Шефот на француската дипломатија, Жан Марк Еро, денеска го претстави извештајот на француските разузнавачки служби, во кој сириските власти се товарат за нападот со гас на 4 април годинава во Сирија, во кој загинаа 87 лица.
– Нема сомнеж дека е употребен сарин. Нема сомнеж дека зад тој напад стои сирискиот режим, имајќи го предвид методот на кој е произведен саринот – рече Еро по состанокот со француските претставници на одбраната, на кој е претставен извештајот за Сирија.
Извештајот е подготвен врз основа на примероците што ги имала на увид француската разузнавачка служба.
„Од доверливи извори знаеме дека начинот на кој е произведен саринот е типичен за сириските лаборатории и можеме да утврдиме кој е одговорен за нападот – рече Еро.