fbpx

Граѓани, институции, градоначалници од земјава праќаат помош за настраданите во Турција и Сирија

-

Додека Светската здравствена организација прогнозира дека дури 23 милиони луѓе може да бидат погодени од разорните земјотреси во Сирија и во Турција, светот се мобилизира и веќе започна да испраќа помош за тамошното настрадано население. Во силните вчерашни земјотреси загинаа повеќе од 5.000 лица, а илјадници се повредени. На социјалните мрежи постојано се објавуваат видеа од луѓе кои бараат помош од под урнатините, а доброволци прават натчовечки напори за да ги извлечат и спасат.

И македонските граѓани и власти се мобилизираат за да му помогнат на погоденото население. На плоштадот „Македонија“ во Скопје уште од вчера има пунктови на кои се собира помош во ќебиња, џемпери, палта, кондури, капи, ракавици, пелени, шатори и грејни тела. Помош се собира на пунктови и во другите градови.

Исто така, пожарникари, доброволци и спасувачи од неколку градови, меѓу кои Скопје, Струмица и Битола, заминуваат да им помогнат на луѓето во Турција и во Сирија. Од Црвен крст на град Скопје информираа дека еден од начините да се помогне на настраданото население е со донирање со 100 денари по повик на телефонскиот број 143 400. Пари може да се уплатат и на сметката на фондот за солидарност на Црвен крст.

На вонредна седница, Владата вчера одлучи да додели околу 100.000 евра помош за настраданите во земјотресот. Исто така, Владата одлучи да бидат испратени 40 припадници на републичките сили за заштита и спасување од Дирекцијата за заштита и спасување, со средства за пребарување и спасување од урнатини, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, на својот профил на Фејсбук објави дека Министерството за одбрана и Армијата испраќаат итна помош за справување со последиците од катастрофалниот земјотрес во Турција.

Фото: Фејсбук профил на министерката за одбрана Славјанка Петровска

„Вкупно 22 лица од Баталјонот за специјални сили, две лица водачи и кучиња обучени за трагање заминаа во сојузничка Турција, за да помогнат да се спасат човечки животи, под урнатините настанати од катастрофалниот земјотрес“, напиша Петровска.

По веста за трагедијата, најави за помош за погоденото насление стаса и од градоначалници во земјава. Бобан Стефковски на својот профил на Фејсбук објави дека општина Гази Баба ќе свика седница на Советот за да се одреди колку пари ќе се одвојат од општинскиот буџет за оваа намена.

„Општина Гази Баба е збратимена со општина Газиантеп, Република Турција која е најпогодена од земјотресот. Во ова тешко време за турскиот народ со кои општина Гази Баба има одлична соработка уште од 2013 година, солидарноста и хуманоста се оние кои ме водеа при покренување на оваа иницијатива“, напиша тој.

Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓеоргиевски најави дека општината ќе издвои  помош од 500.000 денари за погоденото население од Турција и во Сирија. Парична помош најави и Митко Јанчев, градоначалникот на општина Кавадарци, како и градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски.

И во Филхармонија најавија дека парите од продадените билети (цената за еден е 500 денари), за концертот „Гајрет“ кој ќе се одржи в четврток со солисти од Македонија, Турција и Либан, ќе бидат донирани како помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...