!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Грците разочарани од политичарите


Атина, 20 јануари, 2017 - 15:41 (META) 

Грчките граѓани остануваат песимисти дека политичарите од владата или опозицијата може да ги подобрат работите во државата. Нова анкета на солунскиот Универзитет „Македонија“, изработена за грчката телевизија „Скај“, покажува дека 72 отсто од Грците сметаат дека 2017 година ќе биде многу полоша од лани. Оптимисти дека работите ќе се подобрат се едвај 16 отсто од граѓаните.

Грчките граѓани не се надеваат дека економијата на државата и нивните финансии ќе се подобрат наскоро. Висок процент, 63 отсто, изјавиле дека во следните 12 месеци нивните лични финансии најверојатно или, пак, сигурно ќе се влошат.

Според анкетата, грчкото општество е значително разочарано од политичарите и од актуелната политичка состојба. Мнозинството од граѓаните, 88 отсто, сметаат дека државата се движи во погрешна насока.

Опозициската Нова демократија, според резултатите, и понатаму е во предност пред владејачката СИРИЗА. Десничарите водат со 14,5 отсто пред партијата на премиерот Алексис Ципрас. Подетално, Нова демократија има 30 отсто, а СИРИЗА 16,5 отсто гласови. Неонацистичката Златна зора останува стабилно на третото место со 7,5 отсто поддршка, а ПАСОК и Комунистичката партија се четврти со 6,5 отсто. Анкетата покажува дека три од партиите кои се сега во собранието, Река, Независни Грци и Унија на центристи, имаат од 2 до 2,5 отсто поддршка и неизвесно е дали, доколку има избори, повторно би влегле во собранието.

Доколку утре се распишат избори, 71 отсто од испитаниците сметаат дека ќе победи Нова демократија, а во победа на СИИЗА веруваат само 11,5 отсто. Според анкетата, најголемиот процент од испитаниците сметаат дека ниту Ципрас, ниту лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, се соодветни за премиер. Меѓу двајцата, сепак, води Мицотакис кој има поддршка од 33,5 отсто од испитаниците, додека Ципрас го поддржуваат како посоодветен премиер 20 отсто од граѓаните.

Мнозинството од испитаниците, 86,5 отсто, не се задоволни од работата на владата. Дури 72,5 отсто од гласачите на СИРИЗА исто така изјавиле дека не се задоволни од досегашната работа на владата.


Министерство за финансии: Намалена каматата на хартиите од вредност


Скопје, 10 јануари, 2017 - 16:28 (META) 

И покрај политичката пропаганда на СДСМ, кој настојува да ги прикаже државните хартии од вредност како нешто ненормално во јавноста, иако самите ги воведоа, довербата на инвеститорите во економските политики е огромна, што продонесе за намалување на каматата на државните хартии од вредност, се вели во реакцијата на Министерството за финансии на соопштението на СДСМ за задолжувањето.

Во него се додава дека инвеститорите побарале државни хартии од вредност во износ кој надминувал 5 милијарди денари, а Министерството запишало 1,9 милијарди денари во согласност со понуденото во проспектот.

– Како резултат на големата побарувачка на државните хартии од вредност на пазарот на капитал, каматата, односно цената што ја плаќа Министерството за финансии на инвеститорите е намалена за 0,2 процентни поени, што воедно е и најниската камата последниве години – се вели во соопштението на Министерство за финансии.

Во него се додава дека со буџетот за 2017 година предвидено е буџетскиот дефицит да се покрива и од домашни извори.

– Во моментот на пазарот на капитал има голема побарувачка за државните хартии од вредност, што значи дека тие можат да се издадат со пониска камата, односно со помала цена на капиталот – додаваат од министерството.


Опозицијата ги злоупотребува аукциите на државни записи за пропагандни цели


Скопје, 8 ноември, 2016 - 16:48 (META) 

„Со пласирање невистини и полувистини во јавноста, опозицијата ги злоупотребува аукциите на државни хартии од вредност во пропагандни цели. Доказ за тоа е што и дополнителниот заменик-министер за финансии Наумов и одредени медиуми, во настојувањето да прикажат дека државата се задолжува, испуштија да споменат дека вчера во стопанството се вратени 12,2 милиони евра врз основа на државни хартии од вредност“, се вели во реакцијата на Министерството за финансии на соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

– Секаде во светот економиите издаваат државни хартии од вредност и тие се значаен дел од пазарот на капитал. Доколку опозицискиот СДСМ смета дека овој фискален инструмент е негативен, тогаш зошто го вовеле во 2004 година и организирале аукции – се вели во соопштението на Министерството за финанасии.

Оттаму велат дека државните хартии од вредност се најсигурни хартии од вредност на пазарот на капитал и затоа и побарувачката за нив е голема.

– Големата побарувачка од страна на инвеститорите е доказ за нивната доверба во домашната економија и во економските политики што се спроведуваат од Владата. Сите средства од нето-повлекувањето со државни хартии од вредност остануваат на депозитната сметка – се додава во соопштението.


Опаѓа довербата на граѓаните кон институциите и кон партиите во Албанија


Тирана, 3 ноември, 2016 - 16:17 (META) 

Анкета спроведена од германската фондација „Конрад Аденауер“ помеѓу граѓаните во Албанија, на репрезентативен примерок од 1.951 испитаник, покажува дека довербата на граѓаните кон институциите опаѓа.

Само 9 отсто од анектираните му веруваат на претседателот на државата, 4 отсто доверба добил парламентот, владата има 12 отсто доверба, опозицијата – 10 отсто, а судството добило минимална доверба од 2 отсто. Истражувањето покажува дека високи 63 отсто од граѓаните не веруваат во ниту една институција.

Според анкетата, 70 отсто од прашаните граѓани сметаат дека политичарите воопшто не се грижат за секојдневните проблеми на граѓаните.

На прашањето „Дали политичарите навистина се посветени на решавањето на вашите проблеми“, 18 отсто од анкетираните одговориле „малку“, а високи 76 проценти од испитаниците одговориле „не“.


Мнозинството Грци сакаат решение на спорот за името, но без терминот „Македонија“


Атина, 22 октомври, 2016 - 11:15 (META) 

Повеќе од половина Грци не прифаќаат терминот „Македонија“ да стои во конечното решение за името на нашата земја, а само тројца од 10 Грци прифаќаат сложено решение за името во преговорите меѓу двете држави.

Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење во Грција околу македонско-грчките односи и спорот за името, спроведена од грчката фондација за надворешна политика „Елиамеп“ во соработка со Универзитетот „Македониа“, во рамки на програмата „Дијалог во Југоисточна Европа“ на Универзитетот „Колумбија“.

Анкетата која е спроведена на репрезентативен примерок од 1.000 лица, покажува дека со официјалната грчка позиција, односно сложено име со терминот „Македонија“, се согласуваат само 28 отсто од испитаниците, додека дури 57 отсто бараат конечното решение на името воопшто да не го содржи терминот „Македонија“. Само 10 отсто, односно еден од десет Грци поддржуваат Македонија да го задржи уставното име.

Од испитаниците, 77 отсто сметаат дека е важно да се реши прашањето за името. Во најголем процент станува збор за повозрасни луѓе со помал степен на образование, додека помладите и тие со повисоко образование не го гледаат спорот за името како особено приоритетен. Одолжувањето на решавањето на спорот, според 71 процент од испитаниците, ѝ наштетува на Грција.

Мнозинството од испитаниците не се оптимисти дека односите меѓу двете страни ќе се подобрат во следните години и главно веруваат дека ќе останат како што се или, пак, ќе се влошат. Сепак, 51,5 отсто сметаат дека решението за името би им било од корист и на двете страни.

Генерално, резултатите од истражувањето покажуваат дека сè уште има голем јаз на недоверба и негативни ставови меѓу двете општества и потреба македонските и грчките власти поактивно да работат на подобра подготовка на јавното мислење за прифаќање компромисно решение.

Мнозинството Грци, според анкетата, имаат негативно мислење за Македонија. Само 7,5 отсто од испитаниците ја гледаат нашата земја позитивно, додека 61,5 отсто имаат негативно мислење за Македонија.

Од македонска страна, според слично истражување кое беше спроведено во Македонија во рамки на истата програма на Универзитетот „Колумбија“, 69,7 отсто изјавиле дека имаат негативно мислење за Грција. Сепак, грчкиот негативен став, скептицизмот и непријателскиот однос кон странските држави изгледа како тренд меѓу грчкиот народ. Резултатите покажуваат дека 69 отсто од Грците имаат негативен став за Турција, 56 отсто негативен став за Германија и 51,5 отсто негативно мислење за Европската Унија. Позитивно мислење испитаниците имале само за Русија и за Србија.

Според анализата на „Елиамеп“, оваа општа недоверба на народот кон странските држави и организации влијае на зголемување на негативните ставови во Грција кон Македонија и кон Турција, со кои државата ги има најголемите отворени национални прашања.

Добра вест од целото истражување е дека генерално Грците не ја сметаат Македонија за закана во споредба со Турција.

Грците се отворени да ги прифатат Македонците во нивните општествени кругови и главно немаат проблем да имаат член во семејството или колега од нашата земја. Од испитаниците 44 отсто би прифатиле и не би имале проблем да имаат Македонец во семејството, 26,5 отсто не би имале проблем да имаат Македонец – колега, додека 21,5 отсто не би прифатиле ниту едно од двете.


Анкета на Институтот „Димитрија Чуповски“: ВМРО-ДПМНЕ со 11 отсто предност пред СДСМ


Скопје, 15 октомври, 2016 - 14:25 (META) 

За ВМРО-ДПМНЕ би гласале 27,6 отсто од граѓаните, за СДСМ 16,1 отсто, за ДУИ 6,3 отсто, а за ДПА 2,9 отсто од граѓаните, покажува најновата анкета направена од институтот „Димитрија Чуповски“, која била спроведена телефонски во периодот од 7 до 10 октомври на 1.237 испитаници.

За одговорот „ниту една партија“ се одлучиле 22 отсто од испитаниците, а „не знам“ одговориле 17,4 отсто.

Најголема доверба од политичарите има Никола Груевски, за кого се одлучиле 30,1 од анкетираните, 8,9 отсто му веруваат на Зоран Заев, за Али Ахмети се одлучиле 5,9 отсто од испитаниците, а за Мендух Тачи – 2,6 отсто. Во ниту еден политичар не веруваат 27,3 отсто од прашаните граѓани, а „не знам“ бил одговорот на 19,6 отсто.

Дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните избори сметаат 40,5 отсто од испитаниците, дека тоа ќе биде опозицискиот СДСМ сметаат 14,8 отсто, за ДУИ се одлучиле 7,6 отсто, а за ДПА 1,9 отсто. Без одговор биле 27,1 отсто од анкетираните.

Истражувањето покажува дека повеќе од половина, односно 53,2 отсто од анкетираните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ има подобра економска програма, додека 23,6 отсто сметаат дека економската програма на СДСМ е подобра.


Полицијата е корумпирана, но граѓаните ѝ веруваат, вели анкета на „Аналитика“


Скопје, 1 септември, 2016 - 13:04 (META) 

Полицијата е институција што ужива најголема доверба меѓу граѓаните, но таа е висококорумпирана, покажува истражувањето на јавното мислење на тема „Ставот на граѓаните околу работата на полицијата“, спроведено од „Поинтплус“, регионална мрежа на седум граѓански организации од Западен Балкан.

– Резултатите покажаа дека 58,5 отсто од испитаниците имаат главно или целосно доверба во полицијата. Но, една четвртина одговориле дека немаат апсолутно никаква доверба во полицијата. Жените повеќе ѝ веруваат од мажите, а кај младите од машки пол има најмала доверба. Освен тоа, нивото на доверба е најголемо кај вработените во јавниот сектор, потоа меѓу пензионерите, а кај студентите и кај невработените има најмалку доверба – вели Филип Стојковски од невладината „Аналитика“.

Иако половина од испитаниците се изјасниле дека имаат доверба во полицијата, сепак оваа институција ја сметаат за многу корумпирана. Дека полицијата е корумпирана, сметаат 57,6 отсто од испитаниците, а за највисоко корумпирана институција 67,2 отсто од анкетираните го сметаат судството.

Според истражувањето, граничната и сообраќајната полиција се најкорумпирани заедно со политичките соработници на министрите за внатрешни работи.

Дека политичарите имаат влијание врз работата на полицијата, сметаат 55 отсто од испитаниците, 41,2 отсто сметаат дека кандидатите се вработуваат преку политички врски, а две третини сметаат дека полицијата работи за заштита на интересите на одредени групи.

Истражувањето е спроведено преку телефонска анкета во април 2016 година, на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, од страна на агенцијата ИПСОС.


Македонија и Грција одржаа нова рунда разговори за мерките за градење доверба


Атина, 14 јуни, 2016 - 10:43 (META) 

Во Атина се одржа нова рунда разговори за мерките за градење доверба меѓу Македонија и Грција. Со оваа средба меѓу претставниците на грчкото и на македонското министерство за надворешни работи во Атина, се продолжува дијалогот за зајакнување на меѓусебната соработка во повеќе различни сектори за приближување на двете општества.

Според информациите од грчкото МНР, на оваа рунда разговори се разговарало за соработка во транспортниот и во енергетскиот сектор, начини за зајакнување на полициската соработка и за соработката во европските програми.

Двете страни се фокусирале на идеи за нови бизнис-соработки, но и на можности за академска соработка, цивилна заштита, соработка меѓу јавната администрација, здравствениот сектор. Се разговарало и за соработка меѓу дипломатските академии на Македонија и на Грција.

Разговорите се одржале во пријателска и конструктивна атмосфера. Двете страни се договориле следниот состанок за мерките за градење доверба да се одржи во Скопје, на почетокот од септември.

Македонија и Грција го потпишаа договорот за мерки за градење доверба лани, на 24 јуни, при посетата на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас на Скопје. Претходната рунда разговори беше во април во Скопје, непосредно по тет-а-тет средбата на Коѕиас и на Никола Попоски на маргините на Солунскиот самит за бегалската криза, со која беше ублажена тензијата меѓу двете страни поради инцидентите со бегалците на македонско-грчката граница.

Билатералниот спор, кој не е тема на овие состаноци меѓу грчкото и македонското МНР, можно е викендов да се најде како тема на агендата на грчкиот државен врв поради посетата на генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, на Атина.

Освен со премиерот Алексис Ципрас, в сабота Бан Ки-мун ќе се сретне и со Коѕиас, со кој покрај за бегалската криза и за кипарското прашање, постои можност да разговара и за спорот за името во кој посредуваат Обединетите нации.


Анкета на ИРИ: Паѓаат рејтинзите на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ, но сè уште водат


Скопје, 9 јуни, 2016 - 15:26 (META) 

Педесет и пет отсто од граѓаните сметаат дека поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не си ја завршува добро својата работа и не заслужува реизбор, а 33 отсто сметаат дека заслужува повторно да се најде на таа функција, покажува најновото истражување на направено од Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Груевски, од 66 отсто поддршка во  јуни 2008 година, падна на само 33 отсто.

За пет отсто опадналa довербата на Груевски и во споредба со претходното истражување во јануари 2016, кога 38 отсто од испитаниците сметале дека не заслужува реизбор, а 47 дека заслужува.

На прашањето „Доколку сите партии учествуваат на изборите, за која партија ќе гласате доколку предвремените избори се одржат денеска?“, 27 отсто од испитаниците би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, 18 отсто за СДСМ, 23 отсто биле без одговор, за ДПА би гласале 3 отсто, за ДУИ 6 отсто, а ливчето би го поништиле 9 отсто.

rejting partii

Во споредба со истражувањето направено во јануари оваа година, ВМРО-ДПМНЕ има намален рејтинг за 4 отсто, СДСМ има зголемен рејтинг за 3 отсто, а ДУИ има идентичен рејтинг.

Најдобар рејтинг од политичарите има Никола Груевски, за кого се одлучиле 21 отсто од испитаниците. Сепак, Груевски има пад на рејтингот за 2 отсто во споредба со јануари оваа година, кога рејтингот му бил 23 отсто.

Зголемување на рејтингот од еден отсто има кај Зоран Заев, кој според последното истражување има рејтинг од 9 отсто.

Али Ахмети, како во претходните истражувања така и сега, има рејтинг од 4 отсто, додека на претседателот Иванов му се намалил рејтингот од 4 на 2 отсто.

На прашањето „Дали ја поддржувате или не ја поддржувате одлуката на претседателот Иванов да ги помилува сите политичари и нивни соработници?“, 53 отсто одговориле дека целосно не ја поддржуваат, 14 отсто до некаде ја поддржуваат, 12 отсто одговориле „не знам“, 11 отсто дека до некаде не ја поддржуваат и 9 отсто дека целосно ја поддржуваат одлуката.

Високи 70 отсто од испитаниците сметаат дека политичарите што беа помилувани од претседателот за дела поврзани со политичката криза и со прислушувањето не треба да бидат кандидати за пратеници на претстојните парламентарни избори, а 12 отсто сметаат дека треба да бидат.

pomiluvani za kandidati za pratenici

Работата на СЈО за решавање на скандалот со прислушувањето целосно ја поддржуваат 42 отсто од анкетираните, 21 отсто до некаде ја поддржуваат, 17 отсто целосно не ја поддржуваат, 12 отсто одговориле „не знам“, а 9 отсто до некаде не го поддржуваат.


Дијаметрални разлики во анкетите околу поддршката за СЈО и за Катица Јанева


Скопје, 9 јуни, 2016 - 11:00 (META) 

Анкетите направени од неколку агенции за испитување на јавното мислење покажуваат дијаметрално спротиставени разлики во однос на рејтингот и на довербата што Специјалното јавно обвинителство и обвинителката Катица Јанева ја имаат кај граѓаните.

Најновата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон покажува дека 63 отсто од испитаниците ја поддржуваат работата на Специјалното јавно обвинителство што ги истражува случаите што произлегоа од скандалот со прислушувањето.

Пред неполн месец, на 12 мај, институтот „Павел Шатев“ објави анкета чии резултати покажуваат дека високи 60 проценти од анектираните немаат доверба во Катица Јанева и во СЈО, а дека 25,2 отсто имаат доверба во оваа институција.

Истиот институт, на 18 март објави анкета според која во Катица Јанева и во Специјалното јавно обвинителство немаат доверба 64,3 отсто од испитаниците, 23,4 отсто имаат доверба, додека 12,3 отсто биле без одговор.

Агенција за истражување на јавното мислење, „Брима Галуп“, за потребите на порталот „Република“, на 12 февруари објави анкета чии резултатите покажуваат дека дури 50 отсто од граѓаните немаат доверба во Катица Јанева, за разлика од 32,4 отсто кои го мислат спротивното.