Министерството за транспорт и врски веќе издвоило пари за санирање на оштетувањата на градското пристаниште, а работите ќе почнат кога тоа ќе го дозволи хидролошката состојба. Од буџетот на министерството се предвидени 7,8 милиони денари (126.800 евра) за санација на пристаништата.

Поради големото количество врнежи од дожд и снег и очекуваното зголемување на водостојот, работите за санацијата не може да почнат во овој период, а тоа би се случило дури кон крајот на април.

Последното поголемо невреме од март минатата година направи голема пукнатина на пристапниот дел на пристаништето, кој служи за спуштање кајчиња, глисери и други помали пловни објекти. Од Капетанијата на пристаништа велат дека најновото оштетување не ја загрозува стабилноста на објектот, но потсетуваат дека по самиот пристанишен ѕид има дупки и девијации кои мора да се средат.

Локалната самоуправа се правдаше дека нема никакви надлежности над објектот и не може да прави парцијални санации без претходни научни анализи и испитувања.

Градското пристаниште датира од далечната 1938 година. Сопствениците на пловни објекти бараат негова целосна реконструкција, доградба, осовременување и зголемување на капацитетот.