„То вима“: Грчките лидери го немаат луксузот на времето, итно ни треба единство


Атина, 12 март, 2018 - 10:55 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска во 16.30 часот по локално време ќе се сретне Ставрос Теодоракис, лидерот на партијата „Потами“ и ќе разговара со формирањето на Совет на национална безбедност и „за други национални праашања“, јави грчката новинска агенција АНА-МПА.

Истовремено, провладината „То вима“ објави коментар под наслов „Итно да се обезбедни национално единство“ во кој повикува „веднаш да се формира предложениот Совет за национална безбедност“ .

„Сè упaтува на фактот дека следните неколку месеци се клучни за грчките национални интереси“, вели весникот и потсетува дека „политичкото водство на земјата веќе го нема луксузот на времето“.

Грчко-туските односи се во опасна зона, како поради неодамнените блиски средби на вооружените сили на двете земји, така и поради постојаните кошкања на Кипар.

Воената реторика од двете земји се заканува да прерасне во поширок судир, па оттаму и поизразената ангажираност на американски и европски дипломати.

„Грција е и останува мирољубива земја. Горчливото искуство со агресивноста на соседите нè обврзува да бидеме подотвени и да ги имаме предвид сите евентуалности“, пишува „То вима“.


Јанкулоска се подбива со предвидувањата на Гарет за Македонија во 2027 година


Скопје, 19 јануари, 2017 - 11:58 (META) 

Поранешната министерка за внатрешни работи и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкулоска, преку објава  на „Твитер“, со подбив ги искоментира предвидувањата на актуелниот британски амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет, за тоа каде ја гледа земјава за 10 години.

Јанкулоска ја ретвитна англиската верзија од текстот на „Мета“ за оптимистичките предвидувања на британскиот амбасадор за Македонија, со наслов „Гарет: Македонија во 2027 година ќе има жена премиер и ќе биде во ЕУ и во НАТО“, и напиша: „Се покажа во сегашноста, па се зафати и со иднината“, со хаштаг „Нострадамус“.

Поранешната министерка за внатрешни работи не пропушта можност преку социјалните мрежи да ги искоментира случувањата поврзани со Велика Британија и со нејзиниот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет.

Ден по референдумот во Велика Британија, на кој нејзините граѓани гласаа за Брексит, односно за излегување на земјата од Европската Унија, Јанкулоска на британскиот амбасадор му твитна „Сега шу праиме?!?“.

Инаку, Јанкулоска е стипендист на Велика Британија, односно како што може да се види во нејзината биографија, таа има магистрирано на кентскиот универзитет, во Кентербери. Во јули 2004 година, универзитетот ѝ доделува награда за посебни достигнувања во областа на правото.

Британската амбасада во Скопје преку социјалната мрежа „Фејсбук“ почна кампања насловена „Македонија 2027“, преку која сака да слушне од граѓаните каде ја гледаат земјата за десет години, што би сакале земјата да постигне.

Свој поглед на иднината на Македонија, прв даде британскиот амбасадор, Чарлс Гарет, кој предвидувањата ги претстави преку личниот дневник, напишан „на 26 август 2027 година“.


Руско МНР: Да нема надворешни влијанија при формирањето на новата влада


Москва, 14 декември, 2016 - 15:59 (META) 

„Ги повикуваме сите политички партии во Македонија да ја почитуваат волјата на гласачите, да дејствуваат единствено во рамките на Уставот и да ги избегнат надворешните контрапродуктивни влијанија во врска со формирањето на новиот владин кабинет“, се вели во коментарот на министерството за надворешни работи на Руската Федерација во врска со предвремените парламентарни избори во Македонија.

„Веруваме дека македонските политичари се свесни за одговорноста за зачувување на стабилноста во Македонија и на меѓуетничката хармонија, кои се главен фактор за мирот на целиот Балкан. Очекуваме дека новата влада на Република Македонија ќе води балансирана надворешна политика, фокусирана на зајакнување на мирот и безбедноста на целиот европски континент“, стои во соопштението на руското министерство за надворешни работи.

Оттаму наведуваат дека Русија е задоволна што изборите на 11 декември, и покрај екстремно тензичната политичка ситуација во земјава, поминале во мирна атмосфера.

„Меѓународните набљудувачи, меѓу кои имаше и руски претставници, не регистрираа значајни прекршувања на меѓународните изборни стандарди“, се вели во соопштението, во кое е нотирано и дека според резултатите, ниту една од политичките партии не успеала да освои апсолутно мнозинство.


СЈО за говорот на Груевски: Не коментираме политички изјави


Скопје, 20 јуни, 2016 - 13:58 (META) 

Специјалното јавно обвинителство не ги коментира изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој вчера, по повод 26. роденден на партијата, меѓу другото, изјави дека СЈО го изгубило својот кредибилитет и дека работи непрофесионално и под диктат на СДСМ.

„Како што сме изјавиле повеќепати, ова јавно обвинителство не коментира политички изјави“, кратко одговараат од кабинетот на специјалната обвинителка Катица Јанева, на барањето за коментар на изјавите на Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека една од новите стратегии на СЈО е со отварање истраги и барање притвор за членови и за функционери на партијата се прави притисок врз судот.

„Не знаејќи како уште повеќе да го притискаат судот, партиски мотивираното водство во СЈО почна да отвора истраги за сè и сешто, празни истраги без елементарен доказен матерјал. Ова е една од новите стратегии на СЈО. Целта не е само да се компромитираат и јавно осомничат политичарите дека за нешто се виновни, со самиот факт што се повикуваат во судот и се товарат, туку и да го доведат во ситуација самиот суд, празните пријави да им ги отфрла и по некое време да направат долга листа на отфрлени пријави, со која повторно компромитирајќи го судот дека им ги отфрла сите или најголем дел од пријавите, да се обидат да му прават притисок, за истиот, за да не е под притисок, да почне да прифаќа истраги или обвиненија без докази“, рече Груевски.


Приведена новинарка поради критика за Ердоган на „Твитер“


Анкара, 24 април, 2016 - 13:02 (META) 

Новинарка со турско-холандско потекло е приведена на испитување поради коментар на „Твитер“ за претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Весникот „Метро“ наведува дека нивна колумнистка Ебру Умар била приведена во саботата.

Умар неодамна за „Метро“ напишала текст со критики кон Ердоган, чии исечоци подоцна ги објавила на „Твитер“, поради што е и приведена.

Новинарката на холандски јазик на социјалната мрежа „Твитер“ навела дека полицајци дошле на нејзина адреса и ја однеле во полициска станица во турското летувалиште Кушадаси.

Портпаролот на холандското министерство за надворешни работи, Херман ван Гелдерен, потврди дека новинарката е приведена.

Турските власти поднесоа околу 2.000 тужби поради навреди кон Ердоган откако тој ја презеде должноста претседател во 2014 година.

Умар е приведена додека германската канцеларка Ангела Меркел и високи официјални лица на Европската Унија престојуваат во Турција за да го зацврстат договорот кој е постигнат за да се запре приливот на мигранти во Европа.


СЈО: Не ја коментираме одлуката на Уставниот суд за Законот за помилување


Скопје, 18 март, 2016 - 14:28 (META) 

Специјалното јавно обвинителство не ја коментира одлуката на Уставниот суд со која се укинаа измените на Законот за помилување од 2009 година и му се даде право на претседателот на државата да помилува лица кои се осудени или кривично се гонат за изборни измами.

Ваквата одлука на Уставниот суд, во јавноста се толкува како интервенција на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, чии високи функционери и поранешни министри во владата се осомничени од Специјалното јавно обвинителство токму за изборен криминал, а против дел е покрената и истражна постапка, во рамките на случајот „Титаник“.

– Ставот на Специјалното јавно обвнителство е да не ги коментира одлуките на судовите, како и на другите институции и во тој контекст нема да се впуштаме во коментар и на конкрената одлука на Уставниот суд. Она на што сме сконцентирани и фокусирани е работата за која е формирано ова јавно обвинителство – ни изјави портпаролката на СЈО, обвинителката Ленче Ристовска.

Укинувањето на измените на Законот за помилување доаѓаат во време кога Специјалното јавно обвинителство покрена истражна постапка за осум лица осомничени за изборни нерегуларности, меѓу кои и поранешните министри за транспорт и врски и за внатрешни работи Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, генералниот секретар на владата, Кирил Божиновски, и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.

Иницијативата по која уставните судии ја донесоа контроверзната одлука ја поднесе младиот адвокат од Охрид, Ристо Китески, кој работи во канцеларијата на еден од адвокатите на осомничените во случајот „Титаник“.

Уставната судијка Гзиме Старова, на седницата на судот кога се одлучуваше дали ќе се разгледува иницијативата, рече дека симптоматично е тоа што таа е поднесена на 5 февруари, на 8 февруари е веќе распоредена, на 10 и на 12 февруари Владата и Собранието го дале својот став, а на 24 февруари е ставена како точка на дневен ред на седница на судот. Старова тогаш му се обрати на судијата известител и му рече дека оваа иницијатива е експресно ставена на дневен ред, додека постари иницијативи сè уште чекаат.

Одлуката со која на претседателот на државата му се даде право да помилува лица осудени за изборни измами, педофилија, трговија со дрога, тероризам, Уставиот суд ја донесе во средата, на 16 март.


Папата Франциск смета дека Доналд Трамп не размислува христијански


Мексико сити, 18 февруари, 2016 - 19:40 (META) 

Папата Франциск ги стави под знак прашалник христијанските убедувања на кандидатот за претседател на Соединетите Американски Држави (САД) од редовите на Републиканската партија, Доналд Трамп, кој повикува на подигнување ѕид долж границата со Мексико, пренесува „Би-Би-Си“.

„Личност која размислува само за градење ѕидови, каде и да било, а не за градење мостови, не е христијанин“, изјавил папата пред крајот на својата посета на Мексико.

Коментарот на папата Франциск се однесува на изјавите на Трамп на неговите јавни настапи, во кои како претседателски кандидат најавува и дава отворена поддршка на поставувањето ѕид на границата со Мексико, како и депортирање на речиси 11 милиони имигранти без документи.

Американскиот бизнисмен, пак, во обраќање на собир во сојузната држава Јужна Каролина, како одговор на коментарите на папата рекол дека „е срамно за еден верски лидер да ја преиспитува верата на друг човек“.

„Ниту еден лидер, особено верски, нема право да ја преиспитува религијата или верата на друг човек. Папата искажа негативни работи за мене бидејќи Мексиканците го убедиле дека Трамп не е добар човек“, пренесува „Би-Би-Си“ дел од изјавата на Трамп.


Бејли: Партиите да се фокусираат на спроведување на договореното


Скопје, 6 ноември, 2015 - 14:47 (META) 

Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, на својот твитер-профил се огласи со коментар по повод синоќешното постигнување договор од партиите потписнички на Договорот од Пржино.

„Минатата ноќ постигнат е значителен напредок во исполнувањето на Договорот од Пржино и во придвижувањето на земјата напред. Откако новите закони ќе бидат донесени, важно е фокусирањето кон нивното спроведување, особено на изборниот законик. САД и меѓународните партнери се подготвени да помогнат“, твитна амбасадорот Бејли.