Утре ќе се исплатат субвенции за овошје и за градинарски култури


Скопје, 22 мај, 2018 - 14:00 (META) 

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој утре ќе изврши исплата на 14 милиони денари (227.000 евра) субвенции за произведено и предадено овошје во преработувачки капацитети, за произведени и продадени градинарски култури во преработувачки капацитети и за интервентните мерки за дополнителна субвенција од 6 денари за килограм праски и 2 денари за килограм лубеници.

За овошје ќе се исплатат субвенции на 147 лица, а на 56 лица интервентна субвенција за праски. За градинарски култури субвенции ќе добијат 278 лица, а интервентна субвенција за лубеници за 26 лица.

Во изминатиот период за субвенции за произведено и предадено овошје во преработувачки капацитети се исплатени околу 33,7 милиони денари на 1.471 лице и над 2,4 милиони денари за интервентната мерка за праски на 68 лица.

Изминатиот период за мерката за произведени и продадени градинарски култури во преработувачки капацитети се исплатени близу 121 милиони денари на 2.958 лица.


МЗШВ: Не се очекуваат позначителни штети од снегот и студот врз овошките


Скопје, 23 март, 2018 - 13:05 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека не се очекуваат значителни штети на родот на овошките од снегот и студот.

Од министерството велат дека во соработка со Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), состојбата се следи внимателно и дека според метеоролозите снежниот бран ги затекнал овошките во фаза на полно цветање, во која нивната издржливост кон ниски минимални температури е околу -2 до -3 Целзиусови степени.

„Бидејќи остварените температури беа во тие граници, не се очекуваат значителни оштетувања на родот“, се вели во соопштението од МЗШВ.

Сличните временски услови и облачноста во текот на викендот нема да дозволат драстично опаѓање на утринските температури, а најниските температури се очекуваат в недела наутро, кога ќе се спуштат до -4 степени. Но и тоа нема да предизвика позначителни штети.

„Бидејќи овие температури се блиску до границите на издржливост, може да предизвикаат само проретчување на родот, но не и негово оштетување“, стои во соопштението од министерството.

Според податоците од Подрачните единици на МЗШВ, досега земјоделците немаат пријавено штети од ниските температури и врнежите од снег, но состојбата на терен континуирано ќе се следи, со цел навреме да се преземаат доколку е потребно соодветни мерки.

На почетокот на наредната седмица се очекува променливо време со повремени врнежи од дожд, кои ќе одржуваат позитивни утрински температури, но и покачување на дневните температури до 15 степени. Во втората половина од следната седмица се очекува стабилизирање на времето и пораст на дневните температури и до 20 степени.


Хрватска и официјално објави дека го повлекува новиот правилник за увоз


Скопје, 10 август, 2017 - 15:36 (META) 

Веста за повлекување на новиот и за враќање на стариот правилник за увоз на овошје и на зеленчук, е објавена на официјалната веб-страница на Министерството за земјоделство на Хрватска, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Со враќањето на стариот правилник, трошоците за контрола на квалитет на овошјето и на зеленчукот од трети земји остануваат 12 евра по производ.

– Одлуката на Хрватска за враќање на старите цени за инспекциски контроли за увоз на зеленчук и на овошје од трети земји, е позитивна за македонските компании кои извезуваат во Хрватска – велат од МЗШВ.

Одлуката на Хрватска доаѓа по само три дена од заедничкиот состанок на надлежните министри од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора, кој се одржа во понеделникот во Сараево. На состанокот беа донесени заеднички заклучоци и тие беа испратени до Европската комисија и до Хрватска.

Следниот месец е договорен состанок на надлежните министри од регионот во Скопје, на кој ќе се разговара за тоа како да се отстранат бариерите што ја загрозуваат слободната трговија.


Србија очекува следните три дена да се најде решение за проблемот со извозот во Хрватска


Белград, 9 август, 2017 - 13:57 (META) 

Српскиот министер за трговија и туризам, Расим Љајиќ, очекува во следните три дена да биде најдено решение за спорот помеѓу Хрватска и земјите во регионот, поради новиот правилник за увоз на овошје и на зеленчук, што Хрватска го донесе на 15 јули, а со кој значително се зголемуваат трошоците при извоз на свежото овошје и зеленчук.

– Никому не му е во интерес заострување на односите и оваа состојба да трае долго, бидејќи трговските војни на крајот само бројат штети и тука никој не може да профитира – ијзавил Љајиќ за телевизија „Пинк“.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, вчера телефонски разговарал со министерот за земјоделство на Хрватска, Томислав Толушиќ, при што хрватскиот колега покажал интерес за наоѓање решение за настанатиот проблем.

Министрите во регионот одржаа  состанок во Сараево, каде што беа донесени заеднички заклучоци во однос на правилникот од Хрватска.

Тие ја повикаа Хрватска итно да ги укине дискриминаторските одредби од правилникот, а трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на нивната реална висина. Меѓу другото, во заклучоците се наведува дека секоја земја, сè до решавање на проблемот, за да ги заштити сопствените економски интереси, ќе преземе соодветни конкретни мерки и механизми.


Толушиќ до Шаровиќ: Хрватска ќе ги намали таксите за извоз на овошје и зеленчук


Сараево, 8 август, 2017 - 14:57 (META) 

Таксите за извоз на овошје и зеленчук во Хрватска, од земји кои не се во ЕУ, ќе бидат намалени, му соопштил денеска хрватскиот министер за земјоделство, Томислав Толушиќ, на босанскиот министер за надворешна трговија и економски односи, Мирко Шаровиќ.

Како што јавува „Радио Слободна Европа“, сепак, засега не се знае дали Хрватска ќе ги задоволи барањата на земјите од регионот, Македонија, Србија, Црна Гора и БИХ, за таксите да бидат усогласени со европскиот правилник. Одговорот на ваквите барања ќе биде познат на состанокот кој во следните недели ќе се одржи во Подгорица и во Дубровник.

Босанскиот министер Шаровиќ за РСЕ рече дека преговорите со Хрватска продолжуваат и во следните денови, имајќи предвид дека и самиот министер Толушиќ рекол дека „цените на таксите се превисоки“.

И македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска телефонски разговарал со својот хрватски колега Толушиќ, поради зголемените хрватски такси. Толушиќ, како што соопштија од македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, покажал интерес за наоѓање решение за настанатиот проблем.


Николовски телефонски разговарал со Толушиќ за крај на трговската војна со Хрватска


Скопје, 8 август, 2017 - 14:03 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска телефонски разговарал со министерот за земјоделство на Хрватска, Томислав Толушиќ, поради новиот правилник за увоз на овошје и на зеленчук, што Хрватска го донесе на 15 јули, при што значително се зголемуваат трошоците при извоз на македонското свежо овошје и зеленчук.

„Во текот на денешниот ден, министерот Николовски оствари телефонски разговор и со министерот за земјоделство на Хрватска, Томислав Толушиќ, кој покажа интерес за наоѓање решение за настанатиот проблем“, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Николовски бил во постојан контакт со надлежните министри од Република Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, по вчершаниот состанок во Сараево, каде што беа донесени заеднички заклучоци.

Министрите ја повикаа Хрватска итно да ги укине дискриминаторските одредби од правилникот, а трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на нивната реална висина. Меѓу другото, во заклучоците се наведува дека секоја земја, сè до решавање на проблемот, за да ги заштити сопствените економски интереси, ќе преземе соодветни конкретни мерки и механизми.

 


Регионот побара од Хрватска да укине одредби од правилникот за увоз на овошје и зеленчук


Сараево, 7 август, 2017 - 15:06 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, надлежните министри од Босна и Херцеговина – Мирко Шаровиќ, од Република Србија – Расим Љајиќ и од Црна Гора – Драгица Секулиќ, на денешниот итен состанок во Сареаво донесоа неколку заклучоци во врска со новиот хрватски правилник за увоз на свежо овошје и зеленчук.

Министрите ја повикуваат Хрватска итно да ги укине дискриминаторските одредби од правилникот, а трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на нивната реална висина.

Воедно министрите потписници бараат оваа недела да се одржи итен состанок со надлежните министри од Хрватска, а при тоа да се има предвид дека секое одложување за наоѓање решение ќе предизвика значителни последици врз производителите од земјите од регионот, со оглед на тоа дека сето ова се случува во период кога има зголемен извоз на сезонско овошје и на зеленчук.

Заклучоците со потпис од сите министри кои присуствуваа на состанокот ќе бидат испратени во Брисел.

Министерите од регионот во решвање на проблемот со Хрватска ја повикаа да се вклучи и Европската Унија.

Меѓу другото, во заклучоците се наведува дека секоја земја сè до решавање на проблемот, за да ги заштити сопствените економски интереси, ќе преземе конкретни мерки и механизми кои смета дека се адекватни.

Македонското Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе достави нота до хрватското Министерство за земјоделство за стопирање на правилникот за контрола при увозот на овошје и зеленчук.


Николовски со колегите од Србија и од БИХ ќе дефинира став за извозот во Хрватска


Скопје, 7 август, 2017 - 11:27 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска во Сараево ќе се сретне со своите колеги од БИХ и од Србија, Шемсудин Дедиќ и Бранислав Недимовиќ.

Тројцата министри на средбата се очекува да дефинират заеднички став во врска со правилникот за контрола при увозот на овошје и на зеленчук што го воведе Хрватска.

Со новиот правилник за увоз на овошје и на зеленчук што Хрватска го донесе на 15 јули, значително се зголемуваат трошоците при извоз на македонското свежо овошје и зеленчук, што ќе влијае врз зголемување на крајната цена на производите.

– Со овој правилник трошоците за контрола на квалитет на овошјето и на зеленчукот се зголемуваат од досегашните 90 куни (12 евра) по производ, на 2.000 куни (274 евра) по производ. Со такви зголемени цени, македонското овошје и зеленчук ќе бидат неконкурентни на пазарот. Сметаме дека со носењето на овој правилник се воведува нетарифна бариера од страна на Република Хрватска за заштита на хрватскиот пазар од увоз на свежо овошје и зеленчук – информираше Николовски.


Трошоците за живот се зголемени минимално


Скопје, 7 јуни, 2017 - 14:02 (META) 

Трошоците за животот во мај во споредба со истиот месец лани се зголемиле за 1,2 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Минимално зголемување на трошоците има и во однос на претходниот месец, од 0,7 отсто.

Зголемувањето на трошоците е забележано кај свежото и разладеното овошје за 13,2 проценти, свежиот и разладен зеленчук освен компирот за 12,6 проценти, сувото овошје и јаткастите производи за 2,5 проценти, рибата и морските плодови за 1,3 отсто, цигарите за 1,2 отсто и друго.

Во мај, исто така, зголемување на трошоците за животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 8,7 проценти, болничките услуги за 1,2 отсто, патниот сообраќај за 0,9 отсто и друго.


Трошоците за авионски превоз и за болнички услуги најмногу се зголемиле во март


Скопје, 7 април, 2017 - 15:50 (META) 

Трошоците на животот во март, во однос на претходниот месец, се зголемени за 0,5 отсто, а цените на мало за истиот период се зголемени за 1,4 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Зголемување на цените има кај свежото и разладеното овошје за 7,3 проценти, тутунот за 2,6 проценти, безалкохолните пијалаци за 0,8 отсто и друго.

Во март, најголемо зголемување на трошоците е забележано кај авионскиот превоз на патници за 24,2 проценти, болничките услуги за 6,6 проценти, чистењето, поправката и изнајмувањето облека за 6,2 проценти и друго.