ИРИ: Од работата на Арсовска незадоволни се над 70 отсто анкетирани скопјани

Градскиот превоз, урбаното планирање и развој, безбедноста, корупцијата кај градските власти се посочени на врвот на листата проблеми со кои се соочува Скопје

Фото: Град Скопје

Околу еден процент анкетирани скопјани се многу задоволни од работата на градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, додека 19 проценти се донекаде задоволни од нејзината работа. Педесет проценти се изјасниле дека се многу незадоволни од нејзината работа, а 21 отсто дека се донекаде незадоволни.

Ова го покажува најновата анкета на Интернационалниот Републикански Институт (ИРИ). Анкетата е направена меѓу 8 април и 4 мај, на примерок од 1.204 испитаници. Од нив, околу 400 лица биле од Скопје.

Споредено со претходната ИРИ анкета, направена лани во октомври, ова се двојно полоши резултати за скопската градоначалничка.

На прашањето дали Арсовска треба да биде резибрана за градоначалник на главниот град, 29 проценти од испитаниците одговориле потврдно, додека 53 отсто негативно. Осумнаесет проценти се изјасниле дека не знаат или не сакаат да одговорат.

Градскиот превоз, урбаното планирање и развој, безбедноста, корупцијата кај градските власти се посочени на врвот на листата проблеми со кои се соочува Скопје.

Од институциите, според анкетата на ИРИ, најниска доверба македонските граѓани имаат во обвинителството и во судството, во кои само 1 процент од анкетираните имаат целосна доверба, додека повеќе од половина од анкетираните имаат целосна недоверба.

Ниска доверба има и Државната комисија за спречување на корупцијата, политичките партии, Собранието и Владата. Наспроти ова, граѓаните изразиле најмногу доверба во банките, медиумите, образовните институции, полицијата и општинските власти.

Претседателот Стево Пендаровски е политичарот кому граѓаните најмногу му веруваат во моментот, според анкетата на ИРИ. Со 12 отсто целосна доверба кај испитаниците, плус 26 отсто со делумна доверба, претседателот Пендаровски се најде на врвот на најновата анкета. Втор на листата е експремиерот Никола Груевски, а трет Христијан Мицкоски.

На прашањето за која партија би гласале ако изборите се следната недела, разликата меѓу двете најголеми партии е иста како и во октомври: за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 19 отсто, за СДСМ – 11, а поддршката за ДУИ е зголемена од 7 на 8 отсто.

Популарноста на Левица паднала два поена, од 6 на 4 отсто. Втора партија во албанскиот блок е Алијансата за Албанците со 5 отсто.

Анкетата на ИРИ покажува зголемена е поддршката за членство во ЕУ. На прашањето дали ја поддржуваат интеграцијата на земјата во Европската Унија, 79 отсто од испитаниците одговориле со „да“. Ова претставува раст од шест процентни поени во однос на анкетата извршена во октомври лани.

Според анкетата на ИРИ, повеќето од граѓаните немаат доверба во владеењето на правото. Само 31 проценти од испитаниците се согласиле дека законот еднакво се применува за сите граѓани на Македонија, што е најниско ниво досега.