Институциите купувале исти производи и услуги по огромни разлики во цените


Скопје, 7 февруари, 2018 - 11:34 (META) 

Центарот за граѓански комуникации денеска го објави индексот на рационалност, во кој се споредени цените по кои се купувани зимски и летни работни униформи, што се дел од личната заштитна опрема (ХТЗ-опрема) кај комуналните претпријатија. Најголемата разлика во цената е евидентирана во набавката на летните работни униформи.

„Летните работни униформи комуналните претпријатија ги купувале по цени од 424 до 2.773 денари, со што највисоката цена е за 554 проценти повисока од најниската. Зимските работни униформи од страна на комуналните претпријатија се купувани по цени од 1.124 до 4.602 денари, со што највисоката цена е за дури 309 проценти повисока од најниската. Работните обувки, кои најчесто ги купуваат детските градинки, се купувани по цени од 718 до 2.183 денари, со што највисоката цена е за 204 проценти повисока од најниската“ се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Одржувањето на хигиената во внатрешните работни површини, државните институции ги чинело од 30 до 103 денари за еден метар квадратен месечно, со што највисоката цена е за 243 проценти повисока од најниската цена.

Кај системите за инфузија во здравствените установи, има најмала разлика во цената во набавката.

„Системите за инфузија се купувани од страна на здравствените институции по цени од 5,78 до 9,98 денари за еден систем, со што највисоката цена е за 73 проценти повисока од најниската“, се додава во истражувањето.

Во изработката на индексот на рационалност, биле вклучени 48 институции на национално и на локално ниво, коишто за овие набавки спровеле 53 тендери во текот на 2016 и во 2017 година.


Кривичен добил 6.000 евра за нови камери, но не ги набавил поради тендерот


Скопје, 26 јануари, 2018 - 13:54 (META) 

Кривичниот суд во Скопје во декември, минатата година добил 350.000 денари (околу 6.000 евра) од Судскиот буџетски совет за да набави нови камери за снимање на судењата, но немал доволно време да ја спроведе тендерската постапка.

Поради ова Судскиот буџетски совет на 31 декември ги повлекол парите назад.

Ова денеска на бифинг со новинарите го соопшти претседателот на судот, Иван Џолев , кој рече дека сега судот повторно е во фаза на набавка на камери и дека наскоро ова треба да биде регулирано.

Токму недостатокот од опрема за тонско и визуелно тонско снимање беше причината за одложување на неколку рочишта за случаите на Специјалното јавно обвинителство бидејќи адвокатите на обвинетите бараа да биде исполнет овој услов, повикувајќи се на одредбите од Законот за кривична постапка.

Џолев вели дека судот засега има две камери, што, како што рече, претставува проблем, но оти смета дека тоа не е услов за одложување на рочиштата бидејќи во тој дел Законот за кривична постапка е јасен.

– Зошто претходно се одложувале рочиштата, не знам – рече Џолев.

Тој ја оцени како навреда за судот забелешката на адвокатот Димитар Дангов, дадена за време на рочиштето за случајот „ТНТ“, неделава, дека камерите на судот се „свадбарски“.

Како што беше соопштено на брифингот, во моментов во целата државата, единствено Основниот суд Скопје 2, Кривичниот суд во Скопје и амфитеатарот што го користи штипскиот суд, имаат можност за тонско и визуелн- тонско снимање на судењата.

Подобри просторни и технички услови терба да овозможи новата „барокна“ зграда, која според плановите Кривичниот суд треба да почне да ја користи од 31 март, оваа година со свечено отворање по повод Денот на правосудството.

Главно незавршени административни процедури се причината зошто Кривичниот суд досега не се преселил во новата зградата, која е веќе готова.

Како што соопшти Џолев, зградата се уште се води во сопственост на Министерството за правда, која треба во катастар да се префрли во сопственост на судот и да се добие употребна дозвола за да може судот да се пресели.

– Тоа се главните причини. Новата зграда има 25 судници, повеќе од објектот каде што сме сега. Условите ќе бидат подобри, и покрај сите маани во неа кои беа констатирани од стручни лица – рече Џолев.

Тој на денешниот брифинг најави поотворена комуникација со новинарите и медиумите, преку редовни брифинзи кои, како што беше заеднички договорено, ќе се одржуваат во вторник, секоја прва и трета недела во месецот. По потреба, ќе бидат договарани и дополнителни состаноци, доколку постои зголемен интерес од медиумите.


На Јанкулоска ќе ѝ се суди и за „Тенк“


Скопје, 29 ноември, 2017 - 10:58 (META) 

Случајот „Тенк“ на СЈО, за „мерцедесот“ од 600.000 евра, официјално оди на судење. Од СЈО за „Мета“ потврдија дека добиле известување од Кривичниот суд дека советот за оценка на обвинителен акт го одобрил предметот и дал зелено светло тој да оди на судење.

Одлуката била донесена пред два дена, на 27 ноември, а Судот дополнително треба да утврди датум и да го распредели предметот кај судија што ќе го суди.

Случајот „Тенк“ се однесува на злоупотреба на службена положба и овластување од страна на поранешната министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и началникот за јавни набавки, Ѓоко Поповски, со што му нанеле штета на државниот буџет.

Апелацискиот суд претходно одлучи „bомбите“, односно прислушуваните разговори за купувањето на луксузниот „мерцедес“ од повеќе од половина милон евра, да бидат дел од доказниот материјал во судењето за случајот „Тенк“.

На седницата и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, побара „бомбите“ да не бидат користени како докази со образложение дека ѝ била нарушена приватноста. Таа се бранеше со цитирање пресуди на Европскиот суд за човекови права.


ЕЛЕМ ќе купува струја за грејната сезона


Скопје, 5 октомври, 2017 - 15:00 (META) 

ЕЛЕМ денеска ќе распише повик, а на 10 октомври ќе биде одржана аукција за купување на 29,7 гигават-часови електрична енергија.

„Електричната енергија што е планирана да се купи во октомври е наменета за ноември, кога ќе биде зголемена побарувачката поради грејната сезона. Производството на ЕЛЕМ во тој период ќе биде недоволно поради тоа што еден блок на РЕК Битола сè уште ќе биде во ремонт, во РЕК Осломеј сè уште траат подготвителните активности за почеток на производството и за дополнителен ископ на јаглен, кој досега не бил обезбеден, додека хидроелектраните не располагаат со доволно акумулации за потребите на производството во зимскиот период“, соопштуваат од ЕЛЕМ.

Во соопштението се додава дека дополнителното количество електрична енергија потребно за ноември, ЕЛЕМ го набавува еден месец порано за со навремениот повик до фирмите увозници да обезбеди подобра конкуренција и пониска цена.

„За увоз на електрична енергија за втората половина на 2017 година претходното раководство на компанијата предвидело осум милиони евра, сума која сегашното раководство планира да ја намали преку планско и навремено купување на потребните дополнителни количества по најповолни цени во следните два месеца, колку што ЕЛЕМ има обврска да купува електрична енергија при недоволно домашно производство“, објаснуваат од компанијата.

Од 1 јануари во 2018 година оваа обврска повторно ќе ја преземе ЕВН, бидејќи резултатите од оваа година покажуваат дека новопреземената обврска на ЕЛЕМ за купување електрична енергија не го намали увозот и цените, туку напротив, ги зголеми во споредба со годините наназад кога увозот го вршеше ЕВН, односно од 44,6 евра за мегават-час просечна цена за увоз во 2016 година, а во 2017 година просечната цена е зголемена на 74,1 евра за еден мегават-час.


ВМРО-ДПМНЕ: „Македонски железници“ нема пари за плата, а купува алкохол за 24.000 евра


Скопје, 25 септември, 2017 - 14:31 (META) 

ЈП „Македонски железници“ нема пари да исплати плата, но сепак извршило набавка на алкохолни пијалоци во вредност поголема од 24.000 евра, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсте Јовановски.

– Внимавајте, 24.000 евра за алкохолни пијалоци платени со државни пари, во исто време кога вработените мака мачат да добијат плата. Нема пари за пензии, за плати во „Колска“ и за други загубари, за субвенции, но има пари за алкохолни пијалоци. Јавноста заслужува одговори од Сугарески и од Владата предводена од Заев, зошто има пари за алкохолни пијалоци, а нема за субвенции, пензии, за нови патишта, нови проекти – рече Јовановски.

Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се поништи оваа набавка и парите да се пренасочат кон реализација на проекти за граѓаните.


ВМРО-ДПМНЕ реагира на Мирчевски: ЛЕД-дисплеите се набавени законски


Скопје, 15 јули, 2017 - 15:08 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ се огласи со реакција на денешната прес-конференција на  директорот на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчески, кој рече дека близу еден милион евра потрошила претходната влада за набавка на два ЛЕД-дисплеи и изрази очекување дека соодветна постапка ќе преземе Основното јавно обвинителство.

Партијата вели дека се е законски со набавката и порача дека СДСМ, ако има сомнежи во постапката, треба да поведе соодветна постапка.

„ЛЕД-мониторите кои ги спомнува партискиот директор на СОЗР се набавени во транспарентна процедура на законски начин и остануваат во сопственост на државата. Доколку има каков било сомнеж дека нешто е сторено надвор од законот, го повикуваме СДС да поведе соодветна постапка. Се друго е само гол политички популизам и манипулирање на јавноста од кое што граѓаните немаат никаква полза“, се вели во реакцијата.


Мирчески: Во време на криза, претходната власт дала милион евра за два ЛЕД-дисплеи


Скопје, 15 јули, 2017 - 13:15 (META) 

Близу еден милион евра потрошила претходната влада за набавка на два ЛЕД-дисплеи, соопшти денеска пред новинарите и пред јавноста директорот на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчески.

– Во услови кога Македонија била во севкупна економска и социјална криза, која била потребата некој да набавува ЛЕД-екрани за близу еден милион евра – праша тој.

Според постојната документација, првата од овие две набавки е за ЛЕД-дисплеј кој е наменет за фасадата за новата зграда на Факултетот за драмски уметности.  Таа е направена во 2015 година, а за дисплејот се платени 340.000 евра.

Вториот договор е склучен во 2016 година, за набавка на ЛЕД-екран за надворешна употреба, кој е поставен на палата АСНОМ. Овој дисплеј е платен 650.000 евра.

– Симптоматично е што овие исклучително нерационални набавки, платени со пари на граѓаните, ги направила една иста компанија. И во двата случаи фактурите се платени само еден ден по нивната испорака. Владата на Република Македонија, како и сите органи и министерства, ќе преземаат соодветни мерки секогаш кога ќе бидат констатирани и докажани злоупотреба на службената должност и злоупотреба на парите на даночните обврзници, во рамките на процедурите и интерните акти на институциите – рече Мирчески.

Тој изрази очекување дека соодветна постапка ќе преземе Основното јавно обвинителство.


ЕЛЕМ: Потрошувачката на струја е зголемена за 30 отсто во последните 24 часа


Скопје, 13 јануари, 2017 - 11:56 (META) 

Снабдувањето со електрична енергија за домаќинствата и за помалите компании на регулираниот пазар за електрична енергија се одвива континуирано и во согласност со потребите, велат од „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ).

Во изминатите 24 часа е регистрирана за повеќе од 30 отсто поголема потрошувачка на електрична енергија во однос на вообичаената за овој период, но и покрај тоа, од ЕЛЕМ велат дека „целосно е одговорено на потребите на потрошувачите со оптимизација на домашните производствени капацитети и преку набавка на електрична енергија“.

„За потрошувачите на регулираниот пазар се испорачани 21.459 мегават-часови електрична енергија, од кои 17.859 мегават-часови, или 83 отсто, се обезбедени од домашните електроенергетски капацитети на ЕЛЕМ, а 3.600 мегават-часови, односно 17 отсто, се набавени од увоз. За првите 11 дена од годинава, домашното производство е натфрлено за 8,39 отсто во однос на планираното во енергетскиот биланс“, стои во соопштението од ЕЛЕМ.

Оттаму информираат дека сите расположливи капацитети за производство на електрична енергија на ЕЛЕМ се ставени во погон и испорачуваат во согласност со потребите на тарифните потрошувачи.

Според „Електрани на Македонија“, за денеска не е предвидена дополнителна набавка на електрична енергија и целосните потреби на потрошувачите на регулираниот пазар се обезбедени преку производство од домашните електроенергетски капацитети.

„Потрошувачката на електрична енергија постојано се следи и производството од домашните капацитети се адаптира во согласност со потребите на регулираниот пазар. Со оглед на најавите од ЕВН дека и претстојните денови се очекува и до 30 отсто поголема потрошувачка во однос на вообичаената за тој период, согласно распишаниот јавен оглас на ЕЛЕМ од 10 јануари за периодот од 14 до 22 јануари, во текот на вчерашниот ден е извршена набавка на вкупно 22.824 мегават-часови по просечна цена од 79,38 евра за мегават-час. Оваа цена е постигната при редовна постапка со негативна аукција“, се вели во соопштението од ЕЛЕМ.

Од „Еелектрани на Македонија“ нагласуваат дека набавката на електрична енергија што се врши во овој период, во услови на рекордна потрошувачка и екстремно ниски температури од кои е зафатен поголемиот дел од земјите во Европа, нема да влијае врз цената на електричната енергија за домаќинствата и за малото стопанство кои се на регулираниот пазар за електрична енергија.


ЕЛЕМ: Трошењето струја е зголемено за 30 проценти во однос на последните пет години


Скопје, 10 јануари, 2017 - 12:33 (META) 

Поради екстремно ниската температура, регистрирана е 30 проценти поголема потрошувачка на електрична енергија во однос на истиот период за последните пет години, се вели во соопштение на АД ЕЛЕМ.

–  Сите расположливи капацитети за производство на електрична енергија на АД ЕЛЕМ се ставени во погон. Дел од количествата се обезбедуваат на слободниот пазар во согласност со постојните правила и процедури усвоени од Регулаторната комисија за енергетика – посочуваат од компанијата.

Оттаму додаваат дека за дополнување на потребите во периоди од денот со најголема потрошувачка, вчера се набавиле 3.600 мегават-часа електрична енергија преку лиценцираните компании за трговија со електрична енергија.

– Набавката што ја изврши АД ЕЛЕМ е по просечна цена од 101,43 евра за мегават-час и е поевтина во однос енергијата што се продаваше на берзите во регионот. Временските услови од кои се погодени земјите од Југоисточна и од Централна Европа, директно влијаат и на цените на тој енергент. Во текот на вчерашниот ден, на берзата во Унгарија мегават-час електрична енергија во периоди на зголемена потрошувачка се продаваше за 126,3 евра, на берзата во Бугарија чинеше 123 евра, додека на берзата во Србија за истиот период се нудеше по цена од 140,3 евра – објаснуваат од ЕЛЕМ.

Од компанијата нагласуваат дека набавката на електрична енергија, што се врши во овој период, нема да влијае врз цената на електричната енергија за домаќинствата и за малото стопанство.

Термоелектраната „Битола 3“ очекуваат да проработи следните 72 часа.


Вучиќ во Москва ќе разговара за набавка на борбени авиони и на противавионски системи


Белград, 19 декември, 2016 - 15:02 (META) 

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека за време на неговата претстојна посета на Москва ќе разговара и за набавка на шест борбени авиони од типот „миг 29“, како и на протиавионски системи „бук“, за потребите на војската на Србија.

Вучиќ, кој на 21 декември ќе престојување во Москва, изјави дека Србија од Русија добила „многу добра цена“ за најсовремените ракети воздух – воздух.

Според српскиот премиер, Србија како воено неутрална земја, со набавката на авионите и на противавионските системи сака да ја осигури безбедноста на своите граѓани.

„Нашата доктрина е да го заштитиме нашиот народ и меѓународно признаените граници. Во услови на сè поголеми опасности, моравме да размислуваме како да ја унапредиме нашата борбена готовност“, вели Вучиќ.

Прашан дали договорот за набавка на авионите под пазарната цена оди заедно со договор за статусот на Рускиот хуманитарен центар во Ниш, Вучиќ рече дека регулирањето на статусот на центарот е „прашање за кое треба да одлучи владата на Србија, а не ценовник“.

„Не го ставам тоа прашање на маса во Москва и не мислам дека тоа е тема на нашите разговори“, рече Вучиќ.

Инаку, Русија сака Србија на персоналот во хуманитарниот центар во Ниш да му даде дипломатски статус, каков што имаат и војниците на НАТО.