Кина воведе царина од 25 отстo на 128 американски производи


Пекинг, 2 април, 2018 - 10:17 (META) 

Кина воведе царина од 25 отсто на 128 американски производи вклучувајќи ги и свинското месо и виното, како реципрочна мерка на САД за царината за увоз на челик и алуминиум од Кина.

Зголемувањето на царината стапува на сила денеска и ќе влијае на увозот кој изнесува околу три милијарди долари.

Пекинг информира дека овој потег ќе ги заштити кинеските интереси и ќе ги балансира загубите предизвикани од новите американски царини.

Пртеходно, Кина за овие мерки најави дека не сака трговска војна, но ќе преземе одредени мерки ако економијата почне да ги трпи последиците.

Но, Трамп е на ставот дека „трговските војни се добри“ и дека лесно САД би победиле. Американските власти веќе најавија планови за воведување на нови тарифи.


Кина со повик до светот да се здружи против САД


Пекинг, 22 март, 2018 - 10:18 (META) 

Кинеските државни медиуми денеска ги повикуваат државите во светот „цврсто да се постават“ против „протекционистичките“ мерки на Вашингтон.

„Бидејќи се чини дека САД и понатаму ќе се однесуваат на таков начин, другите држави би требало да престанат да се надеваат дека ќе бидат поштедени од нивните протекционистички потези и да бидат цврсто поставени против САД“, пишува „Чајна дејли“.

Можеби американските царини би го зголемиле растот на БДП и би го забавиле кинескиот економски раст, но исто би го забавиле и светскиот економски раст, објави весникот наведувајќи истражување на банката „Чајна интернешенел кепитал корпорејшн“.

Се очекува, американскиот претсеател, Доналд Трамп денеска да објави нови санкции против Кина по повеќемесечна истрага за наводна кинеска кражба на интелектуална сопственост. Мерките може да бидат царини меѓу 30 и 60 милијарди долари и ограничувања на вложувања, објавија американски медиуми.


Трговска војна помеѓу ЕУ и САД би била штетна за двете страни, смета Јункер


Брисел, 18 март, 2017 - 17:52 (META) 

Трговска војна помеѓу Соединетите Американски Држави и Европа би била штетна за двете страни, вели претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во интервју за викенд-изданието на германскиот весник „Билд“, јавуваат светските агенции.

Прашан дали Европа може да издржи трговска војна со САД, Јункер вели дека „трговска војна не би била во интерес ниту на ЕУ, ниту на САД“.

Претседателот на ЕК нагласил дека е потребно сериозно да се сфатат протекционистичките коментари на Доналд Трамп и дека треба да се биде подготвен.

Американскиот министер за финансии, Стивен Менучин, во четвртокот, во Берлин изјави дека САД не бараат почнување трговска војна, но инсистираше дека некои од договорите мора да се модифицираат за да бидат „повеќе избалансирани“.

Јункер во интервјуто истакнал дека е задоволен што во вторник следната недела, ќе се сретне со премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, бидејќи кон крајот на оваа година сака да биде заклучен договорот за слободна трговија меѓу Европската Унија и Јапонија.

Трамп претходно ја обвини Јапонија дека го искористува слабиот јен за да му даде на својот извоз неправедна трговска предност. Главниот советник на Трамп, Питер Наваро, во слична изјава ја обвини Германија дека го користи претерано потценетото евро како конкурентска предност.