Според најавата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денеска и утре целата територија на земјава ќе биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза, а Министерството за здравство упати до граѓаните неколку препораки како да избегнат последици од високите температури врз организмот.

– Препорачливо е да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се гледа почесто да правите почести одмори под сенка.

– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце, да се носат заштитни очила и капа и да се користи крема со висок заштитен фактор.

– Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна.

– Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.

– Пред влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри;

На хронично болните лица им се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на зеленчукот и овошјето пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање веднаш по подготовката.

Според податоците на УХМР, денеска и утре температурите во одредени делови од земјава ќе достигнат и до 40 степени.