Салиу: Пожарот кај Требовље веројатно е подметнат


Скопје, 1 август, 2017 - 16:44 (META) 

Има индиции дека некој околу хидроцентралата Козјак вчера нешто потпалувал, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, за пожарот кај село Требовље.

Салиу обвини дека поради несоработката со некои лица од локалната самоуправа, пожарот се раширил.

– Десет луѓе го напуштија местото, мислеа дека треба да седат до 12 часот и се повлекоа. Ги молев да се вратат, но, за жал, не прифатија, бидејќи биле од локалната самоуправа и го напуштија местото. Тогаш пожарот се префрли од левата страна и постоеше опасност да изгори и селото. Наредив да се направи бедем на тој дел од селото – изјави Салиу на прес-конференција.


САД донираа опрема на ДЗС за справување со поплави


Скопје, 27 јануари, 2017 - 14:58 (META) 

Амбасадата на САД во Македонија денеска на Дирекцијата за заштита и спасување ѝ донираше опрема за справување со поплави, во вредност од 30.000 американски долари.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу, по повод примопредавањето на донацијата изјави дека опремата донирана од САД го дополнува системот за заштита и за спасување кој дирекцијата го добила од повеќе европски држави, со што се зголемува „ефикасноста на ДЗС во справувањето при евентуални поплави во земјава“.

Шефот на канцеларијата за меѓуармиска соработка при Амбасадата на САД во Скопје, полковник Џефри Ван Сикл, рече дека по поплавите што се случија на почетокот на август минатата година во Скопје, по барање на македонската влада, тие заедно со Дирекцијата за заштита и спасување направиле список на опрема која е најпотребна за справување со потенцијални поплави и за спасување човечки животи.

– Нашата цел е да им помогнеме на спасувачките екипи од ДЗС во нивната важна мисија да одговорат на предизвиците при поплави и други природни непогоди низ Македонија – изјави Ван Сикл.

Опремата се состои во 57 водоотпорни одела, 55 пара водоотпорни чизми, 25 заштитни маски со филтер, 35 рефлектори и 40 ламби.


ДЗС: Граѓаните да ги почитуваат препораките, a институциите да бидат на располагање


Скопје, 4 јануари, 2017 - 16:10 (META) 

Граѓаните навремено да се информираат за промените во временските услови, да ги почитуваат одредбите за управување со возила во зимски услови и да се зголеми подготвеноста на институциите за да ги вклучат расположливите капацитети и средства, беше кажано на состанокот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) со надлежните институции, а во врска со најавените временски услови со поларна температура и со врнежи од снег кои се очекуваат од утре.

– Препорачано е и да се дадат навремени упатства за движење на моторни возила на критични точки, а локалната самоуправа да ги стави во подготвеност своите сили и опрема – информираат од ДЗС.

На состанокот биле присутни претставници од министерствата за здравство, локална самоуправа, внатрешни работи и за финансии, АРМ, Агенцијата за електронски комуникации, МЕПСО, ЕЛЕМ, ЕВН, УХМР, Црвениот крст, Федерацијата на планинарски спортови, Воено-медицинскиот центар и Агенцијата за храна и ветеринарство.


ДЗС ја повлекува механизацијата од поплавените подрачја


Скопје, 23 август, 2016 - 16:33 (META) 

Шабан Салиу, директорот на Дирекцијата за заштита и за спасување (ДЗС), ќе ги повлече сите 96 камиони и багери што биле ангажирани во расчистување на поплавените региони.

Салиу, на прес-конференцијата во Стајковци, рече дека ДСЗ досега исчистила улици, канали и речни корита во должина од 8,6 километри, дезинфицирале и дератизирале 447 објекти, исчистиле 67 септички јами, а испумпале вода и кал од вкупно 53 куќи. Во оваа акција на ДЗС биле вклучени 3.400 работници.

Преку ДЗС ангажирани биле 19 фирми. Салиу изрази сочувство на семејствата на настраданите во поплавата и рече дека сè уште се трага по 16-месечното бебе.


Салиу: Постои процедура за ангажирање на „канадерите“


Охрид, 20 јули, 2015 - 17:07 (META) 

Директорот на Дирекцијата за безбеност и заштита, Шабан Салиу, во изјава за „Мета“ не даде дециден одговор дали двата „канадери“ ќе бидат ангажирани во гаснење на пожарот над Охрид. Тој само рече дека припадници на Дирекцијата се ангажирани на теренот.

На инсистирање да одговори за авионите, само кажа дека за тоа има процедура. На прашањето дали, во согласност со процедурата, пристигнало барање од охридскиот градоначалник Никола Бакрачески, тој даде негативен одговор.

На социјалните мрежи се појавија информации и коментари дека „авионите се на сервисирање и дотогаш не смее да има пожари“.

Весникот „Вест“, исто така, информираше дека двата авиони се испратени на редовен сервис во Шпанија, прашувајќи зошто за тоа е одбран токму овој период кога ризикот од шумски пожари е најголем.

Силен пожар беснее од попладнево над Охрид, во подножјето на планината Петрино, во област со далноводи и со преносни предаватели на мобилни оператори.

Пожарот брзо се шири во правец од исток кон запад, а сега се спушта кон градот, во правец на безинската пумпа на „Макпетрол“ и на дирекцијата на Националниот парк Галичица. Од тој правец може да се интервенира со цистерни.

Постои голема опасност, доколку влезе во подрачјето на висока и густа борова шума, да дојде до уште поголема стихија. Само стотина метри е првата линиjа.

Во моментов неколку помали екипи на професионалната противпожарна единица Охрид, како и една екипа на Националниот парк Галичица се на местото на настанот и се обидуваат да го локализираат пожарот, но само со прирачни средства кои се недоволни да се справат со ваквата силина на огнот.

Теренот е недостапен за противпожарни возила. Засега не се знаат причините за пожарот, но на некои портали објавена е информација дека е можеби подметнат, со оглед на фактот што се појавил истовремено на три места.