!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Хелсиншки: Најмногу дискриминација поради етничката и политичката припадност


Скопје, 24 август, 2017 - 11:01 (META) 

Најчести основи за кои граѓаните на Македонија сметаат дека биле дискриминирани се етничката припадност и политичката припадност, здравствениот статус, полот и попреченоста, покажува годишниот информатор на Хелсиншкиот комитет за човекови права за дискриминацијата во 2016 година.

Според податоците најчести области во кои граѓаните биле дискриминирани се работните односи, здравството, образованието и пристапот до добра и услуги.

Извештајот, како што наведуваат од Хелсиншкиот комитет, ги претставува збирните податоци добиени од здруженијата на граѓани и институциите во областа на дискриминацијата за минатата година.

Од Хелсиншки истакнуваат дека во покренувањето на свесноста за постоењето на дискриминацијата најактивни се здруженијата на граѓани, поради што, сметаат оттаму, неопходна е поголема активност од институциите, во делот на превенцијата и заштитата од дискриминација, особено од страна на Комисијата за заштита од дискриминација.

„Сметаме и дека јавните функционери мора да започнат со осуда на дискриминаторскиот и вознемирувачки говор во медиумите“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Во однос на системското следење на дискриминацијата и водењето на статистика, оттаму сметаат дека системите за собирање на податоци на надлежните институции сè уште немаат посебна статистика за случаите на дискриминација.

„Во овој дел препорачуваме судовите да започнат да водат одвоена статистика за судските постапки иницирани за заштита од дискриминација, а Народниот правобранител да започне да води одвоена статистика за случаите на соодветна и правична застапеност и случаите на дискриминација“, велат од Хелсиншки и препорачуваат донесување на измени на Законот за спречување и заштита од дискриминација во најбрзо време, кои ќе овозможат поголема ефикасност во целокупниот систем за заштита од дискриминација.


Лицата со попреченост кампуваат пред Собрание, Царовска им вети подобри услови


Скопје, 20 јуни, 2017 - 14:32 (META) 

Родителите и децата со посебни потреби од денеска во наредните три дена со шатори ќе спијат во паркот Жена борец спроти Собранието, од каде што повторно ќе испратат апел да се слушнат нивните барања кои се однесуваат на законските измени за социјална заштита, за здравствено осигурување и во образованието.

Претставници на иницијативата „Пет до дванаесет“ денеска се сретнаа со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која по состанокот изјави дека системот на заштита на оваа група граѓани затаил во изминатиот период.

– Се договоривме граѓанските здруженија да бидат членови на работната група во Министерството, која ќе работи на сите законски измени и процеси во делот на социјална заштита за лицата со попреченост. Договоривме дека административната бариера за преминување на посебниот додаток во додаток за туѓа нега ќе се тргне со законска измена затоа што е целосно нехумано да ги малтретираме родителите на децата кои навршуваат 26 години, повторно да поминуваат низ конзилијарни мислења и комисии на веќе добиена дијагноза – изјави Царовска.

Министерката на здруженијата им ветила дека дневните центри ќе бидат зајакнати со квалитетен кадар и дека програмата ќе биде усогласена во согласност со потребите.

– Доколку измените се спроведат без регистар, ќе креираме политики без да имаме бројки и без да имаме утврдена состојба на лицата. Регистарот не е едноставна операција, но ќе почнеме со вмрежување на сите електронски евиденции во институциите што имаат обврска да евидентираат некое лице со попреченост. Следна фаза од тој регистар е пописот во Македонија, од кој, со додавање на посебна графа, ќе добиеме целосен увид – додаде Царовска.

Граѓанските здруженија преку петиција собраа 10.000 потписи за законски измени за кои се очекува да се достават во Собранието наредните денови. Меѓу многуте барања се: отворање дневни центри, подобри услови во училиштата и во клиниките, како и формирање специјална институција што ќе ги брани интересите на лицата со посебни потреби.


Доколку има потреба, МВР е подготвено да го брани Собранието


Скопје, 7 април, 2017 - 14:07 (META) 

Министерството за внатрешни работи (МВР) ја следи ситуацијата и доколку има нарушување на јавниот ред и мир, подготвено е да реагира, велат за „Мета“ од МВР, во врска со најавите за можно насилно влегување во Собранието.

– Министерството за внатрешни работи има формирано оперативен штаб и ја следи ситуацијата на терен. Доколку дојде до нарушување на јавниот ред и мир, Министерството за внатрешни работи е подготвено да реагира – велат од МВР на нашето прашање дали е зголемено нивото на безбедност околу Собранието по ваквите најави.

Деновиве пред Собранието можеше да се слушне пораката „Народот ве седна во пратеничките клупи, народот ќе ве извади“, како и дека „стотици илјади луѓе се готови да ја земат правдата во свои раце“.

Медиумите кои отворено ја поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ, почнаа да објавуваат текстови во кои провејува воена реторика и се споменува „самоиницијативна мобилизација“, „народни бригади“ и „граѓански групи кои за кусо време би реагирале со сите средства за спречување на узурпацијата на институциите“.


Образованието, здравството и судството имаат потреба од законски промени


Скопје, 15 ноември, 2016 - 14:53 (META) 

Три различни граѓански иницијативи имаат заеднички содржател, а тоа е ставот дека е неопходна промена на постојните законски регулативи. Нивните предлози се за промена на законите во областа на здравствствената и на социјалната заштитата, човековите права и во образованието и се резултат на спроведени теренски истражувања.

– Реформите што се препорачани од Европската Унија и ратификуваните договори за измена на постојните закони не се спроведуваат во целост. Понекогаш се носат сосема спротивни или закони кои се разликуваат во одредени детали од тие што претходно биле договорени во согласност со препораките од ЕУ – изјави Мирослав Драганов од Институтот за човекови права. Тој додаде дека измени во регулативите за човекови права се неопходни, а спомна дека утрово, пред да дојде на панел-дискусијата, бил мета на дискриминација поради возраста.

Во дискусијата учествуваа претставници од ранливите категории граѓани, поточно лица со ретки болести, а се презентираа и проблемите со кои се соочуваат граѓаните кои имаат потреба од лекување со масло од канабис.

– Во Македонија си невидлив ако имаш ретка болест. Ваквата категорија на луѓе, во која сум и лично јас, се соочува со многу проблеми поради немањето евиденција за лица со ретки болести, недостапноста на лекарствата кои треба да ги примаат во сите градови во земјата и недоволната образованост на лекарите за овие ретки болести – изјави Ања Босилкова од невладиното здружение „Вилсон – Македонија“.

Од областа на образованието беше презентирана иницијатива за имплементација на отворените образовни ресурси кои ги опфаќаат законите за основно, средно и за високо образование, законот за учебници во основно и во средно училиште и законот за авторски и сродни права.

– Бидејќи кај нас има многу мал пристап до отворени образовни ресурси, потребна е измена во неколку закони, но, се разбира, притоа да се внимава да не се повредат авторските права на авторите на учебниците – изјави Тамара Ресавска од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Панел-дискусијата беше овозможена од Фондацијата за демократија „Вестминстер“ и од Високата школа за новинарство и односи со јавноста, која подготви и прирачник за истражување и за пишување документи за јавни политики.


Иницијативата за слободни избори ги повика младите да излезат и да гласаат на изборите


Скопје, 26 октомври, 2016 - 13:15 (META) 

Граѓанските здруженија обединети околу иницијативата за слободни избори денеска пред Собранието го најавија почетокот на акцијата „Ние одлучуваме“, која треба да ги информира, да ги мотивира и да ги охрабри граѓаните да учествуваат на предвремените парламентарни избори на 11 декември.

Акцијата, како што соопштија денеска на прес-конференција пред Собранието на Република Македонија дел од организаторите, исто така ќе ги регистрира злоупотребите на јавните ресурси и институции за изборни цели и евентуланите закани и заплашувања кон граѓаните за остварување на изборачкото право.

Граѓаните активисти во рамките на акцијата подготвија и издадоа весник на македонски и на албански јазик, преку кој ќе ги запознаат и ќе ги потсетат граѓаните за состојбите и за проблемите во здравството, образованието, социјалната политика, правосудството и во животната средина.

– Ги охрабруваме сите граѓани да ја користат бесплатната СОС-телефонска линија 0800 88888, која ќе биде достапна од 9 до 21 часот секој ден, за да пријават нерегуларности и злоупотреби – рече активистот Драган Додевски.

Активистот Љуми Бекири ги повика особено младите да излезат да гласаат и нагласи дека политиката им припаѓа ним и на сите граѓаните, а не само на политичарите.

– Младите се најзасегнати од политиката, а најмалку заинтересирани за гласање – рече младиот Бекири.

Акцијата ќе се спроведува на целата територија на државата, а во неа ќе бидат вклучени голем број граѓански здруженија од сите градови.


СДСМ поддржува активно вклучување на граѓанскиот сектор во преговарачкиот процес


Скопје, 18 јули, 2016 - 16:28 (META) 

СДСМ поддржува активно вклучување на граѓанскиот сектор во преговарачкиот процес, стои во соопштението од опозициската партија како одговор на барањето на граѓанските организации за нивно активно вклучување во преговорите.

„СДСМ во континуитет ги поддржува барањата на граѓанските организации. Неопходна е транспарентност во преговарачкиот процес. Од тие причини постојано укажуваме дека е потребно активно вклучување на граѓанскиот сектор во преговарачкиот процес“, се вели во соопштението на партијата.


„Цивил“: Преговори може, но со повеќе партии и граѓански организации


Скопје, 19 април, 2016 - 15:08 (META) 

Центарот за слобода „Цивил“ ја поздравува иницијативата да се продолжат преговорите за надминување на политичката криза, овојпат во Виена.

Во соопштението што го испратија до медиумите, од невладината организација велат дека со оглед на неуспехот на преговорите што се водеа и досега, неисполнувањето и опструкцијата на спроведувањето на договорот за надминување на политичката криза, продолжувањето на преговорите мора да добие поинаков формат и динамика.

„Работата на Специјалното јавно обвинителство е под постојана блокада, медиумите сè уште се под силна контрола на власта, а партијата и државата не се одвоени. Одлуката на Уставниот суд за можноста претседателот на државата да аболира лица кои извршиле изборна кражба, а веднаш потоа и одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција на осомничените за злоупотреби, корупција, криминал и за изборни кражби претставуваат тежок удар врз напорите да се врати владеење на правото во земјата. Активностите на ДИК, вклучително и активностите поврзани со прочистувањето на избирачкиот список, не оставаат простор за минимум доверба во квалитетот на подготовките на изборниот процес“, пишува во соопштението.

„Цивил“ бара „преговори во интерес на граѓаните, а не за спас на дискредитирани политичари и на осомничени за криминал“.

Од невладината организација бараат во преговорите да се вклучат повеќе политички партии и претставници на граѓанското општество, организации, движења и иницијативи, за подиректно претставување на интересите на граѓаните на Република Македонија.


Демонстрантите стигнаа пред Влада, атмосферата е мирна


Скопје, 15 април, 2016 - 20:57 (META) 

Полицискиот кордон кој го имаше блокирано приодот кон Владата на крстосницата кај зградата „Тифани“, се повлече. Демонстрантите се пред Влада и таму го продолжија протестот во организација на граѓанските задруженија кои се против одлуката за аболиција на политичари за кои се води кривична постапка.

Засега во мирна атмосфера, демонстрантите пред Владата извикуваат „Заедно сме посилни“ и „Оставка“.

Генералот Стојанче Ангелов заедно со уште десетици граѓани ги одвраќа демонстрантите од оградата што е поставена пред Владата за да не можат, според организаторите на протестот, инфилтрираните провокатори да прават нереди. Дел од демонстрантите се побунија велејќи дека секој има право да го изрази својот гнев.

Претходно едно лице фрли запален факел кон полицијата, на што присутните изразиле негодување.

Протестот почна во 18 часот, со поддршка за Специјалното јавно обвинителство, од каде демонстрантите тргнаа кон Собранието, каде не им беше дозволен пристап од голем полициски кордон.

Потоа насобраните граѓани се упатија преку Камениот мост за да стигнат до Владата, но повторно наидоа на блокада од полицијата.