Педесет граѓански организации од „Коалицијата за клима“ бараат да не бидат игнорирани од државните институции

Загадувањето на воздухот во Скопје, 31.10.2019 г. | Фото: Арбнора Мемети

„Коалиција за клима“, во која членуваат повеќе од 50 организации, реагира на како што велат „комплетното игнорирање на граѓанските организации“ во јавноста од страна на институциите во државата кога станува збор за носење одлуки во секторот климатски промени.

„И покрај сите наши заложби и професионално надградување на знаењата во областа климатски промени и отвореност за соработка и поддршка, сè уште наидуваме на  игнорирање на граѓаните и граѓанските организации од страна на институциите. Иако навреме ги поднесуваме потребните известувања во секторот – климатски промени, земјата сè уште нема закон и стратегија за климатска акција како и национален план за прилагодување кон климатските промени- документи кои треба да ја обезбедат имплементацијата на амбициозните климатски цели. За потребата од овие документи ни забележува и ЕУ во последните 3 извештаи, а истото е евидентирано како огромен недостаток и во 3. Извештај за работата од областа животна средина на UNECE. (Економската комисија на ОН)“, се вели во соопштението на „Коалиција за клима“.

Се додава дека граѓаните треба да бидат соодветно консултирани, информирани и вклучени во процесите на пишување и носење на овие национални документи, а граѓанските организации кои активно работат во секторите животна средина и клима можат да дадат голем придонес кога станува збор за застапување на потребите на граѓаните.

„Едностраното информирање на граѓаните преку официјалната веб страна на проектот за закон и стратегија за климатска акција и официјална веб страна на секторот климатски промени во Министерството за животна средина едноставно не е доволно и не обезбедува вклученост и партнерски однос во носењето на одлуки за ублажување и прилагодување на општеството кон климатски промени“, информираат од оваа Коалиција и додаваат дека институциите мора за сите преземени чекори да ги информираат и консултираат граѓаните, што е единствен начин да се донесат одлуки и политики кои на прво место ќе го стават здравјето и добросостојбата на граѓаните.