Коѕиас: Ако прифати ерга омнес, а не го смени Уставот, следната влада ќе го уапси Заев


Атин, 2 мај, 2018 - 10:25 (META) 

Ние правилно направивме што го отворивме прашањето за ерга омнес, можевме да раководиме со преговорите, а со тоа да бидеме блиску, за првпат толку блиску, до договор. Но, и да не постои договор, нема ние да бидеме виновни и ова го знае вселената, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас во интервју за емисијата „Историес“ на грчката телевизија „Скај“.

Коѕиас смета дека преговорите одеа и одат добро, но треба и веќе е прашање на другата страна „дали ќе прифати ерга омнес, а тоа е смела одлука“ и објаснува дека е погрешна перцепцијата, ерга омнес да биде само за надворешна употреба.

– За да биде вистинско ерга омнес треба да се имплементира и во внатрешноста на земјата. Може да се склучи меѓународен договор што ќе го содржи сето ова? Може и постојат правници што веруваат во тоа. Но, искуството покажува дека ако се смени оваа влада, следната ќе го испрати Заев во затвор, велејќи дека го прекршил Уставот, со прифаќање на меѓународно име што не е предвидено и не е дозволено од Уставот. Односно и за нивна заштита, како што им имам објаснето, потребна е промена на Уставот – вели Коѕиас.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, министерот за надворешни работи на Грција, во синоќешното интервју за „Скај“, овој негов став уште еднаш го поткрепи со примерот со документите, дека не може во внатрешните и надворешните документи да се користи различно име, бидејќи ќе има моменти кога еден внатрешен документ, на пример, лична карта или Уставот, или, пак, диплома од факултет, да треба да се преведат на друг јазик за употреба во странство, и во тој случај би го содржеле не новото, туку уставното име.

Според Коѕиас, ова би довело до секојдневни несогласувања за тоа кое име би се користело.

– Тоа ќе биде континуирана кавга. Затоа, секој пат потенцирам дека решението треба да биде стабилно, долготрајно и да решава, наместо да создава проблеми – додава Коѕијас.

Во однос на членството на Македонија во НАТО, запрашан за тоа дали е можна една „привремена интеграција“ одговара негативно, објаснувајќи дека тоа може да создаде проблем и притисоци врз Грција.

– Може да се договориме да се даде покана, од НАТО се дава покана и потоа таа се ратификува во парламентите. Потоа, парламентите тоа го испраќаат до САД, во Вашингтон, бидејќи е чувар на договорите на НАТО уште од формирањето. Тука, во што е проблемот? Им објаснувам на сите. Да речеме дека се 29 држави членки на НАТО, 28 од нив завршиле со ратификацијата, а ние не го имаме ратификувано бидејќи не ги направиле промените што ги ветија. Кој ќе јаде ќотек? Тие од 28-те земји или ние, што ќе не притискаат? Така ќе се префрли проблемот – рече Коѕијас.

Шефот на грчката дипломатија, уште еднаш повтори дека времето е многу кратко за постигнување договор до јулскиот самит на НАТО. Објасни дека за одржување референдум во Македонија, потребни се два месеца, потоа ќе треба да се ратификува во собранието, па во ОН, за да се потпишат меѓународните договори. Сѐто ова, според Коѕиас, не би можело да се направи во периодот што преостанува, односно за два месеца.

Во однос на тоа дали постои договор за името, тој вели дека не е проблемот во тоа кое ќе биде новото име, бидејќи е договорено да биде сложено и географско, а Македонија ќе треба да одбере еден од предлозите на Нимиц, со исклучок на Република Македонија (Скопје), име кое веќе е отфрлено од грчката страна.

Запрашан за тоа дали медијаторот доставил конечен и комплетен предлог, Коѕиас вели дека Нимиц направил проценка на последните преговори, „која страна треба да донесе одлука и да се согласи“, но не откри која е страната што треба да направи отстапка. Шефот на грчката дипломатија коментира дека медијаторот е објективен и покрај тоа што понекогаш и едните и другите имаат поплаки.

– Понекогаш ние имаме поплаки, некогаш имаат другите. Господинот Нимиц 25 години работи на ова, нѐ виде дека се доближивме до решение, го гледа доброто расположение и од двете страни и се обидува да нѐ охрабри да завршиме – додава Коѕиас.

Министерот за надворешни работи на Грција, смета дека за Грција било најсоодветен момент да се започнат преговорите бидејќи, според него разговорите биле и се меѓу двете страни, затоа што „Германија многу месеци немаше влада, а САД не се многу заинтересирани за Западен Балкан, како што беше случај во минатото“.


Коѕиас: Нема доволно време Македонија во јуни да стане членка на НАТО


Атина, 18 април, 2018 - 13:57 (META) 

На следниот НАТО самит во јули, Македонија нема да стане членка, бидејќи временскиот период е краток, изрази шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за грчкото радио „247“.
Според Коѕиас, договорот треба да се ратификува на различни начини, а веќе е април.

– Тие сакаат да распишат референдум. За референдум во земјата пријател на север, потребни се два месеци. Само за референдумот ќе дојде јуни. А откако ќе се заврши со референдумот, договорот ќе треба да оди во Собранието, а и за тоа треба половина месец или еден месец. Откако ќе стигне во Собранието, ќе треба тоа да направи уставни измени. За да имаме договор ќе треба да се согласиме за уставни промени. Што значи ќе стигне есен – објасни шефот на грчката дипломатија.

Во однос на разговорите и точките за кои се преговара, Коѕиас, рече дека идентитетот е прашање на самоопределување, а за националноста ќе се користи новото име, односно во пасошите ќе стои „државјанин на таа и таа земја, државјанин на името за кое што ќе постои договор“.

– Идентитетот е прашање на самоопределување. Да го запомниме ова, затоа што не треба и ние да ги прекршуваме меѓународните закони – објасни Коѕиас.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, тој не сакаше јавно да коментира дали двете страни се блиску до договор за името „Горна Македонија“. Рече дека од петте предлози на Нимиц, отфрлено е името „Република Македонија (Скопје)“, а Грција остава на нашата земја да ја одбере географската одредница.

– Од моментот кога има сложена географската одредница немаме проблем, но оваа сложена географска одредница, треба да е и за внатрешноста на земјата – рече шефот на грчката дипломатија.

Категорично „не“ е одговорот на Коѕијас на прашањето дали без ревизија на Уставот и ерга омнес, може да се постигне договор. Министерот за надворешни работи на Грција во интервјуто оваа негова позиција уште еднаш ја поткрепи со примерот со документите. Рече дека од кај нас ги слушнал аргументите дека Грција не ја засега ако една општина во допис до друга општина го користи името Република Македонија. На ова, одговорил дека постојат низа документи што ќе создадат проблеми во функционирањето, како на пример Уставот, доколку би се пратил во странство, а името што е вклучено нема да се смени и да биде новото, она за меѓународна употреба, туку ќе биде уставното, но преведено.

– Ако не постои ерга омнес и употреба за сите меѓународни, меѓудржавни, билатерални односи, во меѓународните организации, а и во внатрешноста на земјата, ќе инвестираме во кавги и несогласувања во следниот век, ова се обидувам да ѝ го објаснам на ПЈРМ. Ќе излегуваат документи, дозволи, дипломи во странство со внатрешното име, ние ќе ги бркаме дека го прекршуваат договорот, а тие ќе велат дека се случи по грешка и ако денес имаме кавга за тоа кое име се користи во меѓународните организации, тогаш ќе имаме секојдневна кавга што ќе биде ќорсокак и ќе ги влошува условите меѓу двете држави, рече шефот на грчката дипломатија, додавајќи дека Грција бара договор што нема да создава, туку ќе ги решава проблемите – рече тој.


Ѕанакопулос: Се надевам дека набргу ќе стигнеме до заемно прифатливо решение


Атина, 26 март, 2018 - 12:32 (META) 

Портпаролот на грчката влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, изрази надеж дека што е можно побргу ќе се најде заемно прифатливо решение за прашањето за името.

Говорејќи за радиото „Сто Кокино“, објасни дека ова решение треба да биде во рамката што ја опишува Атина.

Ѕанакопулос вели дека разговорите во Скопје поминале во многу добра клима, но дека сепак, сѐ уште има долг пат кој треба да се помине и дека е потребно доста работа за постигнување договор. Тој смета дека постојат политички предуслови за решение, но останува да се најдат и техничките предуслови.

– Политичката волја е декларирана и од двете страни. Сепак, уште постојат технички прашања, правни прашања и прашања на реална спротивставеност на ставовите за низа прашања. Знаете дека власта на поранешната југословенска Република Македонија поставува некои прашања во однос на уставната ревизија, ние од наша страна инсистираме на ревизија на Уставот во однос на името на соседот, бидејќи тоа е потребно за да важи условот ерга омнес. Во оваа рамка продолжуваат разговорите и се надевам што е можно поскоро ќе стигнеме до заемно прифатливо решение во рамката што многу пати беше опишана од грчката влада – вели Ѕанакопулос.

Портпаролот на грчката влада објаснува дека она што во овој момент е важно, не е сложеното име, туку да се најде решение за сите останати политички и технички прашања за двете страни да стигнат до договор.

Во однос на тоа дали владата би имала мнозинство за евентуалниот договор да биде изгласан во парламентот, Ѕанакопулос вели дека доколку се постигне решение за сложено име што ќе важи за сите и за севкупна употреба, тогаш ќе се обезбеди поширок парламентарен консензус.


МАНУ: Апсурдни, неодржливи, невозможни и неостварливи се предлозите за името


Скопје, 20 март, 2018 - 17:21 (META) 

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Таки Фити во своето експозе на годишното собрание на академијата апелираше за изнаоѓање заемно прифатливо решение за прашањето за името и ги охрабри властите на Македонија и на Грција да ја преземат одговорноста и храбро да се соочат со реалностите на времето.

Tој порача и дека решение за име за сеопшта употреба е неостварливо и дека не смее да се преговара за идентитетот.

Дефинирајќи ги ставовите на МАНУ во своето обраќање, Фити рече и дека спорот е всушност билатерален, а не интернационален и дека се преговара само за името, а не за идентитетските прашања, кои влегуваат во сферата на елементарни човекови права, за кои не се преговара. Тој се изјасни и против име на македонски јазик кое нема да биде преведено.

– Предлозите името Република Македонија, или евентуално име со географска одредница да се изговара како во македонскиот јазик и да се пишува само со латинско писмо, односно името на јазикот, македонски, исто така да се пишува со латинско писмо и да се изговара како што тоа се прави во нашата земја, се апсурдни и неодржливи. Прифаќањето на ерга омнес решение, едно име за севкупна, значи едно име и за меѓународна и за внатрешна употреба  би значло промена на уставот на Републима Македонија, промена на имињата на нашите институции, ревизија на сите меѓународни договори, билатерални и мултилатерални во кои се користи уставното име на земјата, и тн. Според тоа ваквото решение е фактички невозможно и неостварливо – рече Фити.


Изјавите на Димитров не помагаат, вели портпаролот на грчката влада


Атина, 2 февруари, 2018 - 13:52 (META) 

Изјавите на Димитров не помагаат, изјавил портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос за грчката државна телевизија „ЕРТ“, коментирајќи ги ставовите што вчера ги изнесе шефот на македонската дипломатија по средбата со медијаторот на Обединетите нации во спорот за името, Метју Нимиц, пренесува МИА.

– Изјавите на господинот Димитров, за време на преговорите, не помагаат, бидејќи тој знае многу добро, а за овие теми разговараа и двајцата лидери господинот Заев и господинот Ципрас, дека постојат конкретни барања, политички барања за да можеме да стигнеме до заемно прифатлив договор – изјави Ѕанакопулос.

Портпаролот на грчката влада изјавил дека во преговорите Атина смета дека постојат „три основни столба на грчките позиции“.

– Првото е сложено име. Второто е она што го нарекуваме „ерга омнес“ односно сложено име за севкупна употреба, што го вклучува и соседот, што значи дека е неопходна промена во уставот, за да може ова „ерга омнес“ да се реализира. И третото е она што се однесува на иредентизмот, што исто така се поврзува со промени во уставот. И мислам дека добро ќе биде да не го предвидуваат резултатот и да не поставуваат црвени линии – изјави Ѕанакопулос.

Инаку, Димитров на вчерашната прес-конференција рече дека „не може никој, па ни нашиот сосед Грција, да го сопре нашето право, правото на моите сограѓани да бидат Македонци и да зборуваат македонски јазик кој е од групата на словенските јазици.


Ципрас во ОН: Заеднички прифатливо име со географска одредница за сите употреби


Њујорк, 23 септември, 2016 - 10:07 (META) 

Грција останува на ставот за сложено име со географска одредница за сите употреби (ерга омнес) во преговорите за спорот за името со Македонија. Ова го истакна грчкиот премиер Алексис Ципрас во говорот на Генералното собрание на Обединетите нации, додавајќи дека Грција работи во насока на подобрување на односите со Македонија преку мерките за градење доверба и соработка.

– Во однос на прашањето за името за поранешната југословенска Република Македонија, ние продолжуваме да поддржуваме наоѓање заеднички прифатливо сложено име со географска одредница за севкупна употреба – ерга омнес. Поттикнавме мерки за градење доверба кои целат кон засилување на довербата и на прекуграничната соработка во овој клучен период – изјави Ципрас во говорот, вчера доцна вечерта во Њујорк.

Овие грчки ставови Ципрас ги посочил и на синоќешната куса средба со генералниот секретар Бан Ки-мун, на која присуствуваа и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕис, и посредникот во спорот за името, Метју Нимиц. Ципрас истакнал дека Грција работи во насока на наоѓање решение за спорот за името и останува на нејзината црвена линија за име со географска одредница за севкупна употреба. Во насока на овие напори било забележано дека се и иницијативата и разговорите за спроведување на мерките за градење доверба, кои, како што посочила грчката страна, помагаат и за одржување на стабилноста во поширокиот регион.

Според грчката информативна агенција АПЕ, Бан Ки-мун имал позитивни коментари и оценил дека мерките за градење доверба се особено позитивен чекор во односите меѓу двете страни.

За мерките за градење доверба во Њујорк вчера разговараа и Коѕиас и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски. Двајцата шефови на дипломатиите разговарале и за случувањата во регионот и за престојаниот Регионален самит во Солун, на кој учествуваат Грција, Македонија, Бугарија и Албанија.

Коѕиас, според официјалната програма, денеска треба да има посебна средба со посредникот во грчко-македонскиот спор за името, Метју Нимиц.