Одложени свечените изјави на новоизбраните членови на ДИК


Скопје, 27 јули, 2018 - 9:30 (META) 

Собранието ја одложи свечената изјава на новоизбраните членови на Државната изборна комисија поради комеморативната седница во Приштина по повод смртта на активистот за албанските права, Адем Демаќи.
Собранискиот спикер Талат Џафери веќе отпатувал за Приштина. Собранието дополнително ќе ја закаже активноста за свечените изјави на членовите на ДИК.

Новиот привремен состав на ДИК со 100 гласа „за“ помина експресно на седницата која се одржа во среда вечерта.

Согласно тоа, за претседател на ДИК е Оливер Дерковски предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а Дитмире Шеху од ДУИ потпретседател. Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, Јанакие Витановски, Борис Кондарко и Радица Ристеска од СДСМ, како и Енвер Салиу од Беса се членови на највисокото изборно тело во државата.


По втор пат одложен почетокот на судењето за смртта на малата Тамара


Скопје, 4 јули, 2018 - 11:20 (META) 

По втор пат, во Кривичниот суд, не успеа обидот да започне судењето за смртта на малата Тамара, која во 2015 година почина додека чекаше средства за операција во странство.

За овој предмет, има материјални докази на 10.000 страници, поради што судијата ги замоли адвокатите самите да се снајдат и да си ги ископираат доказите, бидејќи во судот имало еден фотокопир па не можеле да постигнат.

Наредното рочиште е закажано за 17 септември.

За смртта на Тамара, односно за несовесно работење во службата, обвинети се 12 лица, повеќето лекари, а на денешното рочиште не присуствуваше Александар Стојановиќ, за кој судијата Марин Станевски истакна дека не примил уредна покана.

Во судница денес присуствуваа обвинетите Аспазија Софијанова, како член на второстепената комисија, поранешните директори на Фондот за здравство, Маја Парнаџиева -Змејковска и Џемаиали Мехазуии, како и членовите на првостепената комисија Владимир Поповски, Александар Чапароски, Лилјана Тозија, Нааталија Долненец- Банева и Никола Граматиковски, како и членовите на второстепената комисија Шабан Мемети, Ристе Симеонов и Елена Трпковска.


Судењето за „Шамарите во Центар“ не почна – обвинет заминал во Хрватска


Скопје, 1 јуни, 2018 - 12:48 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 денеска рочиштето за случајот „Насилство во Центар“ не почна, поради тоа што обвинетиот Александар Трајковски, вработен во општина Гази Баба заминал на службен пат во Хрватска, со потпис на градоначалникот Борис Георгиевски.

– Барам од судот да му испрати допис на градоначалникот и да го праша дали знаел дека денеска обвинетиот има покана за судско рочиште и зошто го пуштил да патува – побара специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, која го води овој случај.

Следното рочиште ќе се одржи в среда. Денешното рочиште требаше да биде првото по речиси месец и половина.

Обвинети во овој случај се поранешниот премиер Никола Груевски, кој според обвинението, ги нарачал насилствата во Општина Центар во јуни 2013 година, потоа поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште девет лица.


Поради лични и семејни причини повторно е одложено рочиштето за „Тотал“


Скопје, 30 мај, 2018 - 11:45 (META) 

На барање на адвокатите на новинарот и уредник Драган Павловиќ – Латас, поради лични и семејни причини денеска повторно беше одложено судското рочиште за предметот „Тотал“.

Во овој случај Павловиќ – Латас е обвинет за затајување на данок во висина од 121.414 евра преку правните лица „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ, „Тотал“медија центар” и „Медијамакс” и 63.032 евра како физичко лице.

По неколку одложувања поради здравствени и семејни причини на Павловиќ-Латас, судењето за случајот започна на 14 мај.


Одложено судењето за „Титаник“


Скопје, 2 мај, 2018 - 12:18 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска повторно се одложи рочиштето за предметот „Титаник“ и следното рочиште е закажано за 9 мај. Судијата Осман Шабани пред сите обвинети соопшти дека денешното рочиште се одлага затоа што Врховниот и Апелацискиот суд се уште не ги доставиле одговорите на барањето за изземање на в.д. претседателот на Апелацискиот суд и неговиот заменик, како и на претседателот на Кривичниот суд и и неговиот заменик.

Во случајот на СЈО „Титаник“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните владини функционери или функционери на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска – Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски.

Осомничени се за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.


Одложено судењето за „Тотал“, поради отсуство на Драган Павловиќ – Латас


Скопје, 11 април, 2018 - 10:14 (META) 

Главната расправа за предметот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), наречен „Тотал“, во кој главниот обвинет е уредникот Драган Павловиќ-Латас, кој се товари за затајување данок, денеска беше одложена.

На рочиштето во Основен суд Скопје 1, не се појави Латас, со оправдание дека има здравствени и семејни причини.

Рочиштето е одложено за 14 мај. И претходните две рочишта не се одржаа поради истите причини.

Според обвинението на СЈО, осомничениот давал лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави, при што преку правните лица затаил данок во износ од 7,46 милиони денари или 121.414 евра, а тој како физичко лице, затаил 3,87 милиони денари, односно 63.032 евра.

Во Кривичен суд денеска треба да се одржат рочишта за уште два случаја на СЈО, предметот „Тенк“ за набавката на блиндираниот мерцедес по цена од близу до 600.000 евра, како и предметот „Тарифа“ во кој се осомничени три лица за злоупотреба на службената положба во постапка по јавна набавка на софтвер – ЕРП Систем за потребите на АД ЕЛЕМ.


Судењето за „Топлик“ одложено поради болест на еден од обвинетите


Скопје, 8 март, 2018 - 12:20 (META) 

Кривичниот суд денеска го одложи судењето за случајот на СЈО „Топлик“ поради отсуство на обвинетиот Димитар Димовски. Адвокатот на обвинетиот Димовски до судот достави медицинска документација и нагласи дека утрово неговиот клиент поради нарушена здравствена состојба завршил во болница.

Судијата Осман Шабани истакна дека во медицинската документација која е доставена до судот стои дека обвинетиот има препишана терапија за дома. На ова адвокатот одговори дека на обвинетиот му било отворено боледување, а документација ќе биде доставена и до судот.

Шабани го одложи рочиштето и следното го закажа за 30 март.

Во „Топлик” првоосомничен е поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески кој е обвинет дека како раководно лице во Министерството, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс Сончев град во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.


Рочиштето за „Шпион“ одложено за 19 април


Скопје, 5 март, 2018 - 11:54 (META) 

Рочиштето за предметот „Шпион“ на Специјалното јавно обвинителство е одложено за 19 април, поради оправдано отсуство на Туше Гошев, еден од адвокатите на обвинетите.

Минатото рочиште исто така беше одложено поради отсуство на докази од предметот, кои биле на разгледување во друг суд, на еден од обвинетите и двајца адвокати.

Инаку, предметот „Шпион“ сега го застапува Специјалното јавно обвинителство, откако го презеде од редовното обвинителство.

Во „Шпион“ осудени се 18 лица за злосторничко здружување, шпионажа, уцена, измама и недозволено поседување оружје.

Овој предмет со новиот распоред му е доделен на судијата Владимир Туфеѓиќ.


Судењето за „Тортура“ одложено за 23 март, се чека одлуката на Апелација за Мијалков


Скопје, 28 февруари, 2018 - 10:41 (META) 

Првото рочиште од судскиот процес за случајот „Тортура“ на Специјалното јавно обвинителство, кое требаше да се одржи денеска е одложено, бидејќи како што соопшти судијката Александра Ристеска, Апелацискиот суд сè уште не донел одлука по жалбата на СЈО дали и на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков ќе му се суди за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011 година.

Советот за оценка на обвинителен акт во декември само делумно го прифати обвинението на СЈО за „Тортура“ и одлучи на Мијалков да не му се суди за апсењето на Бошкоски, туку само на шестмината полицијаци, на чело со поранешниот командант на едницата „Алфа“, Ивица Анчевски-Пуки. Поради ова СЈО, поднесе жалба до Апелацискиот суд.

Судијката Ристеска додаде дека против Мијалков нема правосилен обвинителен акт и следното рочиште го закажа за 23 март.

Инаку, во Кривичниот суд во Скопје денеска дојдоа Љубе Бошкоски и шестмината обвинети припадници на единицата „Алфа“. Од СЈО присутни беа обвинителите Љубомир Лапе и Гаврил Бубевски.

СЈО ги товари Мијалков и шестмината полицајци за кривичното дело мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, а се однесува на апсењето на Бошкоски еден ден по предвремените парламентарни избори во 2011 година пред ресторанот „Воденица“ во Скопје.


Судењето за „Поткуп“ одложено за 6 март


Скопје, 26 февруари, 2018 - 10:38 (META) 

По барање на одбраната, судењето за предметот „Поткуп“ во кој е обвинет премиерот Зоран Заев е одложено за 6 март.

Минатото рочиште, пак, беше одложено на барање на јавен обвинител кој го известил новиот судија во предметот Дарко Тодоровски дека не може да присуствува на судењето.

Заев во случајот „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од околу 160.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.

Заев, придружуван од владина делегација, денеска во Лондон ќе учествува на Самитот за Западен Балкан за привлекување странски инвестиции.