Во периодот од 2017 до 2019 година, општините потрошиле вкупно околу 2 милиони евра или 140 милиони денари за набавка на моторни возила и камиони, покажува новото истражување на Центарот за економски анализи (ЦЕА).
Дури 85 отсто од потрошените средства биле за набавка на моторни возила, а само 15 отсто за набавка на камиони.
„За оваа намена пари потрошиле 53 од 81 единица на локална самоуправа, што укажува дека во просек една општина во периодот од 3 години потрошила 2,5 милиони денари за набавка на моторни возила и камиони од кои само 396.797 денари за набавка на камиони“, велат од ЦЕА.
Истражувањето покажало дека општините од Скопскиот и Пелагонискиот регион потрошиле најмногу средства за набавка на моторни возила во периодот од 2017 до 2019 година и тоа Скопскиот регион – 47,5 милиони денари, додека Пелагонискиот регион – 23 милиони денари.