влада според Пржинскиот модел, која ќе има мандат од 100 дена.

– Тоа значи оставки на Заев, Спасовски и Царовска и министри за внатрешни и за труд и социјала од ВМРО-ДПМНЕ 100 дена. Само тоа ќе е предуслов за колку толку фер избори – рече Николоски.

Тој одговарајќи на новинарско прашање посочи дека партијата ги почитува сите пораки од меѓународната заедница како пријателски пораки.

– Сметаме дека тие се пријателски пораки, дека се пораки кои и мислат добро на Република Македонија, но овде проблемот не е ни ВМРО-ДПМНЕ ниту меѓународната заедница, е Зоран Заев и Никола Димитров кои што потпишаа договор кој што не можат да го реализираат. Затоа што не одговара на Република Македонија и е против интересите на граѓаните на Република Македонија, таа волја беше искажана на референдум и ние ја почитуваме – рече Николоски.


Јохан Тарчуловски предложен за нов член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 17 април, 2018 - 14:53 (META) 

Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ, на својата вчерашна седница ги препорачал Јохан Тарчуловски и Зоран Коцевски за нови членови на Централниот комитет (ЦК) на партијата. Пратеникот Јохан Тарчуловски, кому му се судеше во Хаг за случајот Љуботен, беше и притворен за насилствата во Собранието на 27 април минатата година и кандидат за градоначалник на Општина Кисела Вода од ВМРО-ДПМНЕ.

На вчерашната седница, ИК оценил дека СДСМ нема капацитет да ја води Република Македонија.

„Државата се соочува високо ниво на задолжување, раст на БДП од 0%, пад на градежништвото од 20% и покачени цени. Покрај декларативните заложби на власта за ЕУ и НАТО интеграција отсуствува реална посветеност на реформите. И по 11 месеци  не се комплетно завршени реформите од планот 3 – 6 – 9, и пред вклучување на ВМРО-ДПМНЕ законските решенија беа со голем број недостатоци и нереформски. ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа реформските закони и учествува во нивното подобрување за доброто на Република Македонија, раст и развој на државата и  просперитет на граѓаните“, заклучил Извршниот комитет.

Истовремено, бил избран и нов Извршен комитет на Унијата на млади сили на партијата и биле предложени 9 имиња за претседатели на Општинските комитети во општинтие Аеродром, Студеничани, Центар, Карпош, Гази Баба, Ѓорче Петров, Сарај, Прилеп и Струмица.


Мицкоски: Новите членови на Извршниот комитет се искусни и силно мотивирани


Скопје, 12 јануари, 2018 - 21:56 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, новите членови на Извршниот комитет на партијата, вечерва ги нарече силно мотивирани индивидуи, луѓе кои голем дел од животот го поминале во партиските структури и искусни политичари.

Новиот состав беше избран на вечерашната седница на Централниот комитет на партијата.

– Станува збор за силно мотивирани индивидуи, луѓе кои што голем дел од својот живот поминале во партиските структури, искусни политичари, така што мислам во периодот кои што следи, убеден сум, т.е.  да не бидам претенциозен дека ВМРО-ДПМНЕ многу брзо ќе застане на здрави нозе и ќе може што е можно поскоро да издејствуваме предвремени парламентарни избори и ВМРО-ДПМНЕ да ја формира следната Влада на Република Македонија. Централниот Комитет ги усвои речиси едногласно, со еден глас против. Инаку имаше 115 присутни од 135 членови на Централниот Комитет. Она што го напоменав пред самиот Централен Комитет е дека ова е првичната бројка од 26 члена на самиот Извршниот Комитет, истиот ќе се проширува во периодот кој што следува бидејќи партиското организирање е еден динамичен процес, бара иновирање на истото, така што ова е структурата на Извршниот Комитет кои што на следните 2 години ќе биде официјално тело во првична верзија  – рече Мицкоски.

На новинарско прашање зошто во новиот состав ги нема Антонио Милошоски и Илија Димовски, односно дали е тоа поради нивното спротивставување на начинот на неговиот избор, Мицкоски негираше.

-Не, апсолутно јас во неколку наврати во минатото има кажано дека станува збор за перфектни луѓе, прекрасни луѓе, луѓе кои што биле активисти во партијата, извршувале големи и значајни државни функции, биле министри, координатори на пратенички групи, имаат уште што ново да дадат во структурите на партијата, така што не се исклучува никаква можност за нивно понатамошно ангажирање во било кој сегменти во структурата на партијата. Се разбира доколку нормално тоа содвејствува со нивните амбиции, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски изрази надеж дека неговата партија ќе ја формира следната влада.

– Во овој момент не би имал што додадам, освен да следите внимателно како ќе постапува ВМРО-ДПМНЕ во периодот што следува и да се надеваме дека што е можно побрзо ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира следната Влада во Република Македонија – рече Мицкоски.


Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го избра новиот Извршен комитет


Скопје, 12 јануари, 2018 - 21:19 (META) 

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва го избра новиот состав на Извршниот комитет (ИК) на партијата, а во неговиот состав се најдоа и актерот Тони Михајловски, актуелниот градоначалник на Кавадарци и сопственик на „Кожувчанка“, Митко Јанчев, и поранешниот директор на ЈСП Скопје, Игор Јанушев.

Покрај нив се е и долгодишниот парламентарец и функционер на партијата Александар Николоски, како и поранешниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Изненадување е и изборот на Трајко Славески, поранешен министер за финансии до 2009 година и универзитетски професор, а во ИК на опозициската партија се и актуелните пратенички Даниела Рангелова, Дафина Стојаноска, Ане Лашкоска, како и нивниот колега Владимир Ѓорчев.

Во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е и поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски.


ВМРО-ДПМНЕ: Анализата за локалните избори ќе му биде предадена на новото раководство


Скопје, 22 декември, 2017 - 11:15 (META) 

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница ги потврди точките кои ќе се дискутираат на претстојниот вонреден Конгрес кој треба да се одржи денеска и утре во Валандово, велат од партијата преку соопштение.

Членовите на Централниот комитет биле информирани дека согласно Статутот на партијата, од двете пристигнати кандидатури, само еден кандидат доставил целосна документација до Правната комисија при партијата. Втората кандидатура била нецелосна, односно со неа не е доставена листа на најмалку 30 потписи од делегати кои ја поддржуваат кандидатурата.

„Централниот комитет ја разгледа и усвои анализата за одржаните локални избори на која што изминатиов работеше поширок тим. Истата анализа со одредени сугестии и дополнувања ќе биде доставена на идното раководство на партијата како би се корегирале пропустите во иднина“, велат од партијата.

Од ВМРО-ДПНМЕ информираат дека Централниот комитет дискутирал и за актуелната политичка состојба и за како што велат, катастрофалните политики на актуелната власт.

„Централниот комитет ги осуди конструираните случаи за наводен тероризам, неоснованите притвори и нехуманите услови во кои власта ги држи сите оние кои не се плашеа гласно да се спротивстават на антидржавните политики на хунтата“, додаваат од партијата.


Конгресот ќе се одржи, протестите ќе се радикализират, најави ИК на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 21 декември, 2017 - 11:33 (META) 

Вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, сепак ќе се одржи викендов на 22 и 23 декември во Валандово, соопштија од партијата.

„Извршниот комитет дискутираше и во врска со јавно објавената иницијатива од страна на повеќемина актуелни и поранешни функционери. Иницијативата објавена во медиуми не доби поддршка од Извршниот комитет, кој одлучи, истата да не ја предложи на денешната седница на Централниот комитет на партијата“ се додава во соопштението.

Од партијата информираат дека, Извршниот комитет ја разгледал и усвоил анализата за одржаните локални избори.

„Анализата опфаќа куса, сублимирана верзија за причините за изборните резултати, но и детална обработка на информациите и согледувањата по општински комитети. Истата, согласно заклучокот на Извршниот комитет, денеска ќе биде презентирана на состанокот на Централниот комитет“, се додава во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека, „Извршниот комитет одлучил дека, партијата мора да продолжи да презема чекори со кои ќе го привлече вниманието на домашната и меѓународната јавност за недемократското и репресивно однесување на хунтата на власт и злоупотребата на институциите и целокупниот државен апарат, вклучувајќи ги и правосудните органи.“


Груевски рекол дека гласањето за нов конгрес не е гласање „за или против“ него


Скопје, 11 декември, 2017 - 11:01 (META) 

На вонредниот 16-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ што ќе се одржи во Валандово на 22 и 23 декември, секој од 544-те делегати ќе може да гласа за само еден претседателски кандидат. До 21 декември заинтересираните за местото прв човек на партијата ќе може да ги поднесуваат своите кандидатури, соопшти Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по вчерашната седница на која Никола Груевски поднел неотповиклива оставка. Одлуката за одржување на конгресот за избор на нов претседател била донесена во второто гласање, откако во првото не била усвоена.

Потоа Груевски ги убедувал делегатите дека не станува збор за гласање за или против него, па одлуката за конгресот била изгласана со огромно мнозинство.

Груевски во оставката навел дека ја поднесува како морален чин, како човек од кој сите очекуваат да ја преземе одговорноста за изборниот пораз.

„Во образложението до членовите на ЦК, Груевски истакна дека без разлика на фактот што анализите за изборните резултати се во тек, оставката ја поднесува како морален чин, бидејќи е природно човекот во кој сите имаат најголема доверба врз себе да ја преземе одговорноста за поразот и покрај сите фактори кои влијаеле. Груевски потенцираше дека овие избори беа едни од најнерегуларните каде што имаше еклатантни примери на притисоци, уцени, поткуп и заплашување, но исто така и разочараност меѓу дел од традиционалните гласачи на ВМРО-ДПМНЕ. Токму заради детектирање и корегирање на сите слабости, Груевски нагласи дека мора да се земе сериозно деталната анализа на изборниот резултат“, се вели во партиското соопштение.

Врз основа на Статутот на партијата, Централниот комитет (ЦК) усвоил заклучок согласно кој кандидат за претседател на партијата може да предложат најмалку 30 делегати на Конгресот.


ВМРО-ДПМНЕ го објави списокот на делегати за вонредниот конгрес


Скопје, 10 декември, 2017 - 22:23 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ, по седницата на Централниот комитет на кој 100 членови гласале за, еден бил против, а десет воздржани да се одржи вонреден конгрес на 22 и 23 декември на кој ќе се избира нов партиски лидер, на својата веб-страница го објави списокот на делегати.


ЦК на ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе го свика конгресот за избор на нов претседател


Скопје, 10 декември, 2017 - 11:25 (META) 

Централниот комитет (ЦК) на ВМРО-ДПМНЕ денеска попладне ќе оддржи седница на која треба да ја потврди одлуката за оддржување на вонреден партиски конгрес на 23 декември во Валандово. На овој конгрес би требало да се прифати најавената оставка на партискиот претседател Никола Груевски и да се избере негов наследник.
До вчера единствената јавно објавена кандидатура за првото место во ВМРО-ДПМНЕ беше на претходниот директор на Државниот архив, Филип Петровски.

Сепак, аналитичарите не му даваат големи шанси, туку повеќе се типува на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој ужива голема поддршка од Никола Груевски и речиси постојано е присутен крај него на јавните настани.

Во јавноста се шпекулира и за можни кандидатури на Илија Димовски, Никола Попоски, Антонио Милошоски, Никола Тодоров и на Влатко Ѓорчев.

Кандидатот за претседател треба да биде предложен од 30 делегати на конгресот. Ќе биде избран ако за него гласаат половината од 560 делегати, кои остануваат исти како на редовниот конгрес што се одржа во 2015 година во Куманово.

Во меѓувреме, ФРОДЕМ на Јове Кекеновски се обрати до членовите на Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ. Според оваа група, набрзина закажаниот и „нестатутарно одреден предлог – термин за одржување на вонредниот Конгрес на ВМРО ДПМНЕ е во прилог на ретроградните сили, криминализираните структури и непријателите на партијата“.

ФРОДЕМ вели дека вонреден Конгрес замислен „според теркот на досегашното раководство во заминување, уште еднаш ќе покаже дека партијата се уште нема сили да се оттргне од прергратките на фамилијата“. Групата предлага да се прифати најавената оставка на Никола Груевски како формално прифатена, тој да биде отстранети и од Извршниот комитет на партијата и да нема право да донесува одлуки.

Исто така се бара да се свика конгрес според статусот, со избор на нови делегати, а откако тоа ќе се случи, да се формира Координативно тело, кое би било сочинето од неосомничени кандидати на ЦК и ИК. Тоа тело би требало да раководи со партијата се до одржувањето на конгресот, порачува ФРОДЕМ.


ЦК на ВМРО-ДПМНЕ загрижен поради новата предлог-стратегија за бегалците


Скопје, 31 јули, 2017 - 16:18 (META) 

Од централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека на саботната седницата, меѓу другото, изразиле загриженост од најавената нова стратегија за мигрантите на Владата на Република Македонија, со која, како што оцениле, „Владата се подготвува да прифати поголем број мигранти во Република Македонија“.

„ВМРО-ДПМНЕ укажува дека давање државјанства на десетици илјади мигранти во Република Македонија и нивно трајно населување со сигурност ќе предизвика сериозна дисторзија на пазарот на работна сила во земјата и ќе ја влоши и онака тешката состојба со невработеноста, која принуди многу наши граѓани да се отселат во други земји за да обезбедат работа и егзистенција. ВМРО-ДПМНЕ е партија која во време на своето владеење понуди и пружи голема помош и подршка за мигрантите кои транзитираа низ Република Македонија. Но, со вакво ниво на сиромаштија и невработеност да се прифати трајно населување на десетици илјади мигранти, би било сериозен удар на сите досегашни напори за намалување на невработеноста во земјата за граѓаните на Македонија“, се вели во соопштението.