Петар Рупев, од охридската населба Варош, беше најсреќниот кој прв стигна до крстот во осветеното Охридско Езеро. За централната манифестација по повод празникот Богојавление – Водици во Охрид, беа пријавени околу 300 лица, на кои не им пречеа студените води на езерото, од само 6 Целзиусови степени.

На Рупев, кој по четврти пат го фаќа крстот, црквата му подари крст, а од градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески, доби икона.

На оваа масовна црковно-народна манифестација, присуствуваа неколку илјади посетители, од другите градови во земјава, како и од регионот, пред сè, од Бугарија, Албанија, Грција и од Србија.

На богојавленските чествувања во Охрид присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор во земјава.

Организатор на прославата годинава е посебно координативно тело, составено од претставници на локалната власт, Македонската православна црква – Охридска архиепископија и од други здруженија и институции кои помагаа во организацијата.

Црвениот крст, традиционално, денеска ќе организира масовна акција за дарување крв, а нивните екипи ги посетија и социјално загрозените лица, на кои им однесоа помош во храна и во облека.

И оваа година дел од угостителите и од хотелиерите во Охрид, по повод празникот, ги намалија цените на услугите за 10 до 15 отсто.