Фото: Антон Дмитриев on Unsplash

АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) на тендерот за набавка на струја што го објави универзалниот снабдувач, ЕВН Хоум, понудиле најниска цена од 36,1 евро за мегават-час (мгвч.). Оваа набавка на електрична енергија е за наредните шест месеци. Сега понудената цена на ЕСМ е пониска од ланската за 2,7 отсто, која изнесуваше 38,8 евра за мегават-час. Останува да се види како и колку тоа ќе влијае врз крајната цена на струјата што ќе ја плаќат граѓаните.

Инаку, На тендерот се јавиле две компании, АД ЕСМ и ЕФТ, но во соопштението на ЕВН Македонија не се открива која е цената што ја понудала втората компанија.

АД ЕСМ годинава, според Законот за енергетика, треба да обезбеди 70 отсто од потребните количини на струја на ЕВН Хоум, за снабдување на тарифните потрошувачи.

Инаку, од понудената цена за мегават-час на тендерот на ЕВН Хоум, во најголем процент зависи крајната цена на киловат-час што ќе ја плаќаат домаќинствата. Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), веќе посочија дека ги имаат барањат од: МЕПСО, за зголемување на цената за пренос за 143 отсто, од Националниот енергетски маркет оператор кој бара зголемена цена од 45 отсто и на Електродистрибуција која побарала зголемување за 0,95 отсто на цената за дистрибуција на електрична енергија.

Се чекаше уште да заврши тендерот за набавка на струја на ЕВН Хоум.

РКЕ веќе најави дека до крајот на месецов, односно во текот на идната недела, ќе ги има дефинитивните пресметки и дека ќе ја соопшти новата цена на електричната енергија, која би требало да важи од 1 август. Во меѓувреме, треба да се вкалкулира и намалениот ДДВ на сметките, од 18 на 5 отсто, како што одлучи Владата пред два дена, со цел да се ублажи ценовниот шок за граѓаните, од евентуалното поскапување на струјата.