Итната помош треба да го промени името во „Итна помош со стари возила“ (инфографик)


Скопје, 3 декември, 2018 - 13:00 (META) 

Проблемот со амбулантните амбуланти во Македонија, покрај нивниот број, лежи во подготвеноста на возилата. Според податоците, Македонија главно има стари и амортизирани возила што треба да им служат на околу 2 милиони луѓе. Нај амортизирани возила има Кичево, додека најстарото возило го има Пробиштип, пренесува „Порталб.мк“.

Состојбата е најлоша во Кичево

Во Кичево служба на Итна помош се врши со две амбулантни возила, коишто се нај амортизираните во Македонија. Едното возило има поминато 1 милион и 360 илјади километри, а другото 800 илјади километри. Следува Крива Паланка со две амбулантни возила, со поминати над 652 илјади километри и 620 илјади километри, Дебар со едно амбулантно возило со 640 илјади километри, Велес со едно амбулантно возило со над 452 илјади километри и Охрид со две амбулантни возила со над 450 илјади километри, и со околу 442 илјади километри.

Скопје, којшто доби шест нови возила, има едно амбулантно возило со поминати 450.642 километри.

Министерството за здравство најави дека ја разгледува можноста за измена на Деловникот за работа на итната помош, со која се предвидува замена на возилата врз основа на километражата, бидејќи како што објаснија од таму: “Имаме стари возила коишто поминале и по 600.000 километри“.

Иако е свесен за моменталната состојба со амортизацијата на возилата во Македонија, министерот за здравство, Венко Филипче, не вети дека Кичево ќе ја има судбината на Скопје – да добие ново амбулантно возило.

„Ќе видиме”, одговори Филипче во прашањето на „Порталб.мк“ врз основа на кој критериум ќе бидат распределени 6 возила, што останаа од набавката на 12 возила, во другите градови на Македонија.

Пробиштип го држи рекордот за староста на амбулантните возила

Врз основа на годината на производство, најстарото амбулантно возило со кое се вршат услуги на Итната помош, се користи во Пробиштип – произведено во 1986 година, потоа во Делчево – произведено во 1987 година, Крушево и Струга – произведени во 1989 година, во Неготино и Охрид – произведени во 1993 година и во Велес – произведено во 1994 година.

Претходно „Порталб.мк“ консултираше експерти за сервисирање на возила, кои се занимавале и со сервисирање на амбулантните возила на Итната помош, кои проценија дека критериум за замена и сервисирање на амбулантни возила треба да биде искористеноста на возилата, додека во другите градови поминатата километража. Побараа да има посебен правилник за сервисирање и замена на амбулантните возила.

Според автомеханичарот Игор Трајковски едно амбулантно возило на итна помош не треба да се користи повеќе од 10 години.

33 проценти од амбулантните возила се странски донации

Од 156 возила, 33 проценти од нив се странски донации, околу 40 отсто се финансирани од средства од државниот буџет, додека за 27 проценти Министерството за здравство нема информации за тоа кој ги финансирал.

Министерството за здравство нема критериум врз основа на кој ќе се дистрибуираат возилата во другите градови, а критериумот кој, наводно, е употребен за набавката на 6 возила во Скопје, не постои.


Автомеханичарите против замената на амбулантните возила според километражата


Скопје, 9 ноември, 2018 - 12:33 (META) 

Со цел да се избегне ситуацијата возилата на Итната медицинска помош (ИМП) во Македонија да се расипуваат секојдневно, Министерството за здравство предвидува нов правилник, според кој овие возила ќе се сервисираат и заменуваат зависно од бројот на поминати километри.  Со овој критериум на Министерството не се согласуваат автомеханичарите, бидејќи според нив, критериум за замена и сервисирање на возилата би требало да биде векот на нивното користење и условите во коишто се возат, пишува „Порталб“.

По случаите на расипување возила на Итна помош, при што пациенти починуваа бидејќи не можело да бидат пренесени в болница, Министерството за здравство (МЗ) соопшти дека планира амбулантните возила да се исфрлаат од употреба и да се заменуваат со нови врз основа на бројот на поминати километри.

„Министерството за здравство во моментов ги разгледува опциите со цел етаблирање како систем со што преку посебен Правилник со кој децидно ќе стои дека возилото за ИМП треба да се замени по помината одредена километража. Само за илустрација имаме стари возила кои имаат и по 600.000 поминати километри“, соопшти неодамна МЗ.

„Порталб“ го посети пунктот на Итна помош во Чаир и утврди дека едното од двете возила кои се во употреба поминало 429.756 километри, а второто 208.100 километри.

Автомеханичарот Игор Трајковски има спротивен став од тој на Министерството за здравство.

Вели дека некое возило не треба да се проценува според големиот број изминати километри, туку според неговата механичка состојба. Тој вели, на пример, дека ако едното од двете возила во пунктот во Чаир има поминато релативно малку километри, тоа не значи дека е во состојба да се вози и понатаму, бидејќи веќе е многу амортизирано.

Фото: Portalb.mk

– Има еден услов, зборувам за нови возила, според кој рокот за сервисирање во нормални околности на користење e 15.000 километри во рок од една година, но има и ситуации каде рокот е секои две години. Зборувам за условите во Македонија. Да бевме во Германија, тие ги сервисираат на секои 30 илјади километри, но во какви услови на користење? Ние, на пример, ако одиме од Ѓорче Петров до Автокоманда, ќе заглавиме во Центар… Кочи – тргни – кочи. Тука имаме еден час на искористеност, но не поминуваме километри. Не може километражата да биде услов за замена на возилото – вели Трајковски.

Тој е на ставот дека сервисирањето на возилата треба да се прави на секои 15.000 километри.

– Тие што се користат во оптимални услови треба да се сервисираат еднаш годишно, но ова не значи дека поминатите километри не треба да се земат предвид, бидејќи ако едно возило поминува 40.000 километри во годината, тогаш истото треба да се сервисира два пати годишно. Под сервисирање подразбираме замена на маслото, филтрите, како и контрола. Тоа е редовно сервисирање – рече Трајковски.

Според Здравствен Дом – Скопје, возила за Итна помош последен пат се набавени во 2008 година. Трајковски вели дека тие возила треба да се заменат со нови, а предлага и да има различни возила за урбана средина и за планински терени.

-Условите на користење на повисоки места не се исти како во Центар. Tреба да се има предвид кои возила во какви услови се користат. Едно е возило што патува од Охрид кон Скопје, а друго се возилата што се возат во рурални средини. Сега зборуваме за возила кои се понови, од 2009 година навака. Исто така, треба да има критериум дека возилата за ИМП не смее да бидат постари од 10-15 години. Тука нешто не е во ред. Треба да се постават стандарди, но државата треба да го направи тоа. На пример, по пет години користење, да се купи ново возило. За услугите што се вршат по селата, треба да имаа специјални возила, а не овие што сега се користат – вели Трајковски.


Пет лица починале од високите температури во Бугарија


Софија, 2 јули, 2017 - 10:19 (META) 

Пет лица починале вчера од топлото време, со екстремно висока температура во Бугарија. Температурата на одделни места во земјата достигнала до 44 Целзиусови степени, јавуваат бугарските медиуми.

Меѓу починатите бил и 75-годишен маж, кој излегол да трча во паркот во Софија и починал на самото место.

Екипите на итната помош во Софија вчера интервенирале на околу 200 повици од граѓани, а 18 лица колабирале, меѓу кои и деца на возраст од 13 и од 17 години.

Поголемиот дел од Балканот изминативе неколку дена е зафатен од топлотен бран, со екстремно висока температура. Намалување на температурата и посвежо време се очекува од денеска попладне.


Тодоров ги довел во ризик и бебињата во возилата на итната помош, обвинува СДСМ


Скопје, 19 март, 2017 - 15:21 (META) 

Набавените 69 возила на итната медицинска помош, до кои се сликаше Никола Тодоров, немаат приклучок за инкубатор за бебиња, па бебињата за кои е потребна итна интервенција се превезуваат со стари возила кои често се расипуваат, обвинија денеска од СДСМ.

– Откако завршија два човечки животи во возило на итната медицинска помош, кое се расипа на патот од Крива Паланка кон скопските клиники, деновиве во ризик е доведен и живот на бебе! Според информациите што ги имаме, од Охрид кон Скопје било превезувано бебе во старо возило на итна медицинска помош, кое се расипало на Стража. Поради тоа бебето на Стража било префрлено во друго возило на итната помош. Во старо возило на итна помош и завчера било пренесувано друго бебе, исто така од Охрид кон Скопје – изјави денеска на прес-конференција пратеничката во Собранието и претседател на комисијата за здравство на СДСМ, Јагода Шахпаска.

Таа истакна дека ова е уште еден доказ за несовесните политики во здравството, кои, како што рече, мора да бидат спречени.

– Несоодветните возила на итната помош за коишто се дадени милиони евра пари на граѓаните и негрижливото одржување на возилата уште еднаш покажуваат дека Никола Тодоров беше министер за тендери, а не за здравство. Тодоров, Груевски и нивните соработници наштетија на граѓаните и го доведоа во ризик нивното здравје. Во програмата на новата реформска влада, здравјето на граѓаните е врвен приоритет – рече Шахпаска.

Од охридската болница за „Телма“ потврдиле дека овој месец имале два случаи во кои бебиња биле префрлени од Охрид во Скопје, но негираат дека возилата со кои биле пренесувани бебињата се расипале по пат.


Возач загина во сообраќајна несреќа на патот Охрид – Струга


Охрид, 4 декември, 2016 - 14:02 (META) 

Едно лице го загуби животот во тешка сообраќајна незгода што синоќа околу 21.15 часот се случи на магистралниот пат Охрид – Струга, во близина на бензиската пумпа „Бесјани“.

Станува збор за Благоја Р. (37) од струшкото село Мороишта, кој веднаш по несреќата со возило на итна помош бил пренесен во Општата болница во Охрид, каде им подлегнал на повредите.

Сообраќајната незгода се случила кога Благоја Р., управувајќи автомобил марка „киа“ во правец од Струга кон Подмолје, изгубил контрола над возилото и со предниот дел удрил во метална канделабра и ограда со бетонски столбови. Од силината на ударот, возилото се превртело на покривот и излетало надвор од патот.

По наредба на јавен обвинител, на местото на несреќата, увид извршија полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај во Охрид.

Според насоките на јавниот обвинител, врз телото на починатиот денеска ќе биде извршена обдукција, а дополнително ќе биде вештачен и автомобилот што го управувал.


Жена загина во сообраќајна несреќа на влезот во Штип


Штип, 1 декември, 2016 - 13:28 (META) 

Во сообраќајна несреќа на влезот во Штип загина 65-годишна жена од селото Тераници, општина Чешиново – Облешево. Жената се превезувала со синот во возило „опел тигра“, кога во него удрил „џип чироки“, со бугарски регистарски таблички, сопственост на возач од Пехчево.

„Несреќата се случила вчера попладне во 16.40 часот кај селото Чардаклија. Од ударот „опелот“ се запалил, но пламенот набргу бил изгаснат. Жената сè уште покажувала знаци на живот кога дошла екипата на итната медицинска помош од Штип. Веднаш била пренесена во Клиничката болница, каде набргу починала“, соопштија од СВР Штип.

Во болницата се примени уште три други лица, кои се превезувале во џипот, а кои поминале со полесни повреди.

Од штипската полиција не можат да кажат која е причината за сообраќајката. Истрагата, која ја води Основното јавно обвинителство треба да утврди како дошло до фаталната несреќа. Местото на несреќата е една од таканаречените црни сообраќајни точки.

По врнежите од снег во изминатите три дена, во Југоисточна Македонија во сообраќајни несречи животот го загубија три лица, а повеќе од десет се повредени.


Пустош во Ченто по невремето: Скокале од балкони за да се спасат од поплавите


Скопје, 7 август, 2016 - 15:55 (META) 

Возило на Итната медицинска помош само што изнесе средовечна жена од нејзиниот дом во населбата Ченто, која, како што раскажуваат членови на нејзиното семејството, во обид да ја избегне поплавата во куќата, од синоќешното невреме, морала да скокне од балконот на првиот кат.

Соседите велат дека состојбата на улицата Алија Авдовиќ била најстрашна. Поплавени се сите дворови и подруми, а водата однела и дел од бетонските огради на куќите. Речиси од секој објект во населбата може да се видат граѓани како со кофи и пумпи ја испумпуваат водата од своите домови.

Главната улица е едвај проодна. Наноси од кал, искршен цемент и бетон има на сите страни. Возилата кои што вчера во екот на невремето биле паркирани по улиците завршиле една врз друга, на крајот на една од споредните улички.

Граѓаните чии што куќи се оштетени и поплавени велат дека досега никој од државните и локаните власти не ги посетил ниту пак понудил некаква помош во расчистувањето на улиците.

На неколку места во населбата има цистерни на комунална хигиена од каде граѓаните полнат чиста вода и се мијат. На почетокот на населбата, во училиштето „25 Мај“ е направен пункт за флаширана вода за пиење.

Одговорните на пунктот велат дека граѓаните доаѓаат да си земат вода, а на оние кои се заглаевни во своите домови или во непроодните подрачја им се носи со комбиња. Во училиштето се собрани екипи на Црвениот крст и на АРМ кои чекаат насоки за натамошно расчистување на теренот и помош за настраданите граѓани.

На секој чекор во населбата можат да се видат полициски и воени возила, како и возила на Итната медицинска помош, багери и трактори кои помагаат во расчистување на теренот.

Во невремето кое вчера го погоди Скопје и околината животите ги загубија 20 лица, а десетици повредени побараа лекарска помош во скопските клиники.

Најмногу погодени се жителите на Стајковци, Ченто, Смилковци и Арачиново, каде се пронајдени телата на загинатите, а пријавени се и големи штети.


Судењето за настаните во Диво Насеље ќе паузира еден месец


Скопје, 29 јули, 2016 - 13:23 (META) 

Судскиот процес за настаните во Диво Насеље, Кумановско, од 9 и од 10 мај минатата година, ќе има пауза од околу еден месец, а следното рочиште е закажно за 6 септември, велат за „Мета“ од Кривичниот суд.

И следното рочиште, како што информираат од судот, ќе биде затворено за јавноста и нема да им биде дозволено на новинарите да го следат, бидејќи сè уште не е завршено сослушувањето на заштитените сведоци, предложени од Обвинителството.

Од судот велат дека паузата е по договор меѓу адвокатите на одбраната и судечкиот совет, односно меѓу странките во постапката, и дека едномесечниот период нема да го наруши континуитетот на судењето. Според законските одредби, доколку 60 дена не се одржи ниту едно рочиште за одреден предмет, судењето треба да почне од почеток.

Инаку, последното рочиште за случајот „Диво Насеље“ пред паузата, се одржа вчера и како и претходните неколку беше затворено за јавност.

Од судот информираат дека и вчера дел од обвинетите се пожалиле на здравстевни проблеми и тврделе дека биле малтретирани, поради што била повикана и екипа на итна помош. Но, по прегледот на обвинетите, лекар констатирал дека тие можат да го следат рочиштето.

Судскиот процес против 29 обвинети во случајот „Диво Насеље“ почна на почетокот на февруари годинава. На почетокот на јуни, целиот процес почна одново откако обвинителството со овој случај го спои и предметот „Молња“, во кој осум лица се обвинети дека обезбедувале логистичка поддршка за кумановската група.

Во настаните во Куманово животите ги загубија осум припадници на специјалните полициски единици, а 37 беа ранети, додека во борбите со полицијата беа убиени 10 членови на вооружената група.


Итната помош дала „виза“ за рочиште за „Диво Насеље“, обвинетите немале повреди од ќотек


Скопје, 14 јули, 2016 - 15:42 (META) 

Во скопскиот Кривичен суд денеска продолжи главната расправа од судскиот процес за настаните во Диво Насеље во Куманово, од 9 и од 10 мај минатата година, и покрај интервенцијата на екипа на Итната помош, која била повикана откако шестмина обвинети се пожалиле на здравстени проблеми и на повреди, кои, наводно, ги добиле при транспортот од затворите каде издржуваат притвор.

Поради ова, нивните адвокати побарале одложување на денешното рочиште, но биле одбиени од судечкиот совет, откако медицинските екипи констатирале дека сите шестмина обвинети немаат никакви видливи или други повреди и дека се способни да го следат судењето.

„По преглед на доктор од итна медицинска помош, до судечкиот совет доставен е извештај, според кој, тројца од обвинетите што се пожалија на здравствени проблеми пред докторот кажале дека немаат потреба од никаква терапија и помош, додека тројца се пожалиле на болки во ’рбетот, по што им била дадена терапија и е констатирано дека сите шест обвинети немаат никакви видливи надворешни или други повреди и во моментот се способни да го следат судењето.
По добивање на извештајот, судечкиот совет констатирал дека не постојат причини расправата да биде одложена, па затоа со одлука на советот главната расправа продолжи со распит на заштитени сведоци, како што беше планирано, заради што истата е затворена за јавност“, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Оттаму додаваат дека без да навлегуваат во причините за барањето на одбраната за одложување на главната расправа, ставот на судот е дека „какво било одолжување на постапката не е во корист на ниту една од странките во случајот“.

Судскиот процес против 29 обвинети во случајот „Диво Насеље“ почна на почетокот на февруари годинава. На почетокот на јуни, целиот процес почна одново откако обвинителството со овој случај го спои и предметот „Молња“, во кој осум лица се обвинети дека обезбедувале логистичка поддршка за кумановската група.

Во настаните во Куманово животите ги загубија осум припадници на специјалните полициски единици, а 37 беа ранети, додека во борбите со полицијата беа убиени 10 членови на вооружената група.


Четворица загинати при пад на хеликоптер на романската итна помош


Кишинев, 2 јуни, 2016 - 15:38 (META) 

Во село на југот на Молдавија се урнал хеликоптер на романската итна помош, при што загинале четири лица.

Според официјални лица во Молдавија, хеликоптерот се урнал поради магла, во близина на шума.

Портпаролот на итната служба на Романија, Џорџ Ханган, изјави дека хеликоптерот пренесувал болно лице од тој регион во молдавскиот главен град Кишинев.

Романија има договор со Молдавија за превоз на пациенти во итни случаи.