!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Иванов побара новата влада да го заштити унитарниот карактер на државата


Скопје, 29 декември, 2016 - 11:59 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска при традиционалното новогодишно обраќање, повика да престане реториката на поделби на патриоти и на предавници и побара простување, помирување и одговорност.

Иванов рече дека никогаш нема да се согласи Македонија да биде бинационална и федерална држава. Тој ги повика политичарите да не помислат постизборно да преговараат за државните интереси, а од новата влада побара заштита на унитарниот карактер на државата.

– Некои лидери на партии лицитираат со кантонизација, федерализација, со името на државата, лицитираат со државните интереси. Никогаш нема да се согласам Македонија да биде бинационална држава, да биде федерална држава. Никој нема мандат да ја прекројува државата. Македонија е унитарна држава со мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество – рече Иванов.

Иванов, исто така, повика да престанат и нападите кон странските дипломатски претставници, кои истовремено ги повика да внимаваат на своите постапки. Тој ја повика Европската Унија да престане да го блокира членството на Македонија зашто тоа се одразило на внатрешната политика на државата.

За Специјалното јавно обвинителство, Иванов рече дека е политизирано и дека дејствува селективно, со уцена на политички противници.

Претседателот Иванов оцени дека живееме во „слаба“ Македонија, раскарана по секоја основа и дека нема ништо потрагично од меѓумакедонскиот судир.

Од новата влада Иванов побара да се спроведе попис, а лидерството на СДСМ и на ВМРО-ДПМЕ го повика на национално помирување и на здружување за исполнување на македонските интереси. Иванов ги повика шесте лидери на парламентарните партии да покажат одговорност и што поскоро да потпишат обврзувачка декларација за посветеност на евроатланската агенда.

– Две нешта нè влечат назад: реваншизмот и поделбите. Ве повикувам да ги оставиме зад нас. Ова е тешка одлука затоа што треба да си простиме за тешки зборови, клевети и дела, а тоа бара понизност што е одлика на одговорни луѓе. Без тоа не можеме да се надеваме на просперитет и на успех. Да престанеме со реториката на патриоти и на предавници. Со секој збор и навреда, на нашите потомци им оставаме само кавги и поделби – рече Иванов.


Контраспин: Кој работеше на поделби цело време


Скопје, 14 декември, 2016 - 10:28 (META) 

Тој што работеше на поделби на граѓанска, интраетничка и меѓуетничка поделба речиси десетина година, не може сега да повикува на намалување на јазот и на обединување околу заеднички цели, пишува „Вистиномер“.

Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, ја даде следнава изјава што „Вистиномер“ ја оценува како спин:

Спин: „Ќе бидеме фокусирани да се намали јазот помеѓу граѓаните, политичкиот јаз. СДСМ во желба да нè победи внесе многу гнев, многу омраза, многу голем јаз се создаде помеѓу македонскиот народ и граѓаните на Македонија, а понекогаш во некои моменти и помеѓу различните етнички заедници. Тоа треба да престане. И јас лично и новата влада и ВМРО-ДПМНЕ ќе работиме на намалување на тој јаз и на едно обединување со кое  сите граѓани ќе ја градиме Македонија како земја со многу повеќе работни места, повисок стандард и земја која ќе се движи кон Европската Унија“.

Контраспин: Никола Груевски веднаш по прогласувањето на прелиминарните резултати со проекцијата на пратенички места од страна на Државната изборна комисија, даде изјава за јавноста во која со помош на извртување на фактите, ја извртува вистината и спинува дека ќе работел на намалување на поделбата на граѓаните.

Груевски во изјавата детектирал две работи – првата е дека јазот е политички, но и дека постоела омраза, понекогаш дури и меѓу етничките заедници. Втората е, дека сето тоа го направил политичкиот противник СДСМ во кампањата за да ѝ наштетел на ВМРО-ДПМНЕ. Двете работи се невистина и извртување на фактите.

(Целиот текст од „Вистиномер“ можете да го прочитате и да го преземете ТУКА)


СДСМ: Илинден не е за поделби!


Скопје, 2 август, 2016 - 17:03 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ и на Илинден не успеа да се надмине себеси и не се откажа од црните пропаганди, од туркањето на граѓаните кон поделби и од злоупотреба на државните функции и ресурси, реагираат од СДСМ на денешните говори на претставниците од власта, дадени на манифестациите со кои се чествуваше Илинден.

Според опозициската партија, претседателот Ѓорѓе Иванов е последниот кој може да зборува за единство, дијалог, компромис и за политичка стабилност.

„Тоа е човекот што помилува криминалци и со тоа предизвика масовни демонстрации низ улиците на Републиката. Тоа е човекот што ја конфронтира Македонија со западните демократски вредности“, стои во реакцијата на СДСМ.

Од СДСМ велат дека Трајко Вељаноски во денешниот свој говор уште еднаш најбезобразно ја урнисал позицијата претседател на Собранието.

„Наместо да се посвети на вредностите на македонската државотворност и на македонската република, тој се одлучи преку црнила и патетики да ги напаѓа граѓаните и политичарите што не мислат како него. Неговите колеги од мафијашката дружина во исто време се обидоа да сеат поделби и на Мечкин камен“, стои во реакцијата.

Од СДСМ порачуваат дека Илинден не е за поделби и оти нема поголемо предавство од тоа да ги делиш сопствените граѓани!

„Нам, на граѓаните, ни е доста од вашите поделби! Сакале вие или не, во секој граѓанин на Македонија има по еден партизан и по еден комита! Сакале или не, по дождот доаѓа сонце!“, велат од СДСМ.


Иванов: Дозволивме странците да се грижат за нас, повеќе од самите нас


Скопје, 2 април, 2016 - 11:11 (META) 

Наместо во овие 25 години да се ослободиме од погубните поделби, ние уште повеќе ги негуваме и го продлабочувама јазот меѓу нас, а кризата стана наше секојдневие, рече претседателот на државата, Ѓорге Иванов во своето обраќање на свеченоста по повод 65-годишниот јубилеј од основањето на Државниот архив на Република Македонија.

– Неодговорното однесување на политичките противници ѝ нанесува штета на државата. Кризата како да стана наше секојдневие. Се дозволи странците да се грижат за нас, повеќе од самите нас. Се дозволи други да ни го моделираат политичкиот и правниот систем. Се дозволи личниот и партискиот да бидат над државниот интерес – посочи Иванов.

Според македонскиот претсседател, неопходно е да се изгради доверба во државата и чувство за државен интерес, додавајќи дека цената на губењето на таа доверба е превисока.

– Во овој напнат амбиент како да забораваме дека го имаме она што многу народи сè уште го немаат – сопствена држава. Многу народи го посакуваат она што ние го имаме, но не го почитуваме и го земаме здраво за готово. Тешко е да се стекне, но уште потешко е да се сочува државата. Милионите мигранти упатени кон Европа се јасно потсетување за оваа вистина. Затоа, неопходно е да изградиме доверба во нашата држава. Да градиме чувство за државен интерес. Македонија да ни биде пред сè – рече Иванов.

Тој порача дека како генерација имаме многу кратко време да го поправиме впечатокот што идните генерации ќе го имаат за нас, кога ќе ги читаат записите што ќе ги оставиме во архивите.

Како сè уште неродените ќе гледаат на нашата генерација? Што нашите потомци ќе мислат за нашиот четврт век независност? Со каква содржина ја испишуваме нашата страница од современата македонска историја? И дали се водиме од желба за лична слава и политички рејтинг или од чувство на одговорност кон оваа и идните генераци – рече Иванов.