Утре почнува рамазанскиот пост за муслиманските верници


Скопје, 15 мај, 2018 - 13:22 (META) 

Муслиманите утре изутрина во 3.10 часот ќе го почнат постот за Рамазан Бајрам, еден од двата најзначајни муслимански празници.

Во наредните триесет дена, верниците ќе постат секој ден од изгревањето до заоѓање на Сонцето. Според исламската религија, постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и душевно прочистување. Целта на постот е богобојазливоста која во себе вклучува свест за Алах и правење добри дела. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општо човечко прочистување. Во постот се поштедени болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа.

По рамазанскиот пост следува Рамазан Бајрам, кој годинава е на 15 јуни и се чествува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза, а се посетуват роднините и пријателите.

Првиот ден од Рамазан Бајрам во Македонија е државен празник.


Орбан: Муслиманските мигранти ќе доведат до појава на паралелни општества


Будимпешта, 8 јануари, 2018 - 18:08 (META) 

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан во интервју за германскиот весник „Билд“ тврди дека милијардерот со унгарско потекло, Џорџ Сорос заработил на „казино капитализам“ и дека се однесува како шеф на држава без држава.

Со потенцирање дека Унгарија не сака мигранти, Орбан додаде дека Сорос финансирал 60 невладини организации кои ја поддржуваат миграцијата во Европа.

-Голем број на муслимански имигранти ќе доведат до појава на паралелни општества. Муслиманските и христијанските општества никогаш не се поврзуваат. Ние (Унгарија) тоа не го сакаме и не сакаме никој да не присилува на тоа –вели Орбан.

Тој вели дека не ги гледа мигрантите кои сакаат да влезат во ЕУ како бегалци туку како „инвазивна муслиманска сила“.


Судија ја прошири листата на лица што можат да патуваат во САД


Вашингтон, 14 јули, 2017 - 10:48 (META) 

Американскиот окружен судија Дерел Вотсон наредил да се прошири листата на лица кои можат да влезат во САД од шесте земји со мнозинско муслиманско население, за кои Трамп донесе забрана за влез во државата.

Судијата дозволил баби, дедовци, внуци, зетови, балдзи, тетки, чичковци на луѓе кои живеат во САД да влезат во земјата.

Вотсон рекол дека тоа е „здрав разум“, затоа што „бабите и дедовците навистина се блиски членови на семејството“.
Врховниот суд на САД даде исклучок од забраната за влез во САД за апликантите за виза кои ќе достават докази дека во САД имаат некој кој е државјанин, а кој им е близок роднина. Тогаш беше донесена одлуката забраната да не важи за државјани на шесте земји кои во САД имаат родители, сопружници, свршеници, синови, ќерки итн.

Забраната за влез во САД е издадена за граѓани на Иран, Сирија, Јемен, Сомалија, Судан и на Либија.


Стејт департментот воведува нови правила за издавање американска виза


Вашингтон, 29 јуни, 2017 - 10:44 (META) 

Американската влада постави нови критериуми за вадење виза за шест претежно муслимански земји и за бегалци, според кои за да добијат виза, потребно е да имаат „блиско“ сродство или деловни врски во САД.

Според насоките на Стејт департментот, граѓаните на Сирија, Судан, Сомалија, Либија, Иран и на Јемен, ако сакаат да патуваат во САД, мора да докажат дека во таа земја имаат родители, сопружник, деца, брат, сестра, зет или снаа. Истите критериуми ќе важат и за бегалци од сите земји, кои чекаат одобрување за виза.

Што се однесува до деловните причини за патување, Стејт департментот наведува дека причината мора да биде „формална, документирана и направена по вообичаен пат, а не за да се избегне забрана“. На новинари, студенти, професори и на работници кои имаат важечки покани или договори за работа во САД, ќе бидат изземени од забраната.

Конзуларните службеници имаат право да им издадат виза на граѓаните од шесте наведени земји, но ако тие имаат „претходно воспоставени значајни контакти со САД“ или ако станува збор за дете, посвојување дете или на лицето му е потребна итна медицинска нега.

Новите прописи вечерва стапуваат на сила и ќе бидат на сила до одлука на Врховниот суд на САД.


Курц смета дека треба да се затворат градинките за деца муслимани во Виена


Виена, 22 јуни, 2017 - 12:08 (META) 

Министерот за надворешни работи и шеф на Народна партија на Австрија (ОВП), Себастијан Курц, смета дека треба да се затворат градинките за деца муслимани во Виена кои ги посетуваат 10.000 деца, пишуваат австриските медиуми.

Тој додал дека таквите градинки, јазично и културно се целосно одвоени од мнозинството во општеството.

Според него, клучот е во успешна интеграција и во знаење германски јазик. Тој се залага за воведување задолжителна посета на градинки во Австрија, за да се спречи децата кога ќе почнат на училиште да не знаат германски јазик.


Еден загинат и десет повредени при удар на комби во пешаци пред џамија во Лондон


Лондон, 19 јуни, 2017 - 10:18 (META) 

Едно лице загинало, додека десет се повредени утрово кога комби ударило во пешаци во близина на џамија во северниот дел на Лондон. Случајот, како што јавуваат светските агенции, го истражуваат припадници на британската антитерористичка единица.

Комбито ударило во муслимански верници, во моментот додека тие излегувале од утринската рамазанска молитва од џамијата во Финсбури парк.

Најголемата британска мулсиманска организација случајот го оцени како чин на исламофобија.

Како што соопшти лондонската Метрополитен полиција, еден маж починал на местото на несреќата. Од полицијата соопштиле дека осуммина повредени биле однесени во три различни болници, додека на две лица им била укажна медицинска помош на самото место.

Четириесет и осумгодишниот маж, кој го управувал комбито и кој бил задржан од минувачите, подоцна бил однесен во болница.

Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, изјавила дека полицијата го третира случајот како „потенцијален терористички напад“.

„Ќе закажам итен состанок ова утро. Сите мои мисли се со жртвите, нивните семејства и со службите за итна помош кои се на местото на несреќата“, изјави Меј.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, изјави дека дополнителни полициски сили се распоредени низ Лондон, особено во муслиманските квартови.

„Сè уште не ги знаеме деталите, но јасно е дека станува збор за намерен напад на недолжни жители на Лондон, од кои многумина завршувале со молитвата за светиот месец Рамазан…Иако се чини дека ова е напад на одредена заедница, како што беа застрашувачките напади во Манчестер, Вестминистер и на Лондонскиот мост, тоа воедно е и навреда на нашите заеднички вредности како толеранцијата, слободата и почитувањето“, рекол Кан.


Постојат и подобри места за живот според исламските прописи од Европа, им порача Шојбле на мигрантите


Берлин, 13 април, 2017 - 10:13 (META) 

Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, изјави дека муслиманите кои мигрираат кон Европа треба да сфатат дека постојат и подобри места за живот доколку не сакаат да го прифатат европскиот начин на живеење.

– На мигрантите што не го прифаќаат европскиот начин на живеење, треба да им се каже: „Донесовте погрешна одлука“ – изјави Шојбле на дебата во Берлин.
Тој истакна дека според исламските прописи, постојат и подобри места за живот од Европа.


Трамп денеска ќе ја потпише забраната за влез на државјани од шест земји


Вашингтон, 6 март, 2017 - 17:57 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја потпише ревидираната извршна уредба за забрана за влез во САД, од која ќе бидат изземени државјаните на Ирак.

Ова го потврди советничката на Трамп, Келијан Конвеј.

Според првата уредба што Трамп ја потпиша на 27 јануари, влез во САД на државјани на седум земји со мнозинско муслиманско население – Ирак, Иран, Јемен, Либија, Сирија, Сомалија и Судан – им беше забранет на 90 дена, на бегалците на 120 дена, а на сириските бегалци трајно.

Уредбата предизвика хаос на американските аеродроми, а подоцна беше суспендирана со одлука на судот.

Конвеј за „Фокс њус“ соопшти дека со уредбата за забрана за влез во САД која ќе стапи на сила на 16 март, експлицитно ќе бидат изземени странските државјани со постојан престој во САД и тие што имаат американска виза.

Ирак веќе нема да биде на листата на муслимански земји на кои ќе им биде забранет влез во САД, додаде Конвеј.

Во меѓувреме ирачкото министерство за надворешни работи соопшти дека Ирак чувствува „длабоко олеснување“ поради одлуката на американскиот претседател да го тргне Ирак од листата на земји означени со уредбата за имиграција.


Протести во САД за поддршка на муслиманите и на мигрантите


Салем, 20 февруари, 2017 - 10:52 (META) 

Во повеќе градови во САД се одржаа демонстрации во знак на поддршка на Американците со исламска вероисповед и против имиграционата политика на претседателот Доналд Трамп.

Повеќе од илјада лица од различна вера вчера се собраа на Тајмс сквер во Њујорк, на протест под мотото „И јас сум муслиман“.

Одредени учесници на протестот вееја американски знамиња, додека други носеа транспаренти на кои го изразија своето противење на забраната за влез во САД на државјани од седум држави со мнозинско муслиманско население.

Трамп во јануари ја суспендираше американската бегалска кампања и побара забрана за влез во САД на граѓаните од Иран, Ирак, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и од Јемен.

Во градот Салем во Орегон, повеќе стотини граѓани вчера се собраа во знак во знак на поддршка на правата на имигрантите.

Во Далас, според проценките на полицијата, околу 1.700 лица учествуваа на мирниот протест за поддршка на имигрантите и на бегалците.


Трудо: Бегалците се добредојдени во Канада


Отава, 29 јануари, 2017 - 14:38 (META) 

Канадскиот премиер Џастин Трудо им порача на жртвите на прогонот, тероризмот и војната дека се добредојдени во Канада.

– Сите оние кои се протерани и бегаат од тероризам и војна, Канада ќе ги прифати без разлика на верата. Различноста е наша сила – напиша Трудо на „Твитер“ и на неговиот профил на „Фејсбук“ со хаштаг „добредојдовте во Канада“.

Одговорот на Трудо следува откако американскиот претседател Доналд Трамп потпиша указ со кој се забранува влез во САД на лицата од седум муслимански земји.