МАНУ на заедничко чествување со БАН на Свети Кирил и Методиј во Софија


Скопје, 8 мај, 2018 - 12:31 (META) 

Делегација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), предводена од претседателот Таки Фити, в четвток и петок ќе престојува во Софија во посета на Бугарската академија на науките (БАН).

Двете академии ќе организираат заедничко чествување на празникот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.

Притоа, в четврток во Институтот за економски истражувања на БАН, ќе бидат претставени два научноистражувачки проекта реализирани од страна на МАНУ и БАН.

Едниот проект, објавен на македонски и на бугарски јазик, ги третира прашањата поврзани со последиците од европската должничка криза врз интеграциските процеси на двете земји. Другиот проект е кофинансиран од ИПА-програмата на ЕУ и се однесува на градење капацитет за иновативност и конкурентност на претпријатија од Северниот плански регион на Македонија и од Ќустендилската област на Бугарија. Овој проект е објавен на англиски, на македонски и на бугарски јазик.

Во попладневните часови в четврток, еминентниот бугарски писател, академик Антон Дончев ќе го претстави преводот на бугарски јазик на романот „Балканвавилонци“ од академик Луан Старова.

Информациите за посетата се појавија во голем број бугарски медиуми, што зборува за голем интерес во бугарската јавноста за соработката со Македонија, по потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу двете земји.


МАНУ: Апсурдни, неодржливи, невозможни и неостварливи се предлозите за името


Скопје, 20 март, 2018 - 17:21 (META) 

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Таки Фити во своето експозе на годишното собрание на академијата апелираше за изнаоѓање заемно прифатливо решение за прашањето за името и ги охрабри властите на Македонија и на Грција да ја преземат одговорноста и храбро да се соочат со реалностите на времето.

Tој порача и дека решение за име за сеопшта употреба е неостварливо и дека не смее да се преговара за идентитетот.

Дефинирајќи ги ставовите на МАНУ во своето обраќање, Фити рече и дека спорот е всушност билатерален, а не интернационален и дека се преговара само за името, а не за идентитетските прашања, кои влегуваат во сферата на елементарни човекови права, за кои не се преговара. Тој се изјасни и против име на македонски јазик кое нема да биде преведено.

– Предлозите името Република Македонија, или евентуално име со географска одредница да се изговара како во македонскиот јазик и да се пишува само со латинско писмо, односно името на јазикот, македонски, исто така да се пишува со латинско писмо и да се изговара како што тоа се прави во нашата земја, се апсурдни и неодржливи. Прифаќањето на ерга омнес решение, едно име за севкупна, значи едно име и за меѓународна и за внатрешна употреба  би значло промена на уставот на Републима Македонија, промена на имињата на нашите институции, ревизија на сите меѓународни договори, билатерални и мултилатерални во кои се користи уставното име на земјата, и тн. Според тоа ваквото решение е фактички невозможно и неостварливо – рече Фити.


Јубилеј на МАНУ – 50 години темелник на македонската наука, јазик, култура и историја


Скопје, 9 октомври, 2017 - 22:42 (META) 

Македонската академија на науките и на уметностите (МАНУ) даде голем придонес во изградбата на современата македонска држава, континуирано ја поттикнува и ја развива научната мисла и работи на негувањето и на унапредувањето на уметностите, изјави вечерва во Македонската опера и балет претседателот Ѓорге Иванов, на свечената академија посветена на 50-годишнината од основањето на МАНУ.

– Многу често, академиите се плод на независноста. Но, во нашиот случај, Академијата не само што ѝ претходеше, туку и создаде услови за независноста на Република Македонија. Академијата поттикнува и врши проучувања на прашања од битно значење за македонската национална култура и за општиот развој на нашата држава – истакна Иванов, кој е покровител на свечената академија.

Иванов рече дека неопходно е функционално партнерство меѓу државата и науката заради носење мудри одлуки и креирање политики темелени на научна основа. Тој рече дека Македонија е исправена пред големи предизвици за кои мора да се бараат решенија, но дека не смее да се отстапуваа од принципите за нашето постоење и опстојување.

Претседателот на МАНУ, Таки Фити, се осврна на почетоците на Академијата, истакнувајќи дека развојот на МАНУ потврдува дека уште од првите декади по формирањето, Академијата навлегла во фазата на нејзината зрелост и израсна во темелник на македонската наука, јазик, култура, историја и во еден од стожерите и симболите во државноста на Македонија.

Фити во име на МАНУ порача дека Македонија била и е мултикултурна земја и дека е потребна изградба на нов и обединет Балкан. Во тој контекст, Фити го поздрави Договорот за пријателство и за соработка на Владата на Македонија со Бугарија.

Во рамки на одбележувањето, на кое присуствуваа премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, пратеници, министри во Владата, претседатели на академии на земјите од регионот и амбасадори, покрај музичката програма, беше прикажан и филмот „50 години МАНУ“.


ВМРО-ДПМНЕ: Молчењето на Заев отвора сомнеж за распродавање на државата


Скопје, 10 јули, 2017 - 10:11 (META) 

Нетранспаретноста на Заев во целиот процес на преговори и неговото молчење во однос на навредите кон Македонија упатени од страна на Божидар Димитров, директор на бугарскиот Национален историски институт, дека исполнувањето на договорот ќе значи крај за македонизмот и дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, отвора сомнеж дека Заев ги распродава македонските национални и државни интереси, порача ВМРО-ДПМНЕ денеска.

Партијата вели и дека е индикативно што претседателот на МАНУ, Таки Фити, иако се сретна со Заев, не побарал од него увид во договорот кој е од особено значење за државата.

„Таки Фити треба да го надмине стравот од Заев и да покаже минимум кредибилитет, бидејќи ја води институцијата со најголем научен потенцијал во Македонија“, се вели во соопштението.


Заев очекува МАНУ да биде дел од успешната приказна


Скопје, 7 јули, 2017 - 16:34 (META) 

На иницијатива на премиерот Зоран Заев, во Македoнската акaдемија на науките и уметностите (МАНУ) се одржала средба со претседателството и со раководителите на одделенијата на академијата, информираше Владата.

Средбата, на која присуствувале и вицепремиерот Бујар Османи, министрите за правда и економија, Билен Саљији и Крешник Бектеши, како и високи раководители од неколку други министерства, како што рекол Заев, е за да се отвори соработка и да бидат сослушани сите сугестии на МАНУ за актуелните политики на Владата.

Академик Фити се заблагодарил што првата средба на највисока владина делегација со институција надвор од државната управа е токму со МАНУ и порачал дека академијата има проекти што можат да бидат од исклучителна полза за владините политики и порачал дека одделенијата на академијата ќе учествуваат со совети за владата.


МАНУ: Загрижува што наши политички партии се „прилепуваат“ на провокации од Бугарија


Скопје, 6 јули, 2017 - 13:06 (META) 

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ги оцени како неточни и крајно тенденциозни тврдењата на Божидар Димитров, директор на Националниот историски музеј на Бугарија. Смета дека неговите антимакедонски ставови им се добро познати на МАНУ и на пошироката македонска јавност и не заслужуваат посебен коментар.

Божидар Димитров во емисија на бугарската телевизија БТВ, „Ова утро“, рече дека македонската нација е создадена од Сталин, по барање на Георги Димитров. Тој рече и дека договорот кој Зоран Заев го договараше во Софија со Борисов, а ќе го потпише на 2 август во Скопје, ќе значи промена во македонските учебници по историја, велејќи и дека МАНУ не смее да се изјасни против промените во учебниците по историја, кои ќе следуваат како обврска од договорот бидејќи Заев ќе ги избрка од работа.

„Меѓутоа, загрижува фактот што на таквите провокации се „прилепуваат“ наши политички партии, кои, без претходно да ги проверат фактите, ја обвинуваат МАНУ за „молчење за суштински прашања од посебен национален интерес, за наводна нејзина приврзаност кон една или друга политичка партија, за клиентелизам и за поткупливост“. МАНУ енергично и со индигнација ги отфрла ваквите ставови и квалификации. МАНУ е врвна научна и уметничка институција, а нејзината самостојност и независност е загарантирана со Законот за МАНУ“, соопшти претседателството на МАНУ како реакција на обвинувањето од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската партија денеска на прес-конференција пред МАНУ реагираше преку пратеникот Зоран Илиоски.

– Таки Фити, претседателот на МАНУ, го нема, молчи и се крие. Да имаше грам достоинство ќе застанеше и ќе го одбранеше својот личен углед, угледот на институцијата и угледот на Република Македонија. Јавноста се прашува каков човек е Таки Фити, кога се повлекува и се крие додека некој како директорот на бугарскиот национален историски институт, јавно му порачува нему и на колегите од МАНУ дека се луѓе кои сакаат да живеат и да примаат плати. Јавно ги навредува дека знаат за ризикот Зоран Заев да ги избрка од работа сите ако тргнат против него. Цела Република Македонија е револтирана од ваквите јавни омаловажувања на државата,  институциите и на самиот народ, а Таки Фити мува не го лази. Таки Фити лично може да се согласува или не со тврдењата на Димитров или со најавите дека Заев договорил да се бришат учебници, но како претседател на највисоката научна установа има обврска да ги брани националните интереси – рече Илиоски.

Во дописот до медиумите, МАНУ пишува дека не била и нема да биде приврзок на ниту една политичка партија и дека не поседува информации за преговорите и за содржината на договорот за пријателство и за соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија поради што, наведува, и не може во оваа фаза од преговорите да ги соопшти своите оцени и ставови.

„Апсурдни се и неразбирливи сомневањата искажани од некои политички партии дека МАНУ, не реагирајќи на провокациите на д-р Божидар Димитров, се откажува од заштитата и од одбраната на македонскиот јазик, македонската историја, идентитет и култура. Напротив, фактите се сосема поинакви. МАНУ и Бугарската академија на науките (БАН) во периодот по 2014 година остварија извонредно богата научна и културна соработка, базирана врз принципите на рамноправност и на заемно почитување и уважување“, информира Академијата.


Академиците, како и политичарите, со дијаметрално спротивни ставови за кризата


Скопје, 14 март, 2017 - 15:18 (META) 

Членовите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) немаат единствен став за политичката криза во земјава и за актуелните случувања и тензиите што ги подгреа платформата на албанските партии.

Претседателот на МАНУ, Таки Фити, во своето воведно обраќање на денешното јубилејно 50. Годишно собрание на Академијата, рече дека состојбата е многу сериозна и тензична и дека отсуството на транспарентност ѝ ја ускратува можноста на експертската јавност да се изјасни за уставната заснованост и за квалитетот на понудените решенија, пренесува „Плусинфо“.

– Неопходно е сите политички субјекти во Македонија да разберат дека е потребна мала искра за разгорување на внатреетнички и меѓуетнички судири. Отсуството на транспарентност ѝ ја скратува можноста и на експертската јавност да се изјасни за уставната заснованост и за квалитетот на понудените решенија. МАНУ, како врвна научна институција, во согласност со своите законски определени права и должности е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста за надминување на кризата – истакнал Фити.

Според академик Митко Маџунков, МАНУ по објавувањето на платформата потребно е „да застане во одбрана на државата“.

– МАНУ се изјаснила веќе еднаш за непроменливоста на името, единственоста и за неделивоста на Македонија и доколку има таков документ, треба да се покаже, а ако не, да се состави. МАНУ своевремено застана против територијалната поделба на Македонија, нешто што сега повторно се заканува преку албанската платформа, за што потребно е МАНУ уште еднаш да застане на патот на тоа. Двојазичноста води кон уништување, албанизација и муслиманизација на нашата држава, народ и институции, меѓу кои е и МАНУ. Во подолг период македонскиот народ отстапува пред меѓународната заедница, соседите и пред сограѓаните Албанци од принципите кои се суштински за нашето постоење – рекол Маџунков.

Професорката и писателка, академик Катица Ќулавкова, пак, смета дека „барањата за платформи се обид се манипулација и алатка за дестабилизација на државата во полза на досегашната власт, а не за заштита на правата на Албанците“.

– Сметам дека станува збор за манипулација и се сомневам дека самите ја создале платформата за да ја задржат власта и да се амнестираат за направените злосторства, кои не се само финансиски, туку и институционални и кои се однесуваат и на слободата на говор и движење во државава. Така што, целиот хистерично националистички дискурс содржи тактика за дефокусирање од главниот проблем: криминалот, слободата на говор и мирниот трансфер на власта. Барањата на платформи се нереални без да бидат прифатени од двотретинско мнозинство. Затоа и не сметам дека се закана за Уставот. Сметам дека, првенствено, тоа е алатка за дестабилизација на државата што оди во полза на заштита на досегашната власт, а не на заштита на правата на Албанците. Не ни доликува ни артикулацијата на напади кон меѓународниот фактор. Имаме ние стручни инстанци преку кои може соодветно да реагираме, затоа што сега не е време за мултиетнички конфликти. Јас го поддржувам предлогот да се повлечат секакви платформи и од албанскиот блок и од власта која одумира, а не сака да го признае тоа – нагласила Ќулавкова.

Историчарот, академик Иван Катарџиев истакнал дека денешното собрание на МАНУ не треба да се претвора во политичко собрание за проблем за кој оваа институција не е подготвена.

– Мислам дека секоја импровизација не е во интерес на авторитетот на Академијата. Јас предлагам предлогот за попис да биде земен за програмска определба на МАНУ, затоа што 20 години немаме направено попис на населението и на материјалните добра – рекол Катарџиев.


Таки Фити: За бројчаникот за долгот одлучува само академик Коцарев


Скопје, 15 март, 2016 - 16:22 (META) 

„Бројчаникот што го покажуваше јавниот долг е објавен од Центарот за информациски технологии што го води академик Љупчо Коцарев. Центарот е независна единица на МАНУ и тие одлучуваат дали ќе го тргнат или ќе остане“, изјави претседателот на МАНУ, Таки Фити, на прашањето на „Мета“ дали бројчаникот е недостапен привремено или трајно.

Побаравме став и од академик Коцарев, но од МАНУ ни рекоа дека тој не е на работа.

Бројчаникот што го мери јавниот долг на Македонија изразен во апсолутни бројки, кој вчера го објави Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), од денеска попладне не е достапен.

Од МАНУ, пак, со соопштение известија дека тој е подготвен во рамките на Центарот за компјутерски науки и информатички технологии, за потребите на нивните истражувања и е објавен по грешка.

„Тој е објавен од страна на соработник на Центарот, без претходно да биде информирано раководството на МАНУ и раководителот на Центарот“, се вели во соопштението на Македонска академија на науки и уметности (МАНУ), а по ракцијата на ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Последниот чин на МАНУ е партиски и политички, а не научен


Скопје, 15 март, 2016 - 15:24 (META) 

Тоа што до вчера политички го туркаа невладините организации и портали на СДСМ и на Сорос, стана најновото „научно откритие“ на Таки Фити и на МАНУ, олицетворено во „бројчаник“ што го мери државниот долг, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија велат дека секој студент на економија знае дека долгот се мери во релативна, а не во апсолутна вредност.

„Очигледно ваквите факти се мистерија за поранешниот неуспешен министер за финансии Таки Фити. Затоа јавно го прашуваме Таки Фити дали ќе се обиде барем малку да се дистанцира од СДСМ и од Сорос и да изработи вистински бројчаник, кој ќе покажува секојдневно како се зголемува БДП и корелацијата на БДП и на државниот долг? Професорот Таки Фити можеби ја заборавил оваа лекција откако влегол во МАНУ, но тоа не смее да биде оправдување за политичко манипулирање на јавноста и за злоупотребувањето на МАНУ во политичка кампања“, пишува во соопштението на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека последниот чин на МАНУ е партиски и политички, а не научен. Сè додека академијата не се огради од ваквите настапи, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја третира академијата како клон на СДСМ и на соросовите здруженија, велат од владејачката партија.

„За научните потенцијали на претседателот на МАНУ, кој е и доктор по економски науки, говори и фактот што нема објавено ниту еден труд во меѓународно влијателно списание од типот на „Томсон Ројтерс“.  Целосно инфериорен во науката, анонимус во меѓународните научни кругови, со единствено достигнување да напише учебник и да го продава на сопствените студенти, Таки Фити без трошка срам ја злоупотребува титулата претседател на МАНУ и се занимава со политика пред избори, претворајќи ја МАНУ во невладина организација на Сорос и на СДСМ“, велат од владејачката партија.


Таки Фити е нов претседател на МАНУ


Скопје, 30 ноември, 2015 - 20:21 (META) 

Академикот Таки Фити денеска е избран за претседател на Македонската академија на науките и на уметностите. За потпретседатели се избрани Луан Старова и Владо Матевски.

„Со оглед на тоа што четиригодишниот мандат на сегашното претседателство на Академијата истекува на 31 декември 2015 година, во согласност со Законот за МАНУ и со Статутот на МАНУ, Собранието на Академијата и одделенијата на Академијата на денешната седница избраа претседателство“, пишува  во соопштението на МАНУ.

Собранието на Македонската академија на науките и на уметностите на денешната седница го разгледала и го усвоила и извештајот за работата на МАНУ за периодот 2012-2015 година, а свое експозе за работата на МАНУ во тој период имал и актуелниот претседател на Академијата, академик Владо Камбовски.