Владата најавува набавка на електрични службени возила и препорачува користење еколошки превоз

Фото: Архива на Мета.мк

Премиерот Зоран Заев денеска рече дека е дадена инструкција со веќе објавениот тендер на владината Служба за општи и заеднички работи, да се види дали може од 20 до 50 отсто во набавката на службените возила да се вклучат електрични или еколошки возила.

„Инструкции се дадени и на сите други институции да не набавуваат ако не мораат. Таму каде што мора да се набавува, најчесто за инспектори на терен, болнички возила или слично, да се набавуваат модерните еколошки возила, вклучително електричните, за коишто ќе одиме со нула царина, нула данок на моторни возила и слично, па дури и хибридните, коишто често се електрични или на природен гас“, изјави премиерот Зоран Заев.

Тој рече дека Владата треба да биде пример за граѓаните во заштитата на животната средина. Премиерот дополни дека секој индивидуално може да користи велосипед, електричен тротинет или да го користи јавниот превоз.

Инаку, „Мета.мк“ во изминатиов период пишуваше дека заклучно со крајот на 2020 година, во земјава биле увезени само 3.345 хибридни и 134 електрични автомобили. Учеството на електричните возила во вкупниот увоз на моторни превозни средства е само 0,1 отсто. Изминатава зима, направивме кратка анализа на тогашните тендери за набавка на службени возила од државните институции, општините и јавните претпријатија, која покажа дека не постои критериум во тендерите новите возила на бидат на електричен или хибриден погон.

На глобално ниво, во 2020 година продажбата на електрични возила се зголемила за 43 отсто, а американскиот претседател Џо Бајден неодамна најави дека планира целосна замена на службените возила на администрацијата на САД со возила на електричен погон.