!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Уште овој пат ќе се поднесуваат годишни даночни пријави, од 2019 сè ќе биде електронски


Скопје, 6 декември, 2017 - 15:15 (META) 

Обврската на граѓаните да поднесуваат годишни даночни пријави до Управата за јавни приходи останува уште овој пат, односно до 15 март 2018 година, кога е крајниот рок за поднесување на годишните даночни пријави за 2017 година.

Од 1 јануари 2019 година, таа обврска престанува бидејќи тоа ќе го прави УЈП – електронски.

– Во „е-персонален данок“ ги вградивме најдобрите европски практики по македонски рецепт и развивме услуги со кои може да се носиме рамо до рамо со модерните даночни администрации. Новите електронски услуги за персонален данок овозможуваат во целост поедноставување на постапките и намалување на административниот товар за пријавување и за плаќање на данокот од страна на фирмите и на граѓаните – изјави денеска директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на завршниот настан од едногодишниот проект финансиран од Европската Унија, што овозможи креирање на новата електронска алатка на УЈП – „е-персонален данок на доход“.


ВМРО-ДПМНЕ реагира на Мирчевски: ЛЕД-дисплеите се набавени законски


Скопје, 15 јули, 2017 - 15:08 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ се огласи со реакција на денешната прес-конференција на  директорот на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчески, кој рече дека близу еден милион евра потрошила претходната влада за набавка на два ЛЕД-дисплеи и изрази очекување дека соодветна постапка ќе преземе Основното јавно обвинителство.

Партијата вели дека се е законски со набавката и порача дека СДСМ, ако има сомнежи во постапката, треба да поведе соодветна постапка.

„ЛЕД-мониторите кои ги спомнува партискиот директор на СОЗР се набавени во транспарентна процедура на законски начин и остануваат во сопственост на државата. Доколку има каков било сомнеж дека нешто е сторено надвор од законот, го повикуваме СДС да поведе соодветна постапка. Се друго е само гол политички популизам и манипулирање на јавноста од кое што граѓаните немаат никаква полза“, се вели во реакцијата.


Мирчески: Во време на криза, претходната власт дала милион евра за два ЛЕД-дисплеи


Скопје, 15 јули, 2017 - 13:15 (META) 

Близу еден милион евра потрошила претходната влада за набавка на два ЛЕД-дисплеи, соопшти денеска пред новинарите и пред јавноста директорот на Службата за општи и заеднички работи, Пеце Мирчески.

– Во услови кога Македонија била во севкупна економска и социјална криза, која била потребата некој да набавува ЛЕД-екрани за близу еден милион евра – праша тој.

Според постојната документација, првата од овие две набавки е за ЛЕД-дисплеј кој е наменет за фасадата за новата зграда на Факултетот за драмски уметности.  Таа е направена во 2015 година, а за дисплејот се платени 340.000 евра.

Вториот договор е склучен во 2016 година, за набавка на ЛЕД-екран за надворешна употреба, кој е поставен на палата АСНОМ. Овој дисплеј е платен 650.000 евра.

– Симптоматично е што овие исклучително нерационални набавки, платени со пари на граѓаните, ги направила една иста компанија. И во двата случаи фактурите се платени само еден ден по нивната испорака. Владата на Република Македонија, како и сите органи и министерства, ќе преземаат соодветни мерки секогаш кога ќе бидат констатирани и докажани злоупотреба на службената должност и злоупотреба на парите на даночните обврзници, во рамките на процедурите и интерните акти на институциите – рече Мирчески.

Тој изрази очекување дека соодветна постапка ќе преземе Основното јавно обвинителство.


Сметките за парно греење ќе можат да се плаќаат електронски


Скопје, 22 ноември, 2016 - 12:40 (META) 

Компанијата „Балкан енерџи“ воведе можност за електронско плаќање на фактурите за топлинска енергија.

– Новата платформа „Бег ипеј“ (BegEPay) на потрошувачите им овозможува на брз и едноставен начин да ги проверат, според име и датум, сите неплатени сметки за топлинска енергија на нивните станови и деловни простории и да ги платат по електронски пат, без дополнителни трошоци. Преку новата услуга може да се платат сите доспеани сметки, односно фактури, освен тие што се предмет на тужба – известуваат од компанијата.

За да може потрошувачот да го користи системот за електронско плаќање на сметките, потребно е да се регистрира, односно да креира свој кориснички профил, следејќи го упатството поставено на веб-страницата www.beg-snabduvanje.com.mk.


УЈП апелира пресметките за бруто-плата фирмите да ги доставуваат електронски


Скопје, 2 март, 2016 - 15:10 (META) 

Управата за јавни приходи (УЈП) апелира до фирмите пресметките за бруто-плата да ги доставуваат преку електронска прошта, за да не доцнат со исплатата на платите.

Оттаму појаснуваат дека мал дел од фимите не поднесуваат пресметки за бруто-плата електронски, туку ги носат на шалтерите во Управата.

– Оттаму апелираат и овој мал број обврзници да ги поднесуваат пресметките за бруто-плата преку електронска пошта celaplata@ujp.gov.mk, со што ќе заштедат време и трошоци, односно нема да имаат потреба да доаѓаат на шалтерите на УЈП – се вели во соопштението на УЈП.