На вонредниот 16-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ што ќе се одржи во Валандово на 22 и 23 декември, секој од 544-те делегати ќе може да гласа за само еден претседателски кандидат. До 21 декември заинтересираните за местото прв човек на партијата ќе може да ги поднесуваат своите кандидатури, соопшти Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по вчерашната седница на која Никола Груевски поднел неотповиклива оставка. Одлуката за одржување на конгресот за избор на нов претседател била донесена во второто гласање, откако во првото не била усвоена.
Потоа Груевски ги убедувал делегатите дека не станува збор за гласање за или против него, па одлуката за конгресот била изгласана со огромно мнозинство.
Груевски во оставката навел дека ја поднесува како морален чин, како човек од кој сите очекуваат да ја преземе одговорноста за изборниот пораз.
„Во образложението до членовите на ЦК, Груевски истакна дека без разлика на фактот што анализите за изборните резултати се во тек, оставката ја поднесува како морален чин, бидејќи е природно човекот во кој сите имаат најголема доверба врз себе да ја преземе одговорноста за поразот и покрај сите фактори кои влијаеле. Груевски потенцираше дека овие избори беа едни од најнерегуларните каде што имаше еклатантни примери на притисоци, уцени, поткуп и заплашување, но исто така и разочараност меѓу дел од традиционалните гласачи на ВМРО-ДПМНЕ. Токму заради детектирање и корегирање на сите слабости, Груевски нагласи дека мора да се земе сериозно деталната анализа на изборниот резултат“, се вели во партиското соопштение.
Врз основа на Статутот на партијата, Централниот комитет (ЦК) усвоил заклучок согласно кој кандидат за претседател на партијата може да предложат најмалку 30 делегати на Конгресот.