Матурантите утре, точно напладне, кај Порта „Македонија“ традиционално ќе го одиграат танцот квадрил. Матурантите под звуците на Штраусовиот квадрил ќе играат заедно со своите врсници од Европа.

Во  Македонија ќе учествуваат матурантите од Скопје, Гевгелија и од Охрид.

Вкупната бројка на обучени матуранти во Скопје е 800, а уште 400 има во другите градови.

Од „Средношколскиот пленум“ велат дека не донеле одлука дали да учествуваат или да не учествуваат на парадата. Велат дека тоа е оставено на индивидуален избор.

– Моето училиште „Георги Димитров“ ќе учествува на „Матурската парада“. Јас лично нема да учествувам, но како „Средношколски пленум“ не сме донеле одлука да учествуваме или да не учествуваме на парадата. Има средношколци кои откако го прекинавме бојкотот на наставата, го вежбале квадрилот и ќе учествуваат на пардата, а ќе учествуваат и ученици од трета година – вели Александар Милески од „Средношколски пленум“.

Според информациите од Танцовата школа „Уршка“ од Љубљана, оваа година најавено е учество на „Матурската парада“ од: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и од Македонија.

Организатор за Македонија е Дирекција за култура и уметност на Скопје.

Танцот квадрил потекнува од Франција, каде се појавува во втората половина на 18 век, а во почетокот на 19 век дури и се предавал во некои училишта со што станал широко распространет и негови модификации се среќаваат многу често и во многу други земји.