!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Еден убиен и тројца повредени во пукање пред ноќен клуб во Берлин


Берлин, 16 септември, 2017 - 10:23 (META) 

Едно лице е убиено, а три се повредени во пукотници што ноќеска се случиле пред ноќен клуб во Берлин, јавуваат светските медиуми.

На пукањето му претходела расправија во близина на ноќниот клуб во берлинскиот кварт Ноехохешонхаузен.

Засега не се познати мотивите за расправијата и за пукањето, а нема информации од полицијата ниту за идентитетот на настраданите.


МНР: Нема информации за настрадани македонски државјани во нападот во Барселона


Скопје, 17 август, 2017 - 21:41 (META) 

Министерството за надворешни работи соопшти дека засега нема информации за настрадани македонски државјани во терористичкиот напад во Барселона.

Од МНР велат дека поради сериозноста на ситуацијата, во моментов е отежната комуникацијата со релеватните институции, но, додаваат, дека македонската амбасада во Шпанија прави напори да добива редовни и прецизни информации за настанот и за евентуално настрадани македонски граѓани.

За информации граѓаните можат да се јават на телефонскиот број на претставникот на македонската амбасада во Шпанија – 00 34 620 126 308 и на бројот на шпанските институции за информации за засегнати роднини и пријатели – 00 34 932 142 124.

Инаку, според последните информации најмалку 13 лица загинале, а 50 се повредени во терористичкиот напад во Барселона, кога комби влета во пешаци на улицата Ла Рамбла во центарот на градот.


Жртва идентификувана 16 години по нападот на Светскиот трговски центар


Њујорк, 8 август, 2017 - 10:34 (META) 

Посмртни останки на маж кој настрадал во нападот на Светскиот трговски центар во Њујорк на 11 септември 2001 година, се идентификувани 16 години по нападот.

Канцеларијата за судска медицина во Њујорк соопшти дека името на загинатиот нема да биде објавено на барање на неговото семејство.

Во нападот на Светскиот трговски центар загинаа 2.753 лица, а досега се идентификувани 1.641 жртва.

Тоа значи дека не се идентификувани околу 40 отсто од настраданите во нападот.


Силен земјотрес го погоди грчкиот остров Лезбос, едно лице загинало


Атина, 12 јуни, 2017 - 20:45 (META) 

Силен земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала го погоди грчкиот остров Лезбос, при што едно лице загинало, а повредени се десетина лица при уривање на стари куќи, јавуваат грчките медиуми.

Локалните власти соопштиле дека телото на починатата жена било пронајдено во селото Вриса. Службите на противпожарната единица информирале дека немале повеќе информации за исчезнати лица.

Епицентартот на земјотресот бил 11 километри јужно од селото Пломари, на длабочина од седум километри.


Во железничка несреќа во Индија загинаа 96, а повредени се 150 патници


Канпур, 20 ноември, 2016 - 14:14 (META) 

Најмалку 96 лица загинаа, а повеќе од 150 патници се повредени во Индија откако од шини излетаа 14 вагони на воз во северната држава Прадеш, соопшти полицијата.

Инцидентот се случил во близина на градот Канпур, низ кој дневно поминуваат по стотина возови.

Индискиот премиер Наренда Моди на својот профил на „Твитер“ напиша дека неговите мисли се со семејствата на настраданите.

Сè уште се утврдуваат причините поради кои се случила несреќата.


Собранието го изгласа ребалансот на буџетот за настраданите во поплавите


Скопје, 19 септември, 2016 - 18:03 (META) 

Пратениците попладнево го изгласаа ребалансот на буџетот за 2016 година. Суштинска ставка во расходите е обештетувањето на жителите од поплавените села Стајковци, Смиљковци, Синѓелиќ, Ченто, Црешево и од другите настрадани села под Скопска Црна Гора.

Приходите во буџетот со ребалансот се непроменети и остануваат на ниво на проекцијата од 174.291 милион денари. Расходите се зголемуваат од 195.472 милиони денари на 197.410 милиони денари, а се зголемува и буџетскиот дефицит од 3,6 на 4 проценти. Дефицитот ќе изнесува 23.119 милиони денари, место 21.181 милион денари.

За ребалансот на буџетот гласаа и пратениците од опозицијата за парите побргу да стигнат до настраданите семејства.


Најмалку 10 загинати и 60 повредени во експлозија на Филипини


Давао, 2 септември, 2016 - 18:28 (META) 

Силна експлозија се случи во градот Давао на Филипини, а официјални лица потврдија дека има и настрадани.

„Најмалку 10 лица загинаа, а 60 се повредени,“ изјави портпаролот на претседателот, Ернесто Абеља.

Сè уште нема информации од што била предизвикана експлозијата.


Собрани 725.853 евра на солидарната сметка на Црвен крст и од телефонските броеви


Скопје, 18 август, 2016 - 15:03 (META) 

На жиро сметката на Фондот за солидарност на Црвен крст до денеска се уплатени 31.570.576 денари или 513.343 евра, а од донирањето на 100 денари со повик на телефоните: 075/070/077 143 400 собрани се 13.069.400 денари или 212.510 евра, или вкупно 725.853 евра.

До сега тимовите на Црвен крст дистрибуирале:

28.250 пакети со храна (еден пакет е наменет за 4 лица)
21.000 дневни оброци
9.700 топли оброци
1.948 конзервирана храна
17.619 литри млеко
15.422 литри јогурт
4.538 пакети со хигиена
683 бебешки пакети
265 тони вода
746 пакети пелени
556 душеци
4.392 ќебиња
600 килограми облека
734 парчиња чизми
332 литри дезинтал
98 градежни колички
126 лопати
1.036 маски

Генералниот секретар на Црвен крст, Саит Саити информираше дека деновиве се спроведуваат проценка и увид на претрпените штети по што ќе се знае кому треба да се поделат средствата. Парите ќе се делат на трансакциска сметка на секој корисник.


Над 350.000 евра собрани донации за настраданите во поплавите


Скопје, 14 август, 2016 - 16:07 (META) 

Над 350.000 евра се собрани на жиро сметката на фондот за солидарност при Црвениот крст за помош на погодените од поплавите.

Парични донации и понатаму се собираат преку телефонскиот број 143 – 400 од сите домашни мобилни оператори, а цената на еден повик е 100 денари.

Донираа многу компании, но и странски држави помогнаа со техничка помош и луѓе за испумпување на вода.


СДММ ќе организира солидарни акции низ градовите за поплавените подрачја


Скопје, 12 август, 2016 - 19:11 (META) 

Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) викендов низ повеќе градови низ државата ќе организира акции на коишто ќе бидат собирани донации.

– Најпотребна е конзервирана и храна која има подолг рок на траење како и вода и средства за хигиена, средства за чистење и дезинфекција – се вели во соопштението на СДММ.

Оттаму информираат дека младите активисти на СДММ од Скопје во меѓувреме продолжуваат со теренска помош и работа во поплавените региони.

Ги повикуваат сите граѓани да се вклучат во хуманитарните акции за собирање донации за граѓаните од настраданите подрачја.