Џонсон: Србија и Косово да се угледаат на Македонија и Грција


Белград, 11 септември, 2018 - 10:21 (META) 

Американскиот сенатор Рон Џонсон на крајот на својата балканска турнеја, ги повика Косово и Србија при решавањето на долготрајниот спор, да се угледаат на Македонија и Грција.

– Грција и Македонија имаат реална шанса да го решат спорот сврзан со промената на името на земјата, кој постои веќе 27 години. Сметам дека двете земји имаат многу смели премиери коишто согледуваат што е во интерес на народите. Сметам дека тој пример може да им користи на Србија и Косово, коишто, според мене, водат сериозни преговори за да го решат долгогодишниот меѓусебен спор – рече Џонсон во интервју за Радио Слободна Европа во Белград, каде отпатува по посетите на Грција, Македонија и Косово.

Прашан какви се неговите очекувања од рефендумот во Македонија, Џонсон вели дека бил охрабрен при разговорот со премиерот Зоран Заев, како и со претставниците на опозициските партии во Собранието.

– Има уверување дека референдумот „ќе помине“, се надеваме дека нема да има бојкот и дека на гласачките места ќе излезат голем број гласачи. Тоа би било одлично – вели Џонсон.

Републиканскиот сенатор близок до претседателот на САД, Доналд Трамп, порачува дека грчко-македонскиот спор е проблем што трае долго и за којшто не постои лесно решение, но ја пофалува политичката храброст на двајцата премиери за постигнување договор за нешто за што знаат дека нема да биде широко прифатено ниту од граѓаните на Грција, ниту од граѓаните на Македонија.

– Навистина имам впечаток дека некогаш, ако оваа спогодба биде ратификувана, народите на Грција и Македонија ќе сфатат дека тој бил вистинската работа – нагласи републиканскиот сенатор.

Зборувајќи за Косово, Џонсон порача дека „решението мора да дојде од страните во спорот“ и дека САД се тука само да поттикнат и да поддржат решение.

– Сакаме на водачите на двете страни да им дадеме простор да бидат флексибилни и креативни, да најдат решение за овој исклучително тежок проблем – рече сенаторот во интервјуто за „Радио Слободна Европа“.

Претседавачот на Комисијата за внатрешна безбедност во Сенатот на САД се осврна и на руското влијание во регионот.

Тој порачува оти САД би сакале „Русија да биде пријателски ривал, а не соперник“, но и дека за жал Москва во Источна Европа не нуди ништо во контекстот на економскиот просперитет, туку ја дестабилизира ситуацијата.


Почина американскиот сенатор и воен херој Џон Мекејн


Вашингтон, 26 август, 2018 - 14:01 (META) 

Вчера во неговиот дом во Корнвил, Аризона, почина американскиот воен херој и политичар Џон Мекејн (81), објави неговото семејство. Мекејн, кој служеше како шест кратен републикански сенатор од Аризона, подолго време боледуваше од рак на мозокот и пред неколку дена најави дека го прекинува третманот.

Сопругата Синди Мекејн пиша на Твитер: „Моето срце е скршено. Имав среќа што во тек на цели 38 години ја проживеав авантурата на љубов со овој неверојатен човек. Тој замина како што и живееше, под негови услови, опкружен со луѓето кои ги љубеше, во неговото најсакано место.“

Во текот на војната во Виетнам Мекејн како воен пилот бил соборен и поминал 5 и пол години како воен заробеник (1967-73) во самица и под тортура. Како син на адмирал му бил понуден повластен третман и пуштање, но тој ги одбил барајќи прво да бидат пуштени соборците кои биле заробени пред него. По 20 години во морнарицата, Мекејн имаше долга политичка кариера со особен фокус на безбедноста, при што два пати беше и кандидат за претседател на САД. Како еден од највлијателните републикански сенатори, Мекејн својата политичка кариера ја темелеше принципи поради кои не се колебаше да гласа и против ставовите на мнозинството на неговата партија, како и јавно да опонира на ставовите на републиканскиот претседател Доналд Трамп. Мекејн до самиот крај на животот беше политички активен и се спротивставуваше на ширењето на непријателското влијание на Кремљ, посетувајќи ги Грузија и Украина знак на поддршка и укажувајќи и дека скандалот со хакирање на изборите претставува акт на агресија. Мекејн се залагаше и за влез на Македонија во НАТО и во април 2018 година Мекејн одржа средба и со вицепремиерката на Република Македонија Радмила Шекеринска при нејзината посета на Вашингтон. На 13 јуни, по потпишувањето на Договорот од Преспа, тој испрати порака на целосна поддршка до премиерите Ципрас и Заев за нивната работа на решавањето на спорот со името. „Ако продолжат да покажуваат државничка храброст, резултатот ќе биде поголема безбедност и просперитет и за нивните земји и за регионот,“ тогаш изјави Мекејн.

Објавата за прекин на лекувањето на интернет предизвика лавина на изрази на поддршка и надеж од пријателите на Мекејн. Еден од нив беше и сопартиецот Арнолд Шварценегер, филмска ѕвезда и бивш гувернер на Калифорнија, кој објави порака до „еден од најголемите борци во историјата на нашата земја“:

„Верувам дека на луѓето треба да им се каже  што ви значат пред да им кажете збогум, па затоа сенаторе Мекејн, ви велам: Благодарам! Ви благодарам од сѐ срце за Вашата посветеност на нашата земја, Вашата инспирација и Вашето пријателство.“

Почитувачите на Мекејн го истакнуваат неговиот интегритет и достоинство преку споделување примери од неговата долга кариера. Меѓу нив се истакнува моментот кога одбива да прифати напади на лична основа кон неговиот противкандидат Обама од страна на сопствена поддржувачка и учтиво ја замолчува со „тој е пристоен семеен човек, граѓанин со кого се погодило дека јас имам несогласувања за фундаментални прашања. Само тоа е поентата на оваа кампања.“


Мекејн: Никому не му е во интерес да дојде до распад на Македонија


Вашингтон, 27 април, 2017 - 10:46 (META) 

Не е во ничиј интерес да се распадне Македонија, коментира Џон Мекејн, влијателниот републикански сенатор од сојузната држава Аризона, кој претседава со Комисијата за вооружените сили во Сенатот на САД.
Во интервју за српската редакција на „Гласот на Америка“, кое го пренесе и македонската редакција на овој сервис.

Тој вели дека не предвидува војна, но гледа дека ситуацијата излегува од контрола. Смета дека САД и ЕУ треба да бидат многу поактивни.

– Загрижен сум за Македонија. Не предвидувам војна или конфликт, но велам дека напнатоста е голема и ситуацијата излегува од контрола и бара поголем ангажман од САД, но и од ЕУ – коментира поранешниот претседателски кандидат.

Запрашан каква треба да биде улогата на САД на Балканот, Мекејн вели е потребен поголем ангажман за Вашингтон да ја потврди поддршката за регионот. Тој смета дека балканските земји треба да бидат вклучени во заедничките воени операции на САД, а особено тоа важи за земјите од регионот кои се дел од НАТО. Сенаторот Мекејн коментира дека САД треба да изразат благодарност до земјите од Балканот, за помошта во Авганистан, но и за учеството во други мисии во светот.

Осврнувајќи се на севкупните состојби во регионот, сенаторот Мекејн изрази мислење дека иако има огромен напредок од 1990-тите години, и понатаму има значителни притисоци и нестабилност, кои се зголемуваат наместо да се намалуваат.


Мекејн: Диктаторите почнуваат со задушувања на слободните медиуми


Вашингтон, 19 февруари, 2017 - 17:51 (META) 

Републиканскиот сенатор од Аризона и поранешен кандидат за претседател на САД, Џон Мекејн, вели дека диктаторите во своето владеење првото нешто што го прават е задушување на слободните медиуми.

Меккејн ова го изјави за „Ен-би-си“ во одбрана на медиумите кои во последно време се честа мета на напад на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

– Ги мразам новинарите. А вас посебно. Но, факт е дека сте ни потребни. Слободните медиуми се потребни. Мора да ги имаме. Витално е. Ако сакате да ја сочувате демократијата каква што ја познаваме, морате да имате слободни медиуми, кои често се и противнички настроени. А без тоа, се плашам дека со текот на времето ќе изгубиме и други наши индивидуални слободи – вели Мекејн.

Мекејн додава дека диктаторите почнуваат со задушувања на слободните медиуми односно со консолидација на моќта.

-Кога ќе ја погледнете историјата, првата работа која диктаторите ја правеле било задушување на медиумите. Не велам дека претседателот Трамп се обидува да биде диктатор, само велам дека мора да ја научиме лекцијата од историјата – изјави Мекејн.


Силвио Берлускони осуден поради подмитување сенатор


Неапол, 9 јули, 2015 - 11:20 (META) 

Поранешниот италијански премиер, Силвио Берлускони, е прогласен за виновен во случајот во кој му се судеше за подмитување сенатор во 2006 година за да ја собори тогашната левоцентристичка влада, пренесуваат европските медиуми.

Судот во Неапол го осудил Берлускони на затворска казна од три години и забрана за вршење јавна функција во наредните пет години.

Берлускони, кој четирипати беше на чело на италијанската влада, ги отфрилил сите обвинувања.

Сепак, според медиумите, тој најверојатно нема да ја издржува казната поради законски измените, кои треба да стапат на сила до крајот на оваа година.

Италијанскиот милијардер беше обвинет дека во 2006 година му дал 3 милиони евра на сенаторот Серџо де Грегорио за тој да премине во неговата партија и со тоа да ги поткопа позициите на тогашната влада.

Поранешниот премиер во моментот води жалбена постапка во апелацискиот суд против затворската казна на која е осуден поради секс со малолетна проститутка, злоупотреба на позицијата и поради издавање доверливи полициски материјали, односно снимки од прислушување.

Минатата година, тој беше осуден и за даночна измама.