Солун, преку Србија, ќе се промовира како балканска бизнис дестинација


Солун, 13 март, 2018 - 10:10 (META) 

Грција и Србија ќе одржат бизнис-форум на 19 март (понеделник) во Солун, на кои ќе учествуваат претставници на двете влади и бизнисмени, пишува грчкиот сајт „Вориа.гр“

Тие ќе разговараат за проблемите со кои се соочува регионот, специфичното деловно опкружување, како и подобрување на условите за бизнис. Околу 150 грчки компании ќе разговараат за можна соработока со околу 75 српски компании активни во енергетиката, земјоделството, туризмот, пазарот на недвижнини, телекомуникациите и информатичката технологија и фармацијата.

Според „Вориа“, „Солун и Северна Грција одржуваат блиски контакти со регионот, главно поради изборот на соседите за да се одморат на Халкидики, Пиреја, Кавала, Тасос но и поминатите викенд и празници во Солун, на забава и шопинг.“

„Во процесот на целосно интегрирање на земјите од Западен Балкан во евроатланските структури, Белград е еден од клучните играчи. Поради големината и квалитетот на бизнисот, Србија најмногу извезува во еврозоната, но има и напредокот на структурните реформи во земјата“, пишува „Вориа“.


Македонски државјани го организирале шверцот на 8 тони марихуана, запленета во Италија


Венеција, 13 февруари, 2017 - 11:24 (META) 

Италијанската полиција запленила рекордно количество од 8 тони марихуана, која била натоварена во камион што го управувал македoнски државајнин, пишува весникот „Венеција тудеј“.

Според весникот, дрогата била транспортирана со ферибот од Албанија до италијанското пристаниште во Анкона. Италијанските служби, пишува весникот, ја детектирале дрогата на пристаништето, но го пуштиле камионот да помине, а информацијата за транспортот ја чувале во тајност за да дојдат до останатите вмешани во нарко-мрежата.

Викендов италијанската полиција потвди дека во Венеција се запленети 8 тони марихуана. Од полицијата навеле дека нема да соопштуваат повеќе детали поради истрагата која била во тек, но потврдиле дека криминалната организација била раководена од македонски државјани.


Солунското пристаниште апелира да престанат блокадите на Евзони


Атина, 7 февруари, 2017 - 13:56 (META) 

Грчките земјоделци продолжуваат со блокадата на граничниот премин Евзони, а повремено ја затвораат и железничката пруга од Грција кон Македонија кај преминот Идомени.

Ова е интензивирање на штрајкот на земјоделците, кои се закануваат дека ако нивните барања за средба со премиерот Алексис Ципрас не се остварат, може да го блокираат и граничниот премин Идомени.

Нов апел да се стави крај на блокадата на границата со Македонија упатија од солунското пристаниште. Пристаништето е преполно поради блокадата на границата и стравува дека ако наскоро не престане блокадата, ќе мора товарните бродови да се пренасочат кон другите пристаништа во регионот, слично како што се случуваше минатата година поради блокадите од бегалците, а потоа и од вработените во пристаништето.

Директорот на солунското пристаниште, Константинос Мелиос, во изјава за солунскиот портал „Вориа“, коментира дека до утре ако не се отвори границата на пристаништето, ќе се соберат повеќе од 120.000 тони сурови материјали како никел, јаглен, метал и сол, кои треба да се пренесат во Македонија.

„Бараме од земјоделците да го разберат проблемот што се создава и да одберат друг начин за интензивирање на протестите, а не блокада на националните автопатишта“, изјави Мелиос, додавајќи дека ако продолжи ваквата ситуација, ќе мора товарните бродови да одат кон конкурентните пристаништа на Балканот, што ќе создаде нов удар за имиџот на солунското пристаниште.

Засега нема информации за официјални политички реакции против блокадата на граничниот премин Евзони од Грција кон Македонија, кој е затворен за протек на возила една недела.


Грчките блокади и замрзнатиот Дунав ја оптоварија железницата, се бара вагон повеќе


Скопје, 6 февруари, 2017 - 12:00 (META) 

Железничкиот превоз e оптоварен и капацитетите на возовите се целосно исполнети, алармираа македонските компании кои бараат алтернативен превоз поради блокадата на граничниот премин Евзони од страна на грчките земјоделци, која трае веќе една недела.

Директорот на Македонска железница „Транспорт“, Никола Костов за „Мета“ вели дека нема прекин на железничкиот сообраќај и редовните коминтенти се сервисираат навремено, но побарувачката за железнички превоз е повеќекратно зголемена.

– Потребата за железнички сообраќај преку Солун е зголемена и поради замрзнувањето на Дунав, па преносот на стока е пренасочен преку солунското пристаниште. Дополнително, побарувачката е зголемена и поради штрајкот на грчките земјоделци – вели Костов.

Тој додава дека од директорот на грчки железници побарал поголем влез и излез на возови, како и да го продолжат работното време.

– Влегуваат и излегуваат три до четири воза дневно, а бараме таа бројка да биде барем 10. Исто така побаравме од нив да работат 24 часа, бидејќи сега нивното работно време е од 7 до 18 часот – додава Костов.

Претходно, директорот за продажба во „Макстил“, Јане Адамчевски, изјави дека тие како компанија индиректно се загрозени од блокадата на границата.

– Заради специфичноста на производите, транспортот од и кон Солун го правиме преку железнички пат. Но, сега, заради блокада на границата, сите превозници се ориентираа кон железнички превоз. Побарувачката за овој транспорт е зголемена, а капацитетите на македонската и на грчката железница се ограничени и не можат да одговорат навремено на овој обем на побарувања. Поради тоа планираната и нормална динамика на испорака на производите е загрозена – изјави Адамчевски за „Мета“.

Грчките земјоделци не само што не најавуваат дека ќе ги тргнат блокадите, туку се закануваат дека протестите ќе ги радикализираат.

Земјоделците се закануваат дека доколку владата не одговори на барањето, ќе го блокираат и граничниот премин кај Дојран, како и железничката линија кон Македонија кај Идомени.


Инциденти и судири на Крит помеѓу грчки земјоделци и вработени на пристаништето


Ираклио, 10 декември, 2016 - 9:59 (META) 

Голема група грчки земјоделци се судрија со вработени на пристаништето на Крит, гневни поради еднонеделниот штрајк на вработените во поморските служби.

Поради штрајкот, веќе една недела нема ниту еден брод од и кон островите во Грција што создава големи проблеми за снабдувањето на островите, но и за земјоделските производи кои треба да се пренесат кон копно.

Групата земјоделци се собра на пристаништето уште рано вечерта со барање да се стави крај на штрајкот и нивните производи да се натоварат и да се пренесат кон Атина. Одбивањето да се прекине штрајкот предизвика насилни физички судири помеѓу двете страни.

Дел од земјоделците се обидоа да одврзат еден брод, почнаа да фрлаат со пиротехника кон бродот и вработените на пристаништето, кои, пак, за да ги избркаат земјоделците почнаа да ги прскаат со вода од бродот. Земјоделците запалија неколку билетарници и подметнаа пожар во канцелариите на една компанија за поморски превоз на пристаништето.

Штрајкот на бродовите создава големи проблеми и за снабдувањето со лекови и со медицински материјали за болниците на островите, но и за патниците и за туристите кои и во зимскиот период сакаат да ги посетат островите. Голем дел од островите почнуваат да пренесуваат од и кон Атина или меѓусебно производи преку помали бродови, бидејќи веќе има големи недостатоци од основни работи, како млечни производи.

Грчкото министерство за поморство апелира да се стави крај на штрајкот во најскоро време и се заканува дека во спротивно ќе пристапи кон присилнa мобилизација.

Вработените во поморскиот сектор се бунат против високите даноци на нивните приходи и лошите услови за работа во секторот.


Македонската и грчката железница бараат начини да ја подобрат соработката


Солун, 6 октомври, 2016 - 12:53 (META) 

Управите на грчката железница и на солунското пристаниште ги интензивираат напорите да се подобри соработката и транспортот на стоки кон Македонија преку „Македонски железници“, за да се залечат раните од постојаните штрајкови, блокадата на железничката линија и проблемите со персоналот изминатите две години.

На оваа тема во Солун вчера разговараа првите луѓе на грчката железница, солунското пристаниште и претседателот на „Македонски железници“, Никола Костов. Претседателот на управата на солунското пристаниште, Констанитнос Мелиос, за „Мета“ вели дека состанокот бил продуктивен и во позитивна клима, а се разговарало за постојните проблеми во товарниот транспорт, за подобрување на комуникацијата и на координацијата за да се зголеми транспорот од Солун кон Скопје и обратно.

Трите страни се договориле секој од своја страна да ги разгледа проблемите што претставуваат пречка и доведуваат до намалената соработка и транспорт, за да се договори побрз и поефикасен железнички транспорт кој ќе одговара на потребите и на македонските клиенти, големите фабрики кои зависат од металите и од основните суровини, кои главно се пренесуваат од солунското пристаниште кон Македонија, но ќе ја помогне работата и на пристаништето и на железницата.

– Во 2015 година имавме голем пад на железничкиот транспорт, околу 75 отсто намалување на транспортот од и кон пристаништето кон вашата држава. Ова главно се однесува на транспорт на метали и на производи од железо и од суровини. Овој пад не е добар и за пристаништето во Солун, но и за работата на фабриките во Скопје, кои, како што беше истакнато на состанокот, вработуваат голем број луѓе и имаат потреба од суровини кои ќе бидат пренесени без дополнително доцнење и повисока цена – вели Мелиос за „Мета“.

Опаднатиот транспорт, како што посочува тој, се должи и на проблемите од реорганизацијата на грчката железница, проблемите со персоналот, но и на годинешната двомесечна блокада на Идомени. Грчката железница на состанокот се обврзала дека ќе работи на подобрување на проблемите со транспортот и линијата од нејзина страна, но и дека ќе се анализира можноста за намалување на цената на железничкиот транспорт кон Македонија за да се зголеми товарниот сообраќај и преносот на стоки.

Директорот на грчките железници, Филипос Цалидис, за грчките медиуми потенцирал дека проблемите се должат и на ретката комуникација со македонската страна, за која по состанокот е оптимист дека ќе се подобри, но и проблемот со мал број машиновозачи, проблеми со железничката мрежа во Грција, како и преминот од електрична на дизел-локомотива.

По состанокот во Солун трите компании планираат, доколку има потреба, да имаат и следен за да ги координираат меѓусебно програмите за 2017 година.


Реконструкција и преуредување на крајезерското шеталиште во Охрид


Охрид, 28 септември, 2016 - 11:55 (META) 

По двогодишни подготовки и неуспешниот конкурс за избор на идејно решение од 2015 година, Општина Охрид, конечно, го објави тендерот за реконструкција и за партерно уредување на Кејот Македонија.

Станува збор за потегот од градското пристаниште до хотелот „Гарден“, кој продолжува преку Холандскиот парк и мостот Студенчишта, со новото шеталиште во доизградба – сè до комплексот „Инекс Горица“.

Идејниот и основниот проект за модернизација на брегот на Охридско Езеро е изработен од локалната самоуправа.

Вредноста на овој проект е проценета на околу 1,2 милиони евра.

Градежниот зафат треба да се реализира во период од 15 месеци, а рокот за доставување понуди истекува на 12 октомври.

Од Општина Охрид напоменуваат дека со изработката на новото идејно решение за центарот на градот се внимавало да не се наруши природниот еко-систем на Охридско Езеро.


Пад на прометот на солунското пристаниште


Атина, 27 септември, 2016 - 10:00 (META) 

Прометот на солунското пристаниште опаднал за 20,4 отсто во првите шест месеци од годинава во споредба со истиот период лани. Пристаништето во првите шест месеци годинава има промет од 21,1 милиони евра, во споредба со 26,6 милиони во првите шест месеци од 2015 година.

Причината за намалената заработка и опсег на работа се проценува дека се двомесечната блокада на железничката линија од бегалските протести кај Идомени, но и двомесечните штрајкови на вработените во пристаништето кои реагираа против приватизацијата на компанијата. Ваквите проблеми доведоа на двапати до голем застој во работата на пристаништето, со што не можеше да се товараат и да се истовараат контејнери и да се пренесат до европските држави и до крајната дестинација, поради што голем број од клиентите на солунското пристаниште беа принудни на транспорт преку железничката линија Солун – Софија и на користење на пристаништата во Албанија и во Бугарија.

Штрајковите предизвикаа големи проблеми и за македонските клиенти на пристаништето, кои мораа да чекаат со денови за преземање или испраќање на контејнерите со стоки.

Извршниот директор на компанијата Димитрис Макрис, во изјава за грчката информативна агенција АПЕ истакнал дека од вкупно 180 денови во првото шестмесечје, 32 дена вработените постојано штрајкувале, а уште четири недели ја стопирале привремено работата со неколкудневни штрајкови и протести, додека, пак, бегалците цели 67 дена ја блокираа работата на железничката пруга. Макрис, сепак, е оптимист дека во следниот период  ќе има пораст на работата, а со тоа и подобрување на прометот и на добивките за пристаништето кое поради географската положба важи за едно од најповолните во ЕУ.


Во октомври истекува рокот за понудите за приватизација на солунското пристаниште


Солун, 25 август, 2016 - 12:30 (META) 

Грчкиот фонд за приватизација во октомври ги очекува финалните понуди за приватизација на солунското пристаниште. Заинтересираните компании ќе треба да ги поднесат своите понуди на отворениот тендер до почетокот на октомври за преземање на мнозинскиот пакет од 67 отсто од акциите на солунското пристаниште.

Во првата фаза од тендерот за приватизација на второто најголемо пристаниште во државата, кое значително го користат и македонските компании, се влезени осум заинтересирани компании. За солунското пристаниште се борат „АПМ Терминалс“, подружница на „Маерск“, германската компанија „Дојче инвест“, „Дуферко“, филипинската ИЦТС, јапонската „Митсуи“, „Пи енд О стим навигејшн компани“ која е дел од „Дубао портс“, конзорциумот на Руската железница со грчката ГЕК-Терна и турската компанија „Тилпорт холдинг“.

Секоја од компаниите со новите услови за приватизација ќе мора да се обврзе да инвестира 220 милиони евра за осовременување на инфраструктурата на пристаништето.
Одлуката за приватизација на пристаништето наиде на големи реакции од вработените, кои штрајкуваа два месеци со блокада на работата на пристаништето за да издејствуваат подобри колективни договори. Штрајкот предизвика големи загуби и главоболки за пристаништето и значително влијаеше на нарушување на имиџот на овој клучен европски пристанишен центар, кој поради местоположбата и железничката поврзаност преку Македонија, се користи за увоз и за извоз од голем број светски и европски компании.

Според информациите во Грција, изминатата година преку Солун биле пренесени речиси 7 милиони тони стоки и производи.


Закочен товарниот сообраќај од солунското пристаниште кон Македонија


Атина, 23 јули, 2016 - 13:10 (META) 

Повторно е закочен товарниот сообраќај од солунското пристаниште кон Македонија и Европа. Проблемот овојпат не е кај пристаништето, туку грчката железница. По завршувањето на штрајкот на вработените на железницата, приоритет е даден на потребите на пристаништето Пиреја, ставајќи ги во втор план клиентите на солунското пристаниште.

Како што информираат извори од солунското пристаниште за „Мета“, веќе една недела нема возови од пристаништето кон Идомени и кон македонско-грчката граница. Поради ова на пристаништето повторно се заглавени товарни контејнери, меѓу кои има јаглен и метали на кои ги чекаат металуршките фабрики во Македонија.

Проблемот е во тоа што според регулативите на грчката железница возовите кои минуваат низ урбани места, како возот од и до солунското пристаниште, мора од безбедносни причини да имаат двајца машиновозачи. Железницата има поставено само еден машиновозач од солунското пристаниште до Идомени, кој одбива да го врши превозот во страв да не се предизвика некаква штета или несреќа, поради што возовите се целосно закочени.

Првите луѓе на пристаништето веќе имаат направено голем притисок врз железницата да се одреди уште еден машиновозач. Вчера веќе бил испратен уште еден човек на неколку часа, а од железницата ветуваат дека работите ќе се нормализираат од понеделник.

За да им излезе во пресрет на клиентите и да помогне да нема дополнителни трошоци, деновиве, додека трае прекинот на товарниот сообраќај, пристаништето не наплаќа дополнителна сума за чување на стоките.

Овој проблем само се надоврзува на постојаните прекини на товарниот сообраќај за пристаништето кои почнаа со тримесечната блокада на пругата кај Идомени поради протестите на бегалците, а продолжија со штрајкот прво на вработените на пристаништето, а потоа и на вработените во железницата.