Советот за безбедност на ОН повика на спречување на ескалацијата на судирите во Сирија


Њујорк, 10 април, 2018 - 10:25 (META) 

Специјалниот пратеник на Обединетите нации за Сирија, Стефан де Мистура за време на заседувањето на Советот за безбеденост на Обединетите нации рече дека во смртоносните напади на Сирија, прв приоритет мора да биде заштита на цивили.

Тој повика на потполно почитување на Резолуцијата на Советот за безбедност 2401 со која се бара прекин на војната и обезбедување на услови кои би овозможиле испорака на хуманитарна помош и медицинска евакуација на оние на кои им е најпотребна.

Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли изјавила дека САД ќе одговорат на наводниот хемиски напад.

„Хемиското оружје се користи против сириските мажи, жени и деца. Историјата ќе забележи дали Советот за безбедност ќе ја изврши својата должност или ќе покаже потполн неуспех да ги заштити луѓето во Сирија“, изјавила Хејли.


Русија стави вето на резолуцијата за Сирија


Њујорк, 24 октомври, 2017 - 17:50 (META) 

Русија стави вето на резолуцијата на Советот на безбедност на ОН, со која требаше да се продолжи мандатот на инспекторите што ги истражуваат хемиските напади што силите на сирискиот претседател Башар ал Асад ги извршија во април годинава.

САД побараа да се гласа за нацрт-резолуција со која на експертите на ОН и на Организацијата за заштита од употреба на хемиско оружје ќе им се продолжи мандатот за уште една година, односно им се дава дополнително време за да ги истражат околностите на нападот, како и на другите напади на сириските владини сили, за кои се постои сомневање дека се извршени со хемиско оружје.

Сегашниот мандат на истражниот одбор трае до 18 ноември.

Западните земји ја обвинија војската на сирискиот претседател Башар ал Асад за нападот од 4 април, за кој постои сомневање дека е извршен со хемиско оружје, додека сириските власти негираат и наведуваат дека погодиле складиште на бунтовниците, во кое имало хемикалии.

Како одговор на нападот, американскиот претседател Доналд Трамп одобри напад со крстосувачки ракети на сириската база Ал Шајрат.


Во ОН денеска ќе гласаат да се продолжи истрагата за нападот со боен отров во Сирија


Њујорк, 24 октомври, 2017 - 10:47 (META) 

Советот за безбедност на Обединетите Нации ќе гласа за тоа дали ќе биде продолжена меѓународната истрага за напад со хемиско оружје во Сирија, пишуваат светските медиуми.

Според аналитичарите, Русија би можела да стави вето, бидејќи е сојузник на Сирија и сака прва да го види извештајот за нападот со боен отров сарин на градот Кан Шејкун во Сирија, кој се случи во април годинава, пред да се донесе одлуката, пренесуваат агенциите.

На 4 април, во нападот со гас во Сирија загинаа 87 лица. По тој настан, шефот на француската дипломатија, Жан Марк Еро, претставувајќи го извештајот на француските разузнавачки служби, рече дека нема сомнеж дека е употребен сарин и дека зад тој напад стои сирискиот режим, имајќи го предвид начинот на производство на саринот.


Путин: Русија ги уништи последните резерви на хемиско оружје, САД треба да го сторат истото


Москва, 27 септември, 2017 - 20:12 (META) 

Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека Русија денеска ги уништила последните резерви на хемиско оружје и ги повика Соединетите Американски Држави да ги исполнат своите меѓународни обврски и да го сторат истото.

„Денеска и последната хемикалија од руските резерви на хемиско оружје ќе биде уништена“, изјавил Путин за време на видеоврската со последниот магацин за хемиско оружје во репубиката Удмуртија, што била пренесувана на телевизија.

Путин истакнал дека станува збор за „историски настан, имајќи ги предвид огромните количества на хемиско оружје уште од времето на Советскиот Сојуз“ и за „голем чекор за безбедноста во светот“.

„Очекуваме дека напорите на Русија за отстранување на хемиското оружје ќе послужат како пример за другите земји… Соединетите Држави, за жал, не ги извршуваат своите обврски кога станува збор за временската рамка за уништување на хемиското оружје“, рекол рускиот претседател.


Дамаск ги обвини Вашингтон и Лондон дека им праќале хемиско оружје на терористите


Дамаск, 16 август, 2017 - 17:07 (META) 

Сирискиот заменик министер за надворешни работи, Фејсал Микдад соопшти дека во напуштено складиште за оружје на бунтовниците се пронајдени отровни супстанци на кои се гледа дека во Сирија стигнале од САД и од Велика Британија.

– Пронајдени се рачни бомби и минофрлачки гранати опремени со агенсите цезиум и цијанид. Хемиската муниција ја произвела компанијата агенсите „Федерал лабораторис“ од САД, а агенсите ги произвеле британската „Чеминг дифенс Ју-Кеј“ и американската „Нонлитал технолоџи“ – рече Микдад на прес-конференција во Дамаск, на која прикажал фотографии од пронајденото оружје.

Светските агенции пренесуваат дека агенсите се пронајдени во складиште во Алепо и во источните предградија на Дамаск, кои претходно беа под контрола на бунтовниците.

Микдад истакна дека според член пет од Конвенцијата за забрана на хемиското оружје, примената на отровните супстанци е дозволена само во случај на смирување немири, но дека користењето во воени цели е забрането.

– Можеме да тврдиме дека САД и Велика Британија, како и нивните сојузници во регионот ја давале сета можна поддршка на терористичките организации во Сирија и така ја кршеле Конвенцијата за забрана на хемиското оружје. Тие на екстремистите не само што им доставувале конвенционално оружје, туку и отровни агенси – рече Микдад.


Сирискиот режим стои зад нападот со хемиско оружје во Сирија, рече Еро


Париз, 26 април, 2017 - 14:36 (META) 

Шефот на француската дипломатија, Жан Марк Еро, денеска го претстави извештајот на француските разузнавачки служби, во кој сириските власти се товарат за нападот со гас на 4 април годинава во Сирија, во кој загинаа 87 лица.

– Нема сомнеж дека е употребен сарин. Нема сомнеж дека зад тој напад стои сирискиот режим, имајќи го предвид методот на кој е произведен саринот – рече Еро по состанокот со француските претставници на одбраната, на кој е претставен извештајот за Сирија.

Извештајот е подготвен врз основа на примероците што ги имала на увид француската разузнавачка служба.

„Од доверливи извори знаеме дека начинот на кој е произведен саринот е типичен за сириските лаборатории и можеме да утврдиме кој е одговорен за нападот – рече Еро.


Путин сепак се сретнал со државниот секретар на САД, Тилерсон


Москва, 12 април, 2017 - 19:38 (META) 

Рускиот претседател, Владимир Путин, се сретнал со државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, во Кремљ, а на средбата присуствувал и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Средбата ја потврдиле портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, и американската амбасада во Москва.

Средбата помеѓу Путин и Тилерсон се случи по многу неизвесност, бидејќи пред посетата на државниот секретар на Москва, Песков изјави дека „во распоредот на претседателот не е планирана средба со Тилерсон“.

Песков денеска најави дека Путин ќе ги прими Тилерсон и Лавров доколку „тие сметаат дека е разумно да го брифираат за исходот на денешните разговори“, пренесуваат руските медиуми.

Медиумите, исто така, јавуваат дека Путин се состанал со Тилерсон откако САД и Русија меѓусебно се обвинија во врска со нападот со хемиско оружје во Сирија.

Агендата на состанокот не е објавена, но се очекувало тие да разговараат за ситуацијата во Сирија, како и за наводното руско мешање во минатогодишната кампања за претседателски избори во САД.


СБ на ОН треба да гласа резолуција за Сирија, Русија веројатно ќе постави вето


Њујорк, 12 април, 2017 - 11:33 (META) 

Советот за безбедност на ОН денеска би требало да гласа за резолуција со која се бара сириската влада да соработува во истрагата за нападот за кој постои сомнеж дека е изведен со хемиско оружје во провинцијата Идлиб, а неименувани дипломати наведуваат дека Русија најверојатно ќе вложи вето.

За резолуцијата ќе се гласа во време кога американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, ќе биде во Москва каде ќе де обиде да изврши притисок Русија да ја ревидира својата поддршка кон сирискиот претседател Башар ал Асад.

Дипломатите наведуваат дека се очекува Русија да вложи вето, што би бил осми пат Русија да го искористи своето право во Советот за безбедност да блокира акција на сојузниците против Сирија.

Во резолуцијата сириската влада се повикува да ги обелодени плановите и другите информации за воената операција од 4 април, кога е извршен нападот на Хан Шејхун. Се бара пристап до воздухопловната база за инспекторите на Обединетите нации.

Во нападот загинаа најмалку 87 цивили, меѓу кои 31 дете.

Станува збор за ревидирана нацрт-резолуција, слична на таа што САД, Велика Британија и Франција минатата недела ја проследија до членките на Советот за безбедност, во која се осудува нападот во Идлиб.


Москва: САД одамна го планираа нападот иако знаат дека Асад нема хемиско оружје


Москва, 7 април, 2017 - 12:31 (META) 

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека ракетниот напад на САД на сириската воена воздухопловна база одамна е подготвуван и оти претставува грубо кршење на меморандумот за безбедност на летовите над Сирија.

Од министерството соопштија дека САД го искористиле „наводниот напад со хемиско оружје на цивили“ во Идлиб како оправдување за својот потег.

„За да ја оправда воената акција, Вашингтон целосно го спинуваше инцидентот во Идлиб. САД знаат дека сириските воени сили не користат хемиско оружје таму. Дамаск не поседува хемиско оружје, како што претходно повеќепати имаат докажано квалификувани експерти“, велат од министерството.


Резултатите од обдукцијата покажуваат дека во Идлиб е користено хемиско оружје


Анкара, 6 април, 2017 - 12:55 (META) 

Турскиот министер за правда, Бекир Боздаг, денеска изјави дека резултатите од обдукцијта на тројцата Сиријци, донесени во Турција по нападот во Северна Сирија, покажуваат дека биле изложени на напад со хемиско оружје.

– Со обдукција е утврдено дека е користено хемиско оружје – изјави Боздаг.

Повеќе од 80 лица, меѓу кои 30 деца загинаа во вторникот во напад во градот Кан Шеикун во провинцијата Идлиб.

Турските власти соопштија дека речиси 60 повредени во нападот се донесени во Турција на лекување и оти три лица починале.