!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Ларондина танцова група“ вторпат ќе настапува во Македонија


Скопје, 2 октомври, 2017 - 18:58 (META) 

Британската танцова група за лица со попреченост на Анџелина Алесендре, „Ларондина танцова група“, од 5 до 10 октомври вторпат ќе престојува во Македонија.

Посетата на групата е во организација на Амбасадата на Обединетото Кралство во Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права и на Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби.

Во рамки на посетата, освен претстави, предвидени се и неколку работилници за правата на лицата со посебни потреби, со акцент на нивните можности, наспроти ограничувањата, во повеќе училишта во Скопје и во Битола.

„Ларондина танцова група“ е основана пред повеќе од 20 години од Анџелина Алесендре и има настапувано во Обединетото Кралство, Русија, Америка, Франција и во други земји. Групата има цел да ги зближи наставниците од Европа и пошироко во Лондон и да ги обучува за посебни методи кои се користат за двократна училишна агенда за откривање на уметничките скриени таленти на лицата со попреченост.

Во Битола тие ќе настапат во Националниот театар во 18 часот на 6 октомври, а во Скопје во „Телевизија 21“ од 18 часот на 7 октомври.


Матурантите утре ќе танцуваат квадрил, пленумците не се мешаат


Скопје, 21 мај, 2015 - 11:31 (META) 

Матурантите утре, точно напладне, кај Порта „Македонија“ традиционално ќе го одиграат танцот квадрил. Матурантите под звуците на Штраусовиот квадрил ќе играат заедно со своите врсници од Европа.

Во  Македонија ќе учествуваат матурантите од Скопје, Гевгелија и од Охрид.

Вкупната бројка на обучени матуранти во Скопје е 800, а уште 400 има во другите градови.

Од „Средношколскиот пленум“ велат дека не донеле одлука дали да учествуваат или да не учествуваат на парадата. Велат дека тоа е оставено на индивидуален избор.

– Моето училиште „Георги Димитров“ ќе учествува на „Матурската парада“. Јас лично нема да учествувам, но како „Средношколски пленум“ не сме донеле одлука да учествуваме или да не учествуваме на парадата. Има средношколци кои откако го прекинавме бојкотот на наставата, го вежбале квадрилот и ќе учествуваат на пардата, а ќе учествуваат и ученици од трета година – вели Александар Милески од „Средношколски пленум“.

Според информациите од Танцовата школа „Уршка“ од Љубљана, оваа година најавено е учество на „Матурската парада“ од: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и од Македонија.

Организатор за Македонија е Дирекција за култура и уметност на Скопје.

Танцот квадрил потекнува од Франција, каде се појавува во втората половина на 18 век, а во почетокот на 19 век дури и се предавал во некои училишта со што станал широко распространет и негови модификации се среќаваат многу често и во многу други земји.


Младешки танц против говорот на омраза


Охрид, 16 февруари, 2015 - 14:41 (META) 

Во рамки на проектот на Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и под покровителство на британска амбасада, под мотото „Со креативност и младински активизам против говорот на омраза“, денеска на плоштадот Св. Климент Охридски во Охрид се одржа танцувачка точка на која настапија околу 20 средношколци.

Проектот е наменет за подигнување на јавната свест за говорот на омраза, а идејата е учениците преку танц на градскиот плоштад да испратат позитивна порака против говорот на омраза. Кореографијата на танцот е на Кате Бујароска, а настанот се реализира со поддршка од Општина Охрид и од продукција „Лабино“. Истиот настан наскоро ќе се повтори и во Струга.

– Ова е можност учениците да го изразат својот креативен потенцијал надвор од редовната настава и слободен простор каде тие имаат можност да експериментираат. Тој простор е особено значаен како алтернатива на социјалните мрежи, на кои младите поминуваат премногу време непродуктивно, како и на формалното образование, на кое му се забележува дека не е секогаш флексибилно и прилагодено на индивидуалните потреби на ученикот. Ваквите активности, воедно, дополнително ги зближуваат учесниците и ја хуманизираат училишната средина – вели психологот Алберта Гулицовска, ментор на проектот.