Мачнина кај 11 лица откако било отворено писмо во воена база во САД


Вашингтон, 28 февруари, 2018 - 11:30 (META) 

Вкупно 11 лица, меѓу кои и маринци, вчера почнале да чувствуваат мачнина откако било отворено писмо со непозната супстанцa. Инцидентот се случил во заедничката воена база „Мајер Хендерсон Хол“ во Арлингтон, САД, јавија американските медиуми.

Три лица биле префрлени во болница, но се во стабилна состојба. Другите што имаат симптоми добиваат лекарска помош во базата.

Откако писмото било отворено и биле пријавени проблемите, била евакуирана административната зграда во базата.

Воените сили на САД соработуваат со локалните тимови за справување со опасни материи и со ФБИ.


330 американски војници привремено ќе бидат сместени во Норвешка


Осло, 25 октомври, 2016 - 13:13 (META) 

Околу 330 војници на американската морнарица ќе бидат привремено сместени на тлото на Норвешка и тоа првпат по завршетокот на Втората светска војна, јавува „Ројтерс“. Американските војници ќе учествуваат на воени вежби и на обуки во арктички услови.

„САД се нашиот најважен сојузник со кој негуваме блиски билатерални односи кои сакаме да ги развиеме“, изјави министерот за одбрана на Норвешка, Ине Ериксен Соерид.

Последен пат странска војска била присутна на територијата на Норвешка во текот на Втората светска војна, кога Црвената армија ја протерувала германската војска, која ја окупираше Норвешка од 1940 до 1945 година.


(ВИДЕО) Американски војници нападнати во Истанбул


Истанбул, 13 ноември, 2014 - 13:23 (META) 

Членови на турската националистичка фракција, вчера, во Истанбул, нападнале морнари на американската флота. Американската амбасада во Анкара денеска изрази протест поради инцидентот.

Напаѓачите, кои припаѓаат на Асоцијација на турската младина (ТГБ), прво вербално го нападнале трите припадници на американската морнарица кои застанале во Истанбул по маневрите во Црно Море, а потоа се обиделе со вреќи да им ги покријат главите. Според видеозаписот што се појави на интернет, напаѓачите извикувале „Јенки одете дома“, „Долу американски империјализам“ и „Напуштете ја нашата земја“.

Насилниците на тој начин сакале да се одмаздат за инцидентот од 2003 година во Ирак, кога американските војници уапсија и припадници на турските специјални сили, ставајќи им лисици на рацете и кеси на главите.

„Сигурни сме дека повеќето Турци, заедно со нас, го осудуваат делото кое е спротивно на традиционалното турско гостопримство“, стои во објавата на „Твитер“ на официјалниот профил на Американската амбасада во Анкара.

Инцидентот доаѓа во период кога односите меѓу Турција и САД се затегнати поради сириското прашање. Американскиот потпретседател Џо Бајден, кој сам јавно ја обвини Турција за поддржување на џихадистичката група Исламска држава – ИСИС, на 21 ноември треба да допатува во Истанбул на работна посета.