Мијатовиќ од денеска нова комесарка за човекови права на Советот на Европа


Брисел, 3 април, 2018 - 10:16 (META) 

Поранешната претставничка на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, од денеска ја презема должноста комесар за човекови права на Советот на Европа и е првата жена која е на таа функција.

Мијатовиќ изјави дека нејзин приоритет ќе биде да се обезбеди примена на постоечки норми и почитување на човековите права и додаде дека за тоа е потребна политичка волја но и ангажирање на целото општество.

„Имам за цел да ја продолжам работата на претходните комесари и да ја одржам способноста на оваа институција, брзо и ефикасно да реагира во заштитата на човековите права. Верувам дека човековите права се универзални и ниту една земја не е надвор од нив“ , изјави Миајтовиќ.

Таа оцени дека најважно е да се постигне повторна афирмација и посветеност на човековите права и да се врати довербата во нивната важност.

Таа беше избрана од Советот на Европа на јануарското заседане и го наследува Нилс Муижниекс, а мандатот и трае шест години.


Мијатовиќ бара властите да ја гарантираат безбедноста на Борјан Јовановски


Сараево, 5 март, 2017 - 10:35 (META) 

Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, побара надлежните власти во Македонија да ја гарантираат безбедноста на новинарот Борјан Јовановски, кој во четвртокот беше нападнат во ресторан во Скопје.

– Ова е неприфатливо однесување. Уште еден бесрамен обид за замолчување на храбриот новинар Борјан Јовановски. Надлежните мора да ја осигураат неговата безбедност – напиша Мијатовиќ на својот твитер-профил.

Нападот на Јовановски се случи два дена откако екипата на „А1он“ беше нападната и претепана додека го покриваше вториот ден од протестот на граѓанската иницијативата „За заедничка Македонија“.


Мијатовиќ: Позитивен чекор е отфрлањето на лустрацијата на Костова


Скопје, 8 јули, 2016 - 15:38 (META) 

Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, ја поздрави одлуката на Управниот суд во Скопје за укинување на одлуката за лустрација на главната уредничка на неделникот „Фокус“, Јадранка Костова.

– Одлуката на Управниот суд за отфрлање на обвиненијата против Костова е позитивен чекор кон обезбедување ефективна рамнотежа меѓу целта на лустрацијата и целта за создавање слобода на медиуми во земјата – изјави Мијатовиќ.

Управниот суд вчера го поништи решението на Комисијата за верификација на фактите за лустрација на новинарката Јадранка Костова, главна уредничка на неделникот „Фокус“.

„Во правна ситуација кога оспорениот управен акт е поништен од судот, поништувањето дејствува наназад (ex tung) од донесувањето на актот, односно се поништуваат сите дејства што му претходеле на донесувањето на актот, како и сите правни дејства и последици предизвикани од тој акт“, се наведува во пресудата.