Фото: Коалиција за клима

Оваа година ќе биде пресудна за многу законски иницијативи и затоа треба да  зајакне членството и капацитетите на дејствување на граѓанските здруженија, 25-те членки на Коалицијата за клима, но и да се зголеми нивниот број. Ова го посочи Ана Чоловиќ-Лешоска, директорка на „Еко-свест“, на работилницата во рамки на Националната конференција за клима, на која членките споделија искуства, заклучоци и планови, како во иднина да се дејствува.

Неколку граѓански организации, чиј фокус на работа е екологијата, климатските промени и шумарството, се согласија дека заемното вмрежување и соединување на човечки капацитети ќе помогне за силна граѓанска средина која ќе може да влијае и врз донесувањето одлуки на државата.

Мора да се обрне внимание и поголем фокус да се стави врз едукацијата на децата и младите. Тоа го посочи Маја Марковска од „Милиеуконтакт Македонија“, според која, треба да се научиме младите, дека само со заедничка акција, може да се направи нешто повеќе за климатските промени.

Според Љиљана Јоноска од „Рурална коалиција“, каде членуваат 45 здруженија, треба да се вложи зголемување на свеста.

„Мораме да ја смениме свеста, дека само Владата, а не ние, како индивидуалци или здруженија, треба да се занимаваме со промените. Поразително е што ниту една од општините нема изготвен активен план за климатски промени и на тоа мора да се работи“, рече Јоноска.

Бојан Трпевски од здружението „Млади правници“ посочи дека во наредниот период ќе се обрне внимание на организирање на повеќе обуки за членовите на граѓанските организации за креирање проекти.

„Имаме големо искуство во изготвување закони, а сакаме да помогнеме да имаме еколошки организации кои ќе знаат да се борат, да понудиме правна поддршка на членките на Коалицијата за клима. Која било од нив може да ни се обрати, доколку се соочува со некој правен проблем. Во 2019 година поднесовме тужба за аерозагадувањето во Скопје, лани – во Битола, а годинава во Струга – за непреземање мерки за санирање на дивата депонија“, рече Трпевски.