!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

ВМРО-ДПМНЕ: СЈО му помага на Заев да реализира нарачани платформи


Скопје, 22 мај, 2017 - 17:46 (META) 

На прес-конференција денеска дури тројца високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ одговараа на наводите што денеска ги изнесе СЈО отворајќи три нови случаи, од кои два „Талир“ и „Траекторија“ се за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и за високи партиски или државни функционери во владите на ВМРО-ДПМНЕ.

Антонијо Милошоски од партиската говорница обвини дека СЈО само „штанца обвиненија против ВМРО-ДПМНЕ“ за да му помогне на претседателот на СДСМ и мандатар за нова влада, Зоран Заев во „спроведување нарачани платформи“.

– Од пресот на СЈО се забележуваат две цели. Првата цел е најава за притисок врз судството отворена политичка најава за силен притисок врз судството што ќе следува во наредниот период. И втората цел преку таквиот притисок врз судствоот да се издејствуваат судски пресуди кои што се веќе дел од некој политички или коалиционен договор.  Таквата најава денес СЈО ја соопшти преку соопштувањето на случајот Сопот – рече Милошоски, наведувајќи дека потоа би уследиле идентични постапки и за случаите „Монструм“ и „Диво насеље“.

За случајот „Траекторија“ зборуваше Никола Попоски, кој рече дека не е точно дека била нанесена материјална штета од 155 милиони евра, оти станувало збор за капитален проект од кој корист имаат сите граѓани на Македонија. Тој рече и дека за двата автопати, односно Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид не се применувал Законот за јавни набавки затоа што во Собранието во 2013 година, и со гласови на пратеници од СДСМ и од ДУИ, бил изгласан Законот за реализацијата на двата инфраструктурни проекти, кој пак се засновал на Законот за рафирикација на договорот за економска и техничка соработка во инфраструктурата меѓу владите на Македонија и на Кина. Тој негираше и дека во игра била само една понуда.

– Третата инсинуација во денешниот настап на СЈО е дека се преговарало со само една компанија и не била избрана најниската понуда. Вистината е следна, склучени се меморандуми со две компании и тоа: China International Water and Electric Corpоration (CWE) и Sinohydro Corporation Limited. Двете компании доставиле свои понуди и во 2013-та година е одбрана најниската понуда – рече Никола Попоски.

За случајот „Талир“, за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ одговараше Емил Димитриев, генерален секретар на партијата и технички премиер. И тој обвини дека отворањето на случаите од СЈО е уште еден напад врз ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи дека партијата не работела незаконски, што било „потврдено од страна на сите институции надлежни за проверка на финансиското работење на политичките партии“.

– Јасно и гласно со чест и со достоинство порачуваме дека ова нема да помине. Финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ е реализирано согласно закон, целокупниот имот на ВМРО-ДПМНЕ е законски стекнат. Имотот на ВМРО-ДПМНЕ се користи за извршување на партиските функции.ВМРО-ДПМНЕ има право да има простор за свое функционирање. СДС не може и не смее да биде во привилегирана позиција и да има простор за функционирање кој му оставен од поранешната комунистичка партија. А, ВМРО-ДПМНЕ да нема простор. Сиот имот на партијата е законски стекнат и без разлика дали е во целост оспособен за партиско функционирање како што е отприлика 95% од просторот или пак е во тек постапка за оспособување на просторот како што имаме 4-5 ситуации – рече Димитриев.


ЛДП бара поништување на „скандалозниот“ договор за изградба на нов клинички центар


Скопје, 19 мај, 2017 - 19:26 (META) 

Никола Тодоров, Никола Груевски и Емил Димитриев денеска потпишаа и поддржаа скандалозен и бескруполозен договор за изградба на нов клинички центар во Скопје, свесно произведувајќи нови линии на поделба и беззаконие во Рeпублика Македонија, обвинуваат од Либерално-демократската партија (ЛДП).

Оттаму велат дека потпишувањето на ваков договор од страна на лице „кое не е ништо друго, освен пратеник во новиот собраниски состав“, е класично кршење на Уставот и на законите во државата.

„Прашуваме во кое својство Никола Тодоров потпишува милионски договори со поддршка на техничка Влада, која патем нема друга функција освен организирање избори. Или можеби провизиите се поважни од почитувањето на законите и владеењето на правото? ЛДП, како дел од новата влада, ќе го преиспита договорот и за истиот ќе има одговорност“, стои во соопштението на ЛДП.

Од партијата ги повикуваат надлежните институции да го поништат договорот, кој, како што велат од ЛДП, претставува преседан во секој поглед.

„И компаниите потписници на договорот би требало да знаат дека оваа техничка влада ниту имала, ниту има легитимитет да потпишува проекти, уште повеќе што се работи за изградба на клинички центар, кој е од голем национален интерес“, додаваат од ЛДП.


Коцијанчич: Трпение, до 24 мај ќе дознаете кој ќе вечера со Могерини


Брисел, 19 мај, 2017 - 13:44 (META) 

Европската комисија засега не открива кој ќе патува во Брисел на средба со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и за безбедност, Федерика Могерини, дали тоа ќе биде техничкиот премиер Емил Димитриев или Зоран Заев.

– Во овој момент можам да кажам дека поканите се испратени до премиерите, а имињата на учесниците ќе бидат потврдени непосредно пред посетата. Ќе ве замолиме за трпение, но до 24 мај ќе дознаете кој ќе дојде – рече портпаролката на Могерини, Маја Коцијанчич, одговарајќи на прашање кој ќе присуствува на средбата и дали Заев ќе добие посебна покана ако не успее дотогаш и официјално да ја формира владата.

Во однос на неочекуваното брзо решавање на ситуацијата во Македонија и во Албанија, Коцијанчич, сепак, не сакаше да прецизира дали последниот ефективен притисок во двете земји е извршен од ЕУ или од САД.

– Не верувам дека станува збор за чудо, туку дека е резултат на напорна работа и на политичка волја. Кога зборуваме за Западен Балкан, знаете, тоа е регион кој има ЕУ-перспектива, каде ЕУ е ангажирана. Тоа се однесува за поранешната југословенска Република Македонија. Како што видовте, ние реагиравме на овој развој на настаните и ќе продолжиме да ги поддржуваме двете земји, но и целиот регион. Знаете дека високата претставничка за надворешна политика на ЕУ веднаш ги повика шесте премиери на земјите од Западен Балкан на неформална вечера следната недела во Брисел, на 24 мај, на која ќе се разговара за сите случувања во Западен Балкан и како да се продолжи понатаму. За нас регионот е приоритет и ќе бидеме силно ангажирани и посветени – рече Коцијанчич, одговарајќи на новинарско прашање како за толку кратко време беше постигнато да се среди ситуацијата во Македонија и во Албанија.


Димитриев: Не се согласувам со Нухиу, Чавков ја има мојата доверба и почит


Скопје, 29 април, 2017 - 10:39 (META) 

Го осудувам насилството од секој облик, физичкото насилство врз пратениците, насилството кое го доживееја и граѓаните и насилството врз процедурите, деловникот, законот и Уставот, изјави техничкиот премиер Емил Димитриев, кој апелираше на смиреност и на разумност кај сите политички партии и граѓани.

– Би сакал повредените што побргу да оздрават и враќање на состојбата во нормала. Го осудувам интонирањето на странска химна во Македонија, го осудувам изборот на незаконското избирање на претседател на Собранието и ускратување на правото на пратениците и овие две работи претставуваат грубо нарушување на правото на владеење. Ваквото незаконско постапување во Собранието треба да биде поука за сите дека во иднина не треба да се преземаат останати неделовнички, незаконски и изнасилени чекори во Собранието – рече Димитриев.

Техничкиот премиер истакна дека не се согласува со обидот на министерот за внатрешни работи Агим Нухиу да персонализира некаква наводна одговорност во директорот во Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, и во полициските професионалци и додаде дека тие ја имаат неговата доверба и почит.


Димитриев го искара Рама на „Фејсбук“


Скопје, 21 април, 2017 - 11:50 (META) 

Додека мојот колега од Албанија „од ракав“ вади сценарија за спојувања на Албанија и на Косово, доколку пропадне европската интеграција на државите од регионот, негови дежурни адвокати се трудат да го правдаат со теза дека тоа што Рама бара домашни предизборни поени преку брутално мешање во македонските процеси било од „пријателска природа“, вели техничкиот премиер Емил Димитриев на својот фејсбук-профил.

– Каква неодговорност од социјалист кој најотворено подгрева национализам! Додека владее конфузност кај политичари во соседството дали сакаат да поддржат навистина пријателски дух во регионот или не, сакам да им порачам дека ние, иднината на Македонија ја гледаме во Европската Унија и немаме дилема во однос на овој стратешки приоритет. Ваквите изјави не се во прилог на добрососедството и на градењето пријателски односи. Напротив, додаваат масло на огнот кој тлее и ги разгоруваат националистичките чувства кај сите поединечно. Дури и Европската Унија нема дилема дека иднината на државите од регионот е во ЕУ. Само Рама со неговиот тим ги има и очигледно мисли дека со неговите алтернативи добива предизборно и ги покрива домашните слабости – вели Димитриев.

Според техничкиот премиер, никакво територијално прекројување, обединување или разединување не е во насока на поголема стабилност и мир, ниту на просперитет.

– Секоја држава од регионот е суверена држава, a главна цел треба да ѝ биде зголемување на стандардот на граѓаните, во сопствените граници. Иднината на регионот не е во обединувањето на две држави или повеќе територии, туку иднината е во обединувањето на сите околу европските вредности во Европската Унија – додава Димитриев.


Димитриев: Да надвладее разумот, да се запази достоинството на народот


Штип, 16 април, 2017 - 14:18 (META) 

Во моменти кога имаме силна политичка поларизација, треба да надвладее разумот, да се запази достоинството во постапките и во комуникацијата меѓу себе, порача денеска од Штип техничкиот премиер Емил Димитриев, каде присуствуваше на велигденската литургија во централниот храм на Брегалничката епархија „Свети Никола“ во Штип.

– Република Македонија во историјата преживеала многу премрежиња, ќе го преживее и ова и ќе излезе посилна – рече Димитриев.

Тој истакна дека доброволната жртва на Исус нè потсетува дека треба да ги запазуваме вредностите, кои што со векови го јакнеле единството меѓу македонскиот народ, а граделе соживот и толеранција со другите народи.


Синдикатот на „Југохром“ бара итна средба со Димитриев


Тетово, 23 март, 2017 - 13:45 (META) 

Синдикатот на „Југохром Алзар – Јагуновце“ бара итна средба со техничкиот премиер, Емил Димитриев, поради ситуацијата со комбинатот, чии печки се исклучени поради пробивањето на рокот за изградба на пречистителна станица.

Од синдикатот реагираат на игнорирањето од страна на Владата на нивниот последен допис и бараат средбата со Димитриев да се случи најдоцна в понеделник.

Оттаму наведуваат дека за утре, синдикатот имал најавено протест пред зградата на Владата, кој самите го откажале поради сложената политичка ситуација во земјава.

– Сметаме дека имавте доволен временски простор да оформите став како влада за работењето на „Југохром Алзар Јагуновце“. Сакаме да укажеме дека ова е последно обраќање до Вас и бараме владата дефинитивно да се произнесе со став за „Југохром“. Сметаме дека оваа влада секогаш имала агенда на отворање нови работни места и развој на економијата, меѓутоа со нас – вработените во „Југохром“ се покажува спротивното – стои во дописот на синдикатот на „Југохром“ до техничкиот премиер Емил Димитриев.

Комбинатот „Југохром“ престана со работа на 31 октомври минатата година, откако инспекторатот за животна средина донесе одлука фабриката да ги згасне печките поради пробивањето на рокот за изградба на пречистителна станица.


СДСМ: Кога нема влада, ризични се отсуствата на претседателот и на техничкиот премиер


Скопје, 16 март, 2017 - 12:44 (META) 

Aко ВМРО-ДПМНЕ сака унитарна и суверена Македонија и се грижи за потребите на граѓаните, треба веднаш отворено да ја поддржи програмата на новата реформска влада, да прифати дека е опозиција и да овозможи мирен трансфер на власта, се вели во соопштението на СДСМ.

Според нив, „и за домашната и за меѓународната јавност е јасно дека ова што го прават Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, поттикнувањето поделби меѓу граѓаните, омраза и нетрпеливост, има цел само заштита на криминално стекнатото богатство и обид за бегство од одговорност“.

– За колку несериозни политичари станува збор, кои не мислат на своите граѓани, покажува однесувањето на Ѓорге Иванов, за кого државен приоритет не е формирањето влада, туку неговите прошетки по Азербејџан, Унгарија и по Австралија. Од денеска и Емил Димитриев, кој извршува функција технички премиер, не е во државата. Во услови кога нема нова влада, Собранието нема претседател, а Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се ориентирани кон сценарија на конфликтност, ова е крајно ризично и бара итно отрезнување на креаторите на кризата и многу брза разврска на политичката криза – се вели во соопштението на СДСМ.

Од партијата велат дека институциите мора веднаш да се формираат и државата мора да профункционира според мнозинска волја на граѓаните.


Димитриев: Нови избори се единственото решение за излез од кризата


Скопје, 8 март, 2017 - 15:12 (META) 

Техничкиот премиер Емил Димитириев, при денешната посета на Делчево, го повтори партискиот став на ВМРО-ДПМНЕ дека предвремени парламентарни избори, кои би биле организирани заедно со локалните, се единствениот излез од политичката криза.

Димитриев забележа дека постизборните дискусии, според него, длабоко задираат во уставното уредување, а не биле дел од предизборната кампања или многу малку се зборувало за тоа.

– Сметам дека ваквите теми не се привилегија на политичките елити, колку и тие да се сметаат за способни да се справуваат со овие процеси. За вакви теми, единствен фактор кој може да каже и да се изјасни е народот на нови парламентарни избори, кои би биле организирани заедно со локалните. Партиите, сето тоа што сметаат да го работат постизборно, ќе мора да го кажат предизборно, бидејќи за тоа треба да добијат легитимитет, за граѓаните да имаат јасна претстава кому го даваат гласот и во кој правец ќе се движат работите во иднина – изјави  Димитриев.

Техничкиот премиер ја коментираше највата за можноста од отворање на бегалски кампови од Македонија, која ја спомена шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц.

– Македонија даде огромен придонес во справувањето со мигрантската криза и тоа беше забележано од сите земји на ЕУ и пошироко. Ние и во иднина ќе се однесуваме така, меѓутоа за евентуално формирање кампови за згрижување бегалци во нашата земја, нашиот став е категорично „не“, бидејќи во државава бегалците доаѓаат од земја членка на ЕУ, земја која е безбедна и не гледаме никаква логика во нашата земја да се формираат бегалски кампови. На тој предлог ние, како држава, се спротивставуваме – рече Димитриев.


Димитриев до Рама: Многу некоректно потпалувате националистички оган


Скопје, 2 март, 2017 - 13:30 (META) 

Постојаното мешање во внатрешните работи на Република Македонија прави голема штета на добрососедските односи и е спротивно на европските вредности, се вели во обраќањето на „Фејсбук“ на техничкиот премиер Емил Димитриев кон албанскиот премиер Еди Рама.

„Мешањето не ѝ помага на Албанија, чии граѓани очекуваат од Вас да се зафатите со слабостите во владеењето и со економијата, ниту на Македонија, чии граѓани сакаат суверена и независна земја во сегашните граници. Тие граѓани ја плаќаат цената за Вашите наводни амбиции да ја редефинирате Македонија, наместо да ја реформирате Албанија во постојните граници. Не помага ни на партиите во Македонија кон кои се однесувате покровителски и несоодветно потценувачки. Убеден сум дека и без Вашето мешање ќе најдеме решенија за нашите предизвици. Конечно, многу е некоректно да потпалувате националистички оган“, вели Димитриев.

Техничкиот премер, назначен според Договорот од Пржино, вели дека албанскиот јазик е нашироко застапен во Македонија и дека државата ангажира големи ресурси за промоција на јазикот и на културата на заедниците.

Димитриев додава дека македонските граѓани, без разлика на нивната етничка и верска припадност, сами пребродиле многу кризи во историјата и дека ќе ја надминат и оваа.