Светски ден за борба против ХИВ/СИДА: Годинава има нови 29 случаи, на терапија се 306, а починале шестмина

Годинава, заклучно со 30 ноември во државава се регистрирани вкупно 29 нови лица со потврдена ХИВ-инфекција, кои се од различни возрасни групи, од 20 до 69 години. Сите новодијагностицирани се од машки пол, а според начинот на пренос, кај 25 лица инфекцијата се случила кај мажи кои имаат сексуални односи со мажи, а 4 лица се изјасниле како хетеросексуалци.

Половина од нив ХИВ тестот го направиле во сервисите за бесплатно и анонимно тестирањa е и советување, во невладините организации и во рамките на институциите, а останатите биле дијагностицирани во други здравствени установи или дошле од странство, информира Министерството за здравство, по повод 1 декември, Светскиот ден за броба против ХИВ/СИДА.

„На Клиниката за инфективни болести вкупно 306 пациенти се вклучени во системот на здравствена заштита во врска со ХИВ, а 99 отсто од нив примаат антиретровирусна терапија. Само 3 лица сè уште не примаат терапија, поради спроведување на неопходни претходни анализи или по личен избор на пациентот“, соопштија од ова министерство.

Додаваат дека 91 отсто од пациентите имаат т.н. недетектабилно ниво на вирус во крвта и се очекува ова да се постигне кај сите кои почнале со терапија. Тогаш имунитетот ќе може да ја врши својата функција и да регенерира, а исто така, исклучена е и можноста за пренос на вирусот.

Од Министерство за здравство додаваат во текот на 2020 година починаа вкупно 6 пациенти, при што 4 лица биле доцна дијагностицирани, а 2 лица одбиле да се лекуваат.Од таму додаваат дека пациентите имаат постојана медицинска и психосоцијална поддршка во услови на ковид-19.

„Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2020 година и покрај пандемијата со Ковид-19, бележи резултати. Во периодот од 1 јануари до 30 ноември 2020 година со основен пакет на услуги за превенција опфатени се 8.353 лица од клучните популации и тоа: вкупно 3.656 лица што инјектираат дрога (81 отсто на поставената цел од 4.500 лица), од кои 313 се нови лица; вкупно 1.596 сексуални работници (86 отсто), од кои 144 се нови корисници на услугите и вкупно 3.101 мажи кои имаат секс со мажи (62 отсто од поставената цел), од кои 641 нови корисници на услугите“, соопштија од министерството.

Годинава со бесплатно и анонимно ХИВ-тестирање со брзи скрининг тестови преку граѓанските организации опфатени биле 1.773 припадници на клучните популации, лица кои инјектираат дрога, сексуални работници и мажи кои имаат сексуално односи со мажи.

Биле детектирани 11 реактивни резултати на тестови и овие лица биле поврзани со Клиниката за инфективни болести.Меѓу сите засегнати популации, дистрибуирани се вкупно 219.508 кондоми и 54.480 информативни и едукативни материјали, информираат од Министерство за здравство.

„Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ“, каде членуваат повеќе граѓански организации и здруженија, објави дека и во услови на криза, граѓанските организации од државава секојдневно спроведуваат теренски и стационарни услуги за превенција, тестирање и поддршка поврзана со ХИВ, меѓу клучните популации, а дополнително, со меѓународна поддршка, „Платформата“ е во процес на обезбедување донација од 10.000 брзи тестови за ковид-19.

„Годинава, околу 30 отсто од новооткриените случаи на ХИВ се преку услугите од граѓанскиот сектор. Сепак, сè уште загрижува нискиот број на случаи оваа година, кој е двојно помал од оној од лани, што укажува дека епидемијата со ковид-19 негативно влијае врз раното дијагностицирање на ХИВ, што пак, е клучно за успешното справување со ХИВ и за остварување на глобалната цел, ставање крај на епидемијата до 2030 година“, информираат од „Платформата“ и додаваат дека самата терапија за ХИВ претставува еден од најефективните начини на превенција на ХИВ.