Хотелиерите очекуваат добра сезона, но се плашат од влошување на безбедносната состојба


       
Охрид/Струга, 19 април, 2017 - 10:16 (META) 

Хотелиерите од Охрид и од Струга, како и малите станоиздавачи се задоволни од продажбата на капацитетите во пресрет на туристичката сезона, но се плашат од евентуално влошување на безбедносната состојба.

Според најавите и склучените аранжамани за претстојната туристичка сезона, сите очекуваат дека ќе биде успешна, но само доколку не дојде до некоја поголема дестабилизација на безбедносната ситуација, со оглед на долготрајноста на политичката криза и неизвесноста од нејзиниот исход.

– Кај нас сè е поврзано со ситуацијата. Минатата година ја имавме бегалската криза, пред тоа Куманово (настаните во Диво Насеље пред две години, н.з.). Очекуваме дека оваа година нема да има никакви инциденти и ќе имаме максимална бројка на гости – вели претседателот на ХОТАМ и главен менаџер на хотелот „Дрим“ во Струга, Крсте Блажески.

На почетокот на мај се очекуваат првите организирани посети на туристи од Холандија со чартер-летови, со што и официјално ќе биде отворена новата сезона за која најавите се добри.

– Најбројни се Холанѓаните, а потврда за тоа е зголемувањето на чартер-летовите од Амстердам. Покрај Холанѓаните, последните години има зголемување на бројот на гости од Јапонија, Кина и од Јужна Кореа, а најавена е и повисока класа на гости од Иран. Исто така, очекуваме доста гости од Полска, како и зголемување на бројот на туристи од Германија – нагласува Блажески.