Исчезнало 11-годишно дете во Прилеп


Прилеп, 13 август, 2018 - 11:10 (META) 

Прилепската полиција бара 11 годишно дете, кое, како што пријавил неговиот татко, А.С. (55) од Прилеп, излегло од дома околу 15 часот од саботата и потоа не се вратило дома.

Потрагата е во тек.


Седумгодишното момче кое се водеше за исчезнато во нападот во Барселона починало


Барселона, 20 август, 2017 - 18:07 (META) 

Седумгодишното момче од Австралија, Џулијан Кадмен кое се водеше за исчезнато за време на терористичкиот напад во Барселона, денеска починало во болницата каде што се лекувало, јавуваат светските медиуми.

Дедото на Џулијан, Тони Кадмен од Сиднеј на неговиот фејсбук-профил напиша дека неговиот внук Џулијан исчезнал, а неговата мајка е во болница во тешка, но стабилна состојба.

Каталонската полиција од друга страна соопшти дека момчето никогаш не го третирале за исчезнато, туку дека имале увид во неговата состојба и местото каде се наоѓа.

Во нападот во Барселона на 17 август, кога комби влета на улицата Ла Рамбла, починаа 18 лица, а 100 беа повредени.


Седумгодишно момче исчезна во нападот во Барселона


Барселона, 18 август, 2017 - 11:06 (META) 

Седумгодишно момче од Австралија, кое се одвоило од семејството за време на терористичкиот напад во Барселона исчезнало, соопшти неговото семејство.

Тони Кадмен од Сиднеј на „Фејсбук“ напишал дека неговиот внук Џулијан исчезнал, а неговата мајка е во болница во тешка, но стабилна состојба, пренесува „Гардијан“.

Таткото на момчето, Ендрју вели дека разговарале неколку часа пред да исчезне. Тој веќе е на пат кон Барселона.
Семејството на интернет сподели фотографија од Џулијан, која би требало да помогне во потрагата.

Шефицата на австралиската дипломатија, Џули Бишоп рече дека еден Австралиец е исчезнат, а четворица се повредени во нападот.

Тригодишно девојче е најмладата жртва во нападот во Барселона, во кој загинаа 13 лица, а повредени се повеќе од 100.


Тешко повредено дете најдено покрај пат, полицијата се обидува да го идентификува


Охрид, 3 февруари, 2017 - 15:14 (META) 

Дванесетгодишно момче со тешки телесни повреди и во бесознание вчера попладне било пронајдено на регионалниот пат Охрид – Ресен. Полицијата го истражува случајот и се обидува да го идентификува детето.

Детето, како што соопштија денеска од полицијата, се наоѓа во Ургентниот центар Скопје и е во животна опасност.

Портпаролот на Секторот за внатрешни работи Охрид, Стефан Димоски, за „Мета“ вели дека полицијата од вчера почнала со сите мерки за утврдување на околностите на несреќниот случај и се обидува да ги утврди идентитетот на момчето, како и тоа како ги добило повредите и кој е одговорен за тоа. На случајот работи и јавен обвинител.

Тоа што полицијата не го идентификувала говори и дека досега никој не се обратил во полиција за да го побара момчето или да го пријави како исчезнато.

– Ние сè уште работиме на овој настан, во моментов уште се води како несреќен случај, сè уште работиме на утврдување на сите аспекти, во координација сме со јавен обвинител. Екипите работат да се добијат информации, во моментов знаеме дека станува збор за дете од ромска националност, но немаме идентификација во моментов – изјави Димовски за „Мета“.

Откако било пронајдено покрај патот кај местото Буково, момчето било пренесено во Медицински центар – Битола, а потоа поради сериозноста на повредите е пренесено во Ургентен центар – Скопје.


Полицијата го пронајде исчезнатото девојче од Гази Баба


Скопје, 29 јануари, 2017 - 17:13 (META) 

Петнаесетгодишното девојче од Скопје кое било пријавено за исчезнато, било пронајдено и предадено на родителите, информираат од МВР.

Во вчерашниот билтен на полицијата пишуваше дека исчезнувањето на девојчето во полициската станица Гази Баба било пријавено од страна на нејзината сестра, според која, девојчето отишло на училиште и не се вратило дома.


Петнаесетгодишно девојче од Гази Баба заминало на училиште и не се вратило


Скопје, 28 јануари, 2017 - 13:45 (META) 

Во полициската станица во Гази Баба, М.Н. (20) од Скопје пријавила дека на 27 јануари, во 6 часот, од дома во непознат правец се оддалечила нејзината петнаесетгодишна сестра.

Таа, според пријавителката, отишла на училиште и не се вратила дома. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.


Исчезнало 13-годишно девојче од Штипско


Штип, 25 јануари, 2017 - 15:08 (META) 

Девојче од штипското село Шашаварлија вчера е пријавено за исчезнато, откако не се вратило дома од училиште.

Случајот во полициската станица во Штип го пријавил нејзиниот татко. Тој рекол дека неговата 13-годишна ќерка, вчера, во 6.30 часот, со комбито за ученици заминала на училиште, но кога комбито по завршувањето на смената се вратило, девојчето не си дошло дома.

Штипската полиција трага по исчезнатата тинејџерка.


Шеснаесетгодишно девојче исчезнало во Велес


Велес, 17 септември, 2016 - 18:26 (META) 

Вчера во полициската станица во Велес, С.Р. (41) од село Кочилари пријавила дека истиот ден околу 15.30 часот нејзината 16-годишна ќерка излегла од средното училиште во Велес помеѓу часовите на голем одмор, по што не се вратила.

Полицијата презема мерки за пронаоѓање на девојчето.


Детето што беше пријавено за исчезнато во Прилеп, пронајдено удавено во канал за вода


Прилеп, 4 февруари, 2016 - 18:26 (META) 

Двегодишното момче што вчера беше пријавено за исчезнато во полициската станица во Прилеп, утрово било пронајдено мртво во канал за вода во населбата Тризла во градот.

– Вчера, околу 15.30 часот, родителите на двегодишниот Омер Н. пријавиле дека детето исчезнало. Потрагата по него траеше до утринските часови. Неговото безживотно тело е пронајдено околу 6.30 часот од членови на семејството, во каналот за вода што се протега од Марковите кули кон населбата Тризла. Било удавено и со лицето кон водата во каналот – изјави јавната обвинителка од прилепското Основно јавно обвинителство, Лидија Салатоска-Илиоска.

Телото на детето по наредба на обвинителството е дадено за обдукција за да се утврдат причините за смртта.


Двегодишно дете пријавено за исчезнато во Прилеп


Прилеп, 4 февруари, 2016 - 14:04 (META) 

Двегодишно дете вчеравечер било пријавено за исчезнато во полициската станица во Прилеп.

Како што инфромираат од МВР, вчера околу 19.30 часот, во полициската станица во Прилеп, 52-годишната С.А. од градот пријавила дека истиот ден, околу 15 часот, од дома во непознат правец се оддалечил нејзиниот двегодишен внук.

Полицијата презема мерки за пронаоѓање на детето.