Бројот на туристи лани зголемен за 16,3 отсто во однос на 2016 година


Скопје, 12 јануари, 2018 - 13:05 (META) 

Бројот на туристи, во периодот јануари-ноември 2017 година е зголемен за 16,3 проценти во однос на истиот период од претходната година, и тоа, кај домашните туристи има зголемување за 5,7 проценти, а кај странските има зголемување за 23,5 проценти, објави Државниот завод за статистика.

За истиот период, бројот на ноќевањата е зголемен за 12,2 проценти, кај домашните туристи има зголемување за 4,6 проценти, а кај странските има зголемување за 22,6 проценти.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во ноември 2017 година изнесува 50.869, а бројот на ноќевањата изнесува 115.749.


Додека мечката рика во Беловиште, мече шармира во рибен ресторан во Чегране


Чегране, 11 јули, 2017 - 12:16 (META) 

Дали над тетовското село Беловиште рика мечка што си го бара одземеното мече или, пак, се вртка околу локалитетот Петачко Водиче привлечена од кантите и од вреќите за ѓубре кои се полнат од бројните посетители на овој извор над селото и денеска останува енигма.

Meche 2 restoran Delfin Chegrane jul17 - chitatelkaИстовремено, „Мета“ пронајде едно мече, 40-тина километри подолу, во гостиварско Чегране, кое се чува како „атракција“ во рибен ресторан во селото и се „рекламира“ на нивниот фејсбук-профил.

Во разговор со надлежните од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за реонот околу Беловиште, дознавме дека до претпладнево нема информации за „мечешката мистерија“, но уверија дека „се работи на утвдување на деталите“. Според верзија што ја кажуваат жителите во Беловиште, пред неколку денови мечката се симнала до селото со двете мечиња, при што едното влегло во плевна на еден селанец. По ден-два мечето, наводно, било однесено од селото.

Meche 3 restoran Delfin Chegrane jul17 - chitatelkaЧитателка која ја прочитала вчерашната статија на „Мета“ за мечките над шарпланинското село, ни го посочи мечето што е главна атракција во селото Чегране.

Како што може да се види од фотографиите на фејсбук-страницата на рибниот ресторан „Делфин“, таму сосема комотно, покрај пауните и пони-коњите, си живее мало мече.

– Си дојде самото и никако не можевме да го избркаме. Што да му правиме, пријавивме кај ветеринарот Горан во Тетово, па чекаме сега тој да ни каже што понатаму. Тешко ни е да го чуваме, по четири литри млеко на ден пие. Плус му пасираме во блендер јаболки и друго овошје. Има голем апетит. Не ќе може да го држиме многу, ама пак ќе видиме со тие што се надлежни – објаснува вработен во ресторанот.


Бројот на туристи во првиот квартал е зголемен за 10,7 проценти во однос на лани


Скопје, 12 јуни, 2017 - 15:00 (META) 

Во првиот квартал на 2017 година во однос на истиот период лани, бројот на туристите е зголемен за 10,7 проценти и тоа кај домашните туристи има зголемување за 9,4 проценти, а кај странските има зголемување за 11,4 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Во истиот период има зголемување и кај бројот на ноќевањата и тоа за 9,8 проценти. Кај домашните туристи бројот на ноќевања бележи зголемување за 3,4 проценти, а кај странските има зголемување за 14,6 проценти.

Бројот на туристите во април изнесувал 68.047, а бројот на ноќевањата изнесува 140.081. Во однос на истиот месец лани, бројот на туристи е зголемен за 18,4 проценти, а бројот на ноќевањата е зголемен за 18,6 проценти.


Во Охрид за празникот најбројни ќе бидат туристите од Турција и од Западна Европа


Охрид, 27 април, 2017 - 12:55 (META) 

Велигденската атмосфера во Охрид, како што најавуваат хотелиерите, ќе се повтори и за претстојниот продолжен првомајски празничен викенд. Освен домашните туристи, се очекуваат туристи од Германија, Шведска, Хрватска, Норвешка.

Менаџерскиот тим на хотелот „Миленум палас“ информира за голем интерес кај туристите од Турција, што е новина на туристичкиот пазар.

– Капацитетите за 2 мај се максимално исполнети, немаме ни едно празно место за тој ден. За 30 април и за 1 мај, пак, хотелот е полн 70 отсто, но и во последен момент може да има резервации – додаваат од „Миленум палас“.

Охриѓани, пак, според информациите на туристичките агенции, најмногу ќе патуваат во Белград, Паралија, Истанбул и во Будва.


Хотелиерите очекуваат добра сезона, но се плашат од влошување на безбедносната состојба


Охрид/Струга, 19 април, 2017 - 10:16 (META) 

Хотелиерите од Охрид и од Струга, како и малите станоиздавачи се задоволни од продажбата на капацитетите во пресрет на туристичката сезона, но се плашат од евентуално влошување на безбедносната состојба.

Според најавите и склучените аранжамани за претстојната туристичка сезона, сите очекуваат дека ќе биде успешна, но само доколку не дојде до некоја поголема дестабилизација на безбедносната ситуација, со оглед на долготрајноста на политичката криза и неизвесноста од нејзиниот исход.

– Кај нас сè е поврзано со ситуацијата. Минатата година ја имавме бегалската криза, пред тоа Куманово (настаните во Диво Насеље пред две години, н.з.). Очекуваме дека оваа година нема да има никакви инциденти и ќе имаме максимална бројка на гости – вели претседателот на ХОТАМ и главен менаџер на хотелот „Дрим“ во Струга, Крсте Блажески.

На почетокот на мај се очекуваат првите организирани посети на туристи од Холандија со чартер-летови, со што и официјално ќе биде отворена новата сезона за која најавите се добри.

– Најбројни се Холанѓаните, а потврда за тоа е зголемувањето на чартер-летовите од Амстердам. Покрај Холанѓаните, последните години има зголемување на бројот на гости од Јапонија, Кина и од Јужна Кореа, а најавена е и повисока класа на гости од Иран. Исто така, очекуваме доста гости од Полска, како и зголемување на бројот на туристи од Германија – нагласува Блажески.


Голем број туристи од Грција, Бугарија и од Албанија во Охрид за Прочка


Охрид, 26 февруари, 2017 - 15:02 (META) 

Стотици Грци, но и помал број туристи од Албанија и од Бугарија, допатуваа во Охрид и во Струга за прослава на верскиот христијански празник Прочка.

Гостите што допатуваа во Охрид го заживеаја градот. Кафулињата и рестораните се полни, а шеталиштето наликува како во сезона. Навечер гостите ги посетуваат православните храмови.

Задоволни се и туристичките агенции, хотелитерите и приватните станоиздавачи.

Лани, во посета на Охрид беше градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, додека градовите Охрид и Воден, договорија заеднички туристички пакети, како нов туристички производ во меѓусебната соработка.

Специфика на двата града се природните убавини, особено богатството од водни ресурси. Тоа е препознаено и од ЕУ, така што ќе бидат финасирани неколку проекти, преку Програмата за трансгранична соработка на ИПА-фондовите.


Вилма Трајковска, Мукаетов и други бизнисмени беа на молитвениот појадок со Трамп


Вашингтон, 2 февруари, 2017 - 23:00 (META) 

Неколку познати бизнисмени од Македонија, како и вицегувернерката на Народна банка, Маја Кадиевска-Војновиќ, присуствуваа на молитвениот појадок во Вашингтон во организација на новиот американски претседател, Доналд Трамп.

На овој важен светски настан присуствуваа и претседателот на управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, со сопругата Емилија, основачот на фондацијата „Борис Трајковски“, Вилма Трајковска, извршниот директор на истата фондацијата, Роберт Милчев, извршниот директор на „Триглав осигурување“, Ѓорѓе Војновиќ, како и Лазим Дестани, сопственик на компанијата „Еколог“.

Централната церемонија традиционално се одржа во хотелот „Вашингтон Хилтон“, а целта е продлабочување на меѓународните врски и на меѓусебната грижа.

Покрај главниот говор, кој по традиција за време на овој настан го има претседателот на САД, во рамки на активностите поврзани со 65. молитвен појадок, впечатливо обраќање имале и американскиот сенатор од Флорида, Марко Рубио, еминентни сенатори и верски лидери, како и кралот Абдула од Јордан.

На појадокот присуствувале повеќе од 3.000 угледни гости од 140 земји и 50 конгресмени.


Пожар во ноќен клуб во Букурешт, 38 повредени


Букурешт, 21 јануари, 2017 - 12:42 (META) 

Во пожар кој ноќеска избувнал во ноќен клуб во Букурешт, повредени се 38 лица, од кои едно потешко. Како што јавуваат светските агенции, пожарот избувнал околу 4 часот, според средноевропско време, во популарниот ноќен клуб „Бамбу“, кој изгорел до темел.

Повеќе лица имале труење со јаглерод моноксид, а дел се повредени откако, бегајќи од пламенот, скокнале од горното ниво на клубот во езерото во непосредна близина на објектот.

Кај некои од гостите кои побегнале од клубот без јакни, на температура од минус 12 Целзиусови степени, била констатирана хипотермија.

Причините за пожарот засега не се познати, а обвинителството почнало истрага.

Во 2015 година во пожар во ноќен клуб во Букурешт загинаа 64 лица.


Во Охрид одбележан Денот на рибарите


Охрид, 20 јануари, 2017 - 17:40 (META) 

Денеска, на верскиот празник Св.Јован Крстител, традиционално беше одбележан Денот на рибарите во Охрид.

Оваа манифестација се одржува во месноста Сараиште, каде некогаш рибарите покажувале колку риба уловиле.

Според кажувањата на старите жители на градот, рибарите се капеле на овој ден за да ја покажат нивната приврзаност кон езерото.

За посетителите и за гостите беа подготвени неколку тони рибја чорба.


Петар Рупев од населбата Варош го фати крстот во Охрид


Охрид, 19 јануари, 2017 - 10:59 (META) 

Петар Рупев, од охридската населба Варош, беше најсреќниот кој прв стигна до крстот во осветеното Охридско Езеро. За централната манифестација по повод празникот Богојавление – Водици во Охрид, беа пријавени околу 300 лица, на кои не им пречеа студените води на езерото, од само 6 Целзиусови степени.

На Рупев, кој по четврти пат го фаќа крстот, црквата му подари крст, а од градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески, доби икона.

На оваа масовна црковно-народна манифестација, присуствуваа неколку илјади посетители, од другите градови во земјава, како и од регионот, пред сè, од Бугарија, Албанија, Грција и од Србија.

На богојавленските чествувања во Охрид присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор во земјава.

Организатор на прославата годинава е посебно координативно тело, составено од претставници на локалната власт, Македонската православна црква – Охридска архиепископија и од други здруженија и институции кои помагаа во организацијата.

Црвениот крст, традиционално, денеска ќе организира масовна акција за дарување крв, а нивните екипи ги посетија и социјално загрозените лица, на кои им однесоа помош во храна и во облека.

И оваа година дел од угостителите и од хотелиерите во Охрид, по повод празникот, ги намалија цените на услугите за 10 до 15 отсто.